Во современото урбанистичко планирање, начинот на кој се обликуваат јавните простори има значително влијание врз квалитетот на животот во градовите. Меѓу различните пристапи, урбанистичкиот концепт познат како placemaking (мак. создавање места) се истакнува како концепт што не се фокусира само на физичката изградба, туку и на создавање простори што активно ги подобруваат искуствата и интеракциите на луѓето.
Во овој текст ќе се прикажат различните типови на концептот создавање места, почнувајќи од стандардното и тактичко создавање места – два типа, што нудат различни стратегии за трансформација на урбаните простори.
Концептот на создавање места се развива во 70-тите години на минатиот век, поттикнат од урбанисти и активисти како Јан Гел, Џејн Џејкобс, Фред Кент и Вилијам Х. Вајт, кои воведуваат нови пристапи во обликувањето на градските простори и унапредувањето на јавниот живот. Кон средината на 70-тите години од минатиот век, се основа непрофитната организација Project for Public Spaces (мк. проект за јавни простори), која го дефинира создавањето места како заеднички процес во кој луѓето активно учествуваат во дизајнирањето, создавањето и одржувањето на својата заедница. Овој пристап има за цел да развие простори што не се само функционални, туку и социјално и емоционално значајни, овозможувајќи рекреација, комуникација, економска активност и градење на колективен идентитет (PPS, 2015).
Концептот на создавање места се појавил како критика на традиционалното, ригидно планирање кое го спроведуваат институциите и носителите на моќ. Неговата популарност произлегува од можноста да понуди релевантна и неформална алтернатива на планирањето, која ги зема предвид потребите на луѓето и ги анализира постојните изводливи опции. Во одредена мера, отсуството на однапред утврден и стриктно дефиниран работен процес претставува суштински дел од филозофијата на создавањето места (Fingerhut & Alfasi, 2023; Markusen, 2013).
Полето на создавање места постојано се проширува, вклучувајќи го не само јавниот сектор, туку и приватни компании, невладини организации, фондации и поединци, со цел тие да имаат активна улога во обликувањето на урбаните простори. Овој концепт опфаќа повеќе аспекти – од планирање и дизајн до управување и развој на јавните простори.
Се разликуваат четири типа: стандардeн, тактички, креативен и стратешки. Секој од нив се разликува во однос на начинот на формирање на просторот, неговата функција и употреба, како и во зависност од потребите на заедницата и од општествените можности. Овие типови се развиени со цел да постигнат конкретни резултати, како што се привлекување и задржување талентирани професионалци, активирање на простори преку уметност и културни проекти, како и трансформација на јавните простори преку брзи, економични и привремени интервенции.
Слика 1 – 4 типа на создавање места
Слика 2 – Клучни елементи за квалитетен јавен простор
СТАНДАРДНО СОЗДАВАЊЕ МЕСТА
Стандардното создавање места претставува општ и универзален пристап кон осмислувањето јавни простори, и е тесно поврзан со поимот на квалитетно место (анг. quality place), кој е дефиниран од организацијата Проект за јавни простори. Оваа организација идентификува 11 клучни принципи за трансформација на јавните простори во динамични и атрактивни места што поттикнуваат силна поврзаност со урбаната заедница:
- Идентификување на потенцијалите ресурси и на ресурсите во заедницата
- Создавање простори што поттикнуваат чувство на припадност, нудат удобност, атрактивен урбан амбиент, разновидни активности и начини на користење
- Пронаоѓање соработници
- Надминување на предизвиците преку соработка со различни организации
- Набљудување/опсервација на просторот пред и по интервенцијата
- Развивање јасна визија за јавниот простор
- Вклучување на локалната заедница – жителите и потенцијалните партнери во процесот на проектирање на просторот
- Обезбедување социјална интеракција преку стратегиско поставување елементи во просторот
- Тестирање на пристапи што се брзи, економични и лесни за имплементација
- Ангажирање на заедницата за оптимизација на трошоците
- Континуирана евалуација и одржување на јавните простори
Овие принципи се темел на стандардниот пристап кон создавање места, кој има за цел создавање долгорочно одржливи, функционални и инспиративни јавни простори.
Слика 3 – Разлики помеѓу создавање места и урбанистички планови
Стандардното создавање места опфаќа широк спектар на проекти и активности, кои се спроведуваат од јавниот, непрофитниот и од приватниот сектор, индивидуално или насочено, во подолг временски период. Дејностите во рамките на стандардното создавање места се поделени на проекти и активности, секој со специфичен фокус. Вообичаени проекти од овој пристап вклучуваат подобрување на уличните фасади во централните делови на градот, рехабилитација и адаптација на станбени простори, унапредување на зелените површини (градски паркови и сл.). Од друга страна, активностите поврзани со стандардното создавање места опфаќаат редовно одржување на програмски настани во јавните простори, како што се тротоари, улици, градски плоштади, јавни згради, паркови, крајбрежни зони и други урбани локации.
Слика 4 и 5 – Ревитализација на јавен простор преку стандардно создавање места
Слика 6 – Трансформација на јавен паркинг во пешачка зона во Холандија (2014 – 2024)
Според Државниот универзитет во Мичиген САД, за успешна имплементација на стандардниот тип на создавање места и негов прогрес, граѓаните и заедницата треба да исполнат четири фази:
- Започнување со мали и едноставни проекти – Првиот чекор во создавањето места треба да биде иницирање на скромни, но остварливи проекти. Секој нареден проект треба да се надоврзе на веќе успешно реализираните иницијативи.
- Поставување на јасни приоритети – Наместо да се обидуваат да направат сè одеднаш, заедниците треба стратешки да ги одредат приоритетите за подобрување на просторот.
- Искористување на сите нови можности – Секој развоен проект или граѓанска иницијатива има потенцијал да придонесе кон создавањето места, па затоа е важно тие можности да се препознаат и искористат кога ќе се појават.
- Применување на специјализиран тип создавање места – При иницирање нови активности, треба да се избере оној тип создавање места што најдобро одговара на конкретните цели и потреби на заедницата.
Слика 7 – 4 услови за успешна имплементација за создавање места
ТАКТИЧКО СОЗДАВАЊЕ МЕСТА
Подобрувањето на урбаната животна средина започнува на микрониво, преку интервенции на една улица, а потоа постепено се проширува кон урбаните блокови и кон цела градска четврт, следејќи фаза на помали и едноставни подобрувања кои овозможуваат реализација на поголеми проекти. Овој пристап им овозможува на локалните чинители да тестираат нови концепти во јавниот простор пред да преземат формални политички и финансиски обврски.
Овој тип на интервенција е најчесто познат под термините: герилски урбанизам (анг. Guerrilla urbanism), поп-ап урбанизам (анг. Pop-up urbanism) и „направи сам“ урбанизам (анг. D.I.Y. urbanism).
Најопштоприфатената дефиниција на концептот на тактичко создавање места е дадена од Универзитетот во Мичиген : „Тактичкото создавање места претставува процес на креирање квалитетни урбани простори преку краткорочни интервенции, со можност за брза имплементација и ниски трошоци.“
Овој пристап се заснова на адаптивност, експериментирање и инклузивност, овозможувајќи ефикасна и одржлива урбана трансформација на помали простори.
Слика 8 – Едноставно решение преку тактички пристап за активација на простор
Слика 9 – Тактички пристап за добивање простор за социјализација
Тактичкиот урбанизам претставува збир на пристапи кои имаат за цел подобрување на урбаните функции преку тестирање на различни решенија на привремена и нискобуџетна основа, пред да се реализираат поголеми инвестиции што потенцијално би можеле да се покажат како неоправдани или да не добијат одобрување без претходно позитивно искуство од теренски тестирања. Овој пристап е особено значаен во испитувањето на алтернативни модели за транспорт и мобилност (напомена: во овој случај не се подразбираат капитални проекти како БРТ и сл., туку велосипедски патеки, патеки за електрични тротинети и сл. превозни средства). Наспроти ова, пристапот полесно, побрзо, поевтино (LQC) се фокусира главно на активирање на постојните јавни простори преку воведување нови активности со цел да се привлечат поголем број корисници и да се поттикне виталноста на тие простори (Lydon & Garcia, 2015).
Слика 10 – Тактички пристап за зголемување на безбедноста на улиците
Слика 11 – Тактички пристап за пренамена на дел од коловозот
Двете иницијативи им овозможуваат на граѓаните итно обновување, редизајнирање или репрограмирање на јавниот простор, нудејќи флексибилни и динамични решенија за урбана трансформација. (крај на 1 дел).
Автор: д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.
Библиографија:
- Fingerhut Z., & Alfasi N. (2023). “Operationalizing Community Placemaking: A Critical Relationship-Based Typology”, Sustainability, 15(8), 6371. https://doi.org/10.3390/su15086371
- Project for Public spaces (2015). “Placemaking discussion paper – official plan review”
- Lydon, M., Garcia, A. (2015), “Tactical Urbanism: Short-term Action for Long-term Change”, vol. 1, Washington, USA: Island Press.
- Markusen, A. (2013). “Fuzzy concepts, proxy data: Why indicators would not track creative placemaking success”. International Journal of Urban Science, vol.17, pp. 291–303
- Michigan State University (2015). “Placemaking as an economic development tool”, MSU Land Policy Institute, USA