Старата градинка „Кочо Рацин“ во Капиштец изградена далечната 1947 година, со азбестни цементни ѕидови, со мувла по ѕидовите, руинирани подови, искршени и стари креветчиња и кујна која одамна го ислужила своето, конечно замина во историјата, известуваат од општина Центар.
Како што соопштуваат од таму, градоначалникот Андреј Жерновски и советниците не дозволуваат децата да престојуваат во објекти кои се штетни за нивното здравје.
„Општина Центар ги започна подготвителните работи и отстранувањето на стариот објект, по што ќе почне изградбата на нова, современа градинка, во која децата ќе се вселат во јуни 2015 година. Сега 170 деца се сместени во четири други клонови на градинките на територија на општина Центар. Новата градинка во Капиштец ќе има 2000 м2, ќе биде на два спрата и ќе го зголеми опфатот на деца од 170 на 250. Буквално се’ во градинката ќе биде ново, на сензор, ќе биде градена според стандардите за енергетска ефикасност, кујната ќе биде по ХАСАП стандардите, дворот ќе биде збогатен со 140 високо стеблести дрвја, ќе се реконструира детскиот брод, а за децата ќе бидат набавени нови, квалитетни играчки“, велат од општината Центар.
За новата градинка општина Центар издвои 112.000.000 денари од новиот буџет.