Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ најави дека новиот модел кој ќе користи водород и ќе се појави на пазарот во 2015 година, ќе чини 50.000 евра. Кон крајот на минатата година од „Тојота“ најавија дека во склоп на заложбите за зелено производство и ефикасно користење на ресурсите, до 2015-та ќе започнaт со сериско производство на автомобили на водород.
Сите водечки производители на автомобили, вклучувајќи ги General Motors и Daimler, со децении работат на автомобили кои користат водород како гориво. Стручњаците оценуваат дека во земјите каде на улиците ќе се најдат такви возила, голем проблем ќе претставува обезбедувањето на пумпи за полнење со водород, за што се потребни сериозни вложувања. Од друга страна, голем предизвик се и барањата во поглед на сигурноста во производството, транспортот и складирањето на водородот. Меѓутоа, како главни предности на овој концепт се наведуваат побрзото полнење во споредба со електричните автомобили, како и минувањето на подолго растојание со едно полнење.