Насловна / Архитектура / Најнови информации за облакодерот висок дури еден километар

Најнови информации за облакодерот висок дури еден километар

По повеќегодишна пауза, повторно започнаа работите на Jeddah Tower во Саудиска Арабија. Овој амбициозен проект, кој е дел од пошироката визија за развој на земјата, треба да ги собори сите досегашни рекорди и да стане највисоката зграда во светот.

Jeddah Tower е мегависок облакодер кој се гради во пристанишниот град Џеда, сместен на брегот на Црвеното Море. Оваа зграда, некогаш позната како Kingdom Tower, ќе стане првиот облакодер во светот кој ќе надмине висина од еден километар.

Иако конечната висина не е официјално потврдена, според сегашните податоци, кулата ќе достигне најмалку 1.001 метар, што ќе го надмине актуелниот светски рекорд што го држи Бурџ Калифа во Дубаи (830 метри). Покрај тоа, се проценува дека ќе има до 167 ката над земја, надминувајќи ја Бурџ Калифа која има 163.

Интересно е што некои извори наведуваат дека ќе има вкупно 252 нивоа, но не е прецизирано колку ќе има над, а колку под земја.

Детали за проектот

Проектот Jeddah Tower е на Adrian Smith, истакнат архитект специјализиран за изградба на облакодери, кој беше и главен архитект на Бурџ Калифа. Неговото студио Adrian Smith + Gordon Gill Architecture работи на овој проект во соработка со градежните инженери од компанијата Thornton Tomasetti.

Инвеститор на проектот е Kingdom Holding Company, во партнерство со Jeddah Economic Company, а се проценува дека вкупната вредност на изградбата ќе достигне 1,23 милијарди долари.

Кулата ќе има триаголна, заострена форма, ќе биде изработена од армиран бетон и челик и покриена со стаклена фасада. Овој специфичен дизајн не само што ќе придонесе за естетиката, туку и ќе помогне да се намали оптоварувањето од ветер на големи височини.

Архитектот инспирацијата за обликот на зградата ја пронашол во листовите од палми, додека посебен визуелен елемент ќе биде испакнатиот балкон со дијаметар од 30 метри, кој ќе се наоѓа на висина од околу 600 метри.

Jeddah Tower се наоѓа во Jeddah Economic City, комплекс од 5,3 милиони квадратни метри, кој е дел од поголемиот план за економски развој на Саудиска Арабија наречен Визија 2030. Целта на проектот е да привлече инвеститори и туристи, унапредување на деловниот и станбениот простор на брегот на Црвеното Море.

Покрај облакодери, овој град ќе опфати и бројни комерцијални и станбени објекти, а со целиот мастер план вреден 20 милијарди долари раководи HOK Architects.

Внатрешноста на кулата

Според достапните информации, во кулата ќе има станови, деловни простории, хотел Four Seasons и видиковец со панорамски поглед. Предвидено е во зградата да има 56 лифтови, од кои некои ќе развиваат брзина од 12 метри во секунда.

Три посебни лобија ќе овозможат премин помеѓу различни лифтови кои ќе опслужуваат различни делови од зградата.

Кулата е потпрена на 270 бетонски шипови, кои се вкопани на длабочина од 110 метри, додека темелот е со дебелина од пет метри.

Предизвици за време на изградбата

Работата на овој гигантски облакодер започна во 2013 година, две години откако проектот првпат беше претставен на јавноста. Првичниот план предвидуваше да се отвори во 2020 година.

Во 2018 година работите беа прекинати, а изградбата продолжи во 2024 година. Дотогаш беа изградени 63 ката, а кулата достигна висина од над 250 метри.

За време на церемонијата на рестартирање на работите, на 64-тиот кат беше истурен бетон, а инвеститорите најавија дека на секои четири дена ќе се довршува по еден кат.

Изградбата инаку беше забавена од повеќе фактори, вклучувајќи финансиски проблеми, пандемијата на коронавирус и технички предизвици. Еден од клучните проблеми бил слабата структура на почвата, која барала дополнителни градежни прилагодувања.

Најголемиот прекин настана кога од проектот беше исклучена градежната компанија Binladin Group. Оваа одлука е донесена откако нејзиниот сопственик Bakr bin Laden беше уапсен за време на антикорупциски операции во 2017 година, што имаше пошироки економски последици. По неколку години, фирмата повторно е ангажирана за да ги заврши работите.

За време на истите антикорупциски мерки, под водство на принцот Мохамед бин Салман, приведен е и принцот Алвалид бин Талал, претседателот на Kingdom Holding Company, која го води проектот. Тој беше ослободен по три месеци.

Во јануари 2025 година, инвеститорите објавија дека новиот рок за завршување на изградбата е 2028 година.

Испрати коментар

Scroll To Top