Насловна / Екологија / Прва регионална конференција за одржлив развој во Охрид

Прва регионална конференција за одржлив развој во Охрид

regionalna konferencija vo ohrid

Денес во Охрид почна со работа Првата регионална конференција за одржлив развој на енергетски, водни и околински системи. Повеќе од 120 учесници – научници, професори, експерти од 32 држави од регионот и целиот свет ќе учествуваат на овој настан.
Наташа Марковска, научен советник во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, појасни дека собирот во Охрид е осмислен да биде со регионален предзнак, но истовремено отворен за учество на сите заинтересирани држави од светот, се со цел да биде овозможен двостран проток на информации, размена на искуства и знаења со цел унапредување на методите, политиките и технологиите за постигнување одржливост, преку премин кон економија базирана врз знаење.
Професорот Невен Дуиќ од Машинскиот факултет при Свеучилиштето во Загреб истакна дека интенција на конференцијата е обединување на експертите од областите на енергетиката, водите, заштитата на животната средина, се со цел изнајдување најдобри начини како да се искористи заштитата на животната средина како елемент за развој.
„Можеби најважен дел од овие активности е изнаоѓањето евтини начини за покренување процеси што ќе го поддржуваат одржливиот развој, согласно економските капацитети на државите од регионот, за покренување таков тип развојни процеси. На ваквите собири дискутираме како од трошоците наменети за економски развој да оствариме добивка“, нагласи професорот Дуиќ.
Кога станува збор за регионот, Дуиќ истакна дека тој од една страна е доста заостанат, но истовремено со огромни потенцијали за развој.
„Потенцијалите се во можностите за отворање нови работни места, преку пресликување на проверени модели, односните сектори за да се искористат за вработувања, што е од голема важност за регионот“, истакна професорот Дуиќ.
Експертот од Хрватска уште нагласи дека легислативата во рамки на процесот на транзиција и приклучување на државите од регионот кон ЕУ треба да се искористи во насока на овозможување локален развој.
Академик Глигор Каневче смета дека Репблика Македонија е во голем степен посветена на одржливост на нејзиниот севкупен развој, односно дека се грижи да обезбеди развој што ќе води сметка за заштитата на животната средина.
„Доста се работи на изнаоѓање начини како да се намалат негативните ефекти врз животната средина од развојните процеси. Во тоа најмногу помагаат мерките за што поголема заштеда на енергијата. Енергетската ефикасност е еден од приоритетите во нашиот натамошен развој“, истакна академик Каневче.
На форумот организиран од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, Универзитетот од Загреб и Техничкиот институт од Лисабон, ќе бидат презентирани 136 научни трудови од разни области, со предавања од тројца врвни предавачи од Австралија, Унгарија и Австрија, како и две панел дискусии – за улогата на научната дијаспора во процесот на остварување на одржливиот развој и улогата на централното греење во идните енергетски системи.

Испрати коментар

Scroll To Top