Како за оние во татковината, така и, особено, за оние надвор од татковината најдоброто нешто е кога ништо не се пишува во светските медиуми за вашата земја. Проблемот е кога таа ќе се најде во фокусот на медиумите, со оглед дека најчесто во фокусот се најлошите вести. За жал, дискотеката „Пулс“ во Кочани во Северна Македонија стана ударна вест во светските медиуми во недела 16-ти март 2025 година откога пожарот ја обвитка земјата во црно и тага.
Во услови кога една трагедија допрва ќе се истражува, ниту може, ниту пак е умесно да се дискутира за истата, за да се избегнат шпекулации и дезинформации. Од тука во овој текст ќе се направи обид да се прикаже англискиот пристап кон определувањето на максималниот капацитет на еден лиценциран објект којшто ќе се користи за организирање на настан и дополнителни аспекти коишто вообичаено се земаат во предвид. Пресметките се изготвуваат според англиските градежни прописи, а проверката на истите се врши од страна на општинската службата за издавање на лиценци за организирање и одржување на настани, општинската градежна инспекција, и регионалната служба за заштита од пожари и спасување. Пресметката со која се определува максималниот капацитет на објектот е задолжителен прилог при изработката на елаборатот за ризик од пожар кој мора да постои за секој јавен објект и е пресметка која треба да се провери пред секој настан за истата да ажурира до колку има потреба.
Пресметка на теоретски максимално дозволен број на лица во простор или објект
Врз основа на плановите на објектот треба точно да се дефинираат намените на секоја просторија или простор во објектот. При ова скалишните простори, коридорите, тоалетите не се земаат во предвид во пресметките.
За секој преостанат простор во објектот се пресметуваат површините и со примена на пропишаниот коефициент за подната површина (Табела 1) според намената на просторот се пресметува поединечниот и теоретски максимално дозволениот капацитет на објектот.
На пример, во случајот на дискотека со жива музика, со дел за седење, и дел каде е дозволено служење на пијалоци пресметките би требале да ги опфтат барем следниве елементи:
- Делот на сцената (површината поделена со соодветниот коефициент на подната површина)
- Бројот на места за седење.
- Делот барот / шанкот (површината на зоната на барот/шанкот поделена со соодветниот коефициент на подната површина)
- Делот за танцување (површината поделена со соодветниот коефициент на подната површина)
Така врз основа на погорнава пресметка ќе се определи теоретски максимално дозволениот број на лица во просторот или катот на објектот.
Определување на капацитетот на излезите
Во следната фаза на пресметката треба да се определи капацитетот за евакуација од просторот низ постојните патеки за излегување и излези. При ова за простории со еден излез и со врата која се отвара кон внатре со прописите е ограничен бројот на лица во просторот на најмногу 60, без оглед на тоа колкав е теореткси максимално дозволениот капацитет на објектот.
Во сличај на излезни врати коишто се отвораат кон надвор се смета дека врата:
- со ширина од 75 см може да евакуира најмногу 60 лица,
- со ширина од 85 см може да евакуира најмногу 110 лица, а
- со ширина од 105 см може да евакуира најмногу 220 лица.
Во случаи кога во просторијата престојуваат повеќе од 220 лица тогаш пресеметките за ширината на патеките за евакуација и излезите во линецираните објекти се пресметуваат според формулата дека 0,5 см се потребни за секое лице. Значи за лиценциран простор со капацитет од 1500 лица, минимално потребаната ширина на патектите за излегување и на излезите треба да биде 750 см. За одбележување е да се посочат барем две работи. Првата се однесува на тоа дека ширината на патеката за евакуација не може да биде помала од ширината на излезот за да не се создаде „тесно грло“ со што ќе се наруши непреченото течење на евакуацијата. Втората е дека при пресметките за ширина на излезот се зема „ефективната светла ширина на отворот“ т.е. од најиспакнатиот дел на кваката или механизмаот за отворање на врата до најиспакантион дел од рамката / касата на вратата мерено под агол од 90 степени од ѕидот во кој се наоѓа вратата. Од тука, можноста на вратата да се отвори повеќе од 90 степени и соодветниот избор на браваријата играат голема улога во однос на тоа колку ќе биде „ефективната светла ширина на отворот“. Сите врати мораат или лесно да се отвораат во случај на пожар или пак да бидат позврзани со автоматскиот систем за дојава на пожар при што при активирање на алармот автоматски ќе се отклучат сите излези за евакуација од просторот или катот на објектот.
Минималниот број на патеки за евакуација и излези се пресметува врз основа на максималниот број на лица во просторот или катот на објектот, и тоа како следува:
- најмалку еден излез за простор или кат со најмногу 60 лица (вратата може да се отвора и кон внатре и кон надвор).
- најмалку два излеза за простор или кат со најмногу 600 лица (вратите мораат да се отвораат надвор).
- најмалку три излеза за простор или кат со повеќе од 600 лица (вратите мораат да се отвораат кон надвор).
Се разбира бројот на употребливи излези во просторијата или катот ќе зависи и од тоа што ќе се случи во случај на пожар во просторот или катот, со оглед дека лесно може да се случи излез да не биде достапен за евакуација доколку во близина на истот е лоциран пожарот. Од тука, според англиските прописи при пресметките за максимално дозволен капацитет на објектот најголемиот излез од просторот или катот на објектот не се зема во предвид. Значи во случај на простор со два излези од кои едниот е со широчина од 105 см, а другиот со широчина од 75 см, оној од 105 см нема да се земе во предвид за евакуација, и ќе се смета само оној од 75 см коешто ќе го огранички максимално дозволениот капацитет на само 60 лица без разлика на големината на просторот.
Дополнително, според прописите во пресеметките не се земаат во предвид излези којшто се поставен во близина на друг излез доколку излезите гледано од местот на лицето кое ќе се евакуира се поставени на агол од или помал од 45 степени. Ова е затоа што во случај на пожар во внатрешноста на објектот пожарот може да ја оневозможи евакуацијата од двата излези.
Врз основа на погорното ќе се дефинира максимално дозволениот капацитет на просторот или катот во објектот.
Дополнителни аспкети на евакуација
Патеките за евакуација и излезите треба да овозможат навремена евакуација на корисниците на просторот од зоната на ризик до најблиската сигурна зона (заштитена со противпожарна врата) или до крајниот излез од објектот. За простори со нормално ниво на ризик времето на евакуација не смее да надмине 150 секунди (2,5 минути). Во случаи на зголемено ниво на ризик времето на евакуација треба да се намали, додека во случаи на намалено ниво на ризик времето на евакуација може да се зголеми. Намалувањето може да се случи само кај оние простори и објекти каде постојат вградени системи за автоматско гасење на пожар, каде просториите се со голема височина со оглед дека чадот ќе се искачи кон плафонот на просторот и со тоа помалку оптоварена зона со чад ќе овзоможи повеќе време за евакуација или пак во услови кога во просторот постојат системи за автотамска вентилација на просторот во случај на пожар. Сите вакви одстапувања од прописите можат да се разгледаат само врз основа на пресметки и докази од квалкификуван (овластен или лиценциран) инженер за заштита од пожари и евентуално да се одобрат од општинската градежна инспекција по позитивно добиено мислење од регионалната служба за заштита од пожари и спасување.
Врз основа на овие параметри се определуваат и дистанците кои лице треба да ги помине за да се евакуира до најблиското место на релативна сигурност: 18 метри во услови кога од просторијата има само една патека за излез и еден излез и 45 метри кога има повеќе патеки за излези и повеќе излези. Овие правила важат само во услови кога станува збор за простори на едно ниво без седишта во редови и за нормално ниво на ризик.
Патеките кон излезите и излезите треба да бидат без пречки, да не се лизгаат или пак да имаат промени во рамнината на површина кој можат да предизвикаат сопнување, и треба да бидат соодветни за сите корисници на објектот вклучително на оние со пречки. Исто така патеките кон излезите треба да бидат осветлени со ознаки за бегање во ургентни случаи и достапни за припданиците на итните служби.
Се вели дека синџирот е толку силен, колку што е силна и најслабата алка во него. Така е и со прописите и правилата. Едно мала слабост во синџирот за почитување на правилата и прописите може да доведе до катастрофални последици, потврдени со трагедии коишто се случиле и се случуваат дури и во најразвиените земји во светот.
Да се надеваме дека предстојните истраги ќе ги утврдат причините за трагедијата во Кочани од која ќе се извлечат соодветни поуки за тоа како ваква трагедија да не се повтори, како и дека наделжените ќе ги применат пропишаните санкции кон оние коишто со своето однесување и постапки придонеле кон истата.
Поучени од искуствата од 9/11 и според фотографиите од надворешноста на објектот се чини дека делумно срушениот кров на објектот како да е од брановиднии азбестно-цементи покривни плочи. Од тука веројатно ќе треба да се земе во предвид и нивото на потенцијална контаминација на сите изложени лица и опкружувањето на објектот со азбестни влакна со сите можни поселедици коишто можат да произлезат од ова.
Со изрази на длабоко сочувство кон семејставата и најблиските на загинатите и желби за поскоро оздравување на повредените!
Литература:
- https://assets.publishing.service.gov.uk/media/67d17064a005e6f9841a1d50/Approved_Document_B_volume_2_Buildings_other_than_Dwellings_2019_edition_incorporating_2020_2022_and_2025_amendments_collated_with_2026_and_2029_amendments.pdf
- https://www.firesafe.org.uk/basic-means-of-escape-from-fire/
- https://www.twfire.gov.uk/wp-content/uploads/2018/11/Occupancy-Figures-Calculation-Guidance.pdf