Стадионот „Тетово“ е повеќенаменски стадион во Тетово, кој низ својата историја најмногу е користен за фудбалски натпревари. Стадионот со капацитет за 15.000 гледачи е отворен во сега веќе далечната 1981 година.
Проектот за стадионот е изработен во 70-тите години на минатиот век од Градежното претпријатие „Јастребац“ од Крушевац. Проектант е архитект Жарко Ѓорѓевиќ. Објектот претставува еден од трите идентични стадиони изградени во поранешна Југославија, а тоа се стадионот во Крушевац и стариот стадион во Ниш. Тогаш како инвеститор на стадионот во Македонија се јавува „Волнениот комбинат Тодор Циповски Мерџан“ од Тетово.
Конструкцијата на постоечкиот стадион во Тетово е армиранобетонска од 95 отсто монтажен тип, со одредени делови изведени како лиени на лице место (кратки столбови, дел од темелите и поврзни греди на темелите, конструкција кај влезовите).
ДОГОВОР ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА
Но со текот на годините состојбата на стадионот се влошува, особено деловите кои се изложени на атмосферски влијанија, целосно трите трибини – север, исток и запад и непокриените долни редови од јужната трибина.
Поради лошата состојба на стадионот во март 2015 година, бил потпишан договор помеѓу Фудбалскиот сојуз на Македонија – ФФМ и Општината Тетово за негова реконструкција, како дел од проектот на УЕФА, „Хет-трик 4“. Подновувањето на стадионот започнало во април 2015 година.
Во јули 2016 година, компанијата „Еколог Интернешнл“, односно сопствениците на ФК Шкендија, го добиваат Градскиот стадион во Тетово под концесија од Советот на Општина Тетово и се обврзуваат да инвестираат 7,7 милиони евра за реновирање на стадионот како би можел да биде домаќин на меѓународни натпревари, а теренот е преименуван во „Еколог Арена“, според Договорот за концесија.
ИЗВРШЕНИ ИСПИТУВАЊА НА ПОСТОЕЧКАТА КОНСТРУКЦИЈА НА СТАДИОНОТ
За утврдување на состојбата на конструктивните елементи и проценка на носивоста, во 2018 година е извршено испитување на примероци од бетонот (кернови) и недеструктивни методи со ултрасонична метода и термовизиска камера за детектирање на состојбата на армиранобетонската конструкција по целата длабочина на пресеците.
Испитувањето е направено од страна на Заводот за испитување на материјали и конструкции и РЕКО Инженеринг.
Врз основа на резултатите, изработено е стручно мислење во коешто во заклучокот, меѓу останатите констатации е наведено:
- Можностите на покривање на северна, источна и на западна трибина се реални под услов покривната конструкција да биде тотално независна.
- Продолжување на натстрешницата на главната јужна трибина за приближно пет метри, без зајакнување на армиранобетонските столбови и темели е практично невозможно, а изведбата на независна покривна конструкција е нерационално решение.
Извршени контролни статички и сеизмички пресметки за постоечката конструкција:
Врз основа на заклучоците во стручното мислење, во 2023 година изработен е идеен проект од страна на инвеститорот, додека за реконструкција на постоечката конструкција со „вметнување“ на нова, независна конструкција помеѓу постоечките конструктивни елементи од постоечката направени се контролни статички и сеизмички пресметки. Овој проект за конструкцијата изготвен е од тим градежни инженери предводени од проф. д-р Грозде Алексовски, Градежен факултет Скопје и Институт за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП). Врз основа на обемните испитувања на повеќе варијантни решенија, што во целост ќе ги задоволат актуелните прописи за проектирање на носечки конструкции, дојдено е до следните констатации и до заклучок:
- Анализите покажуваат дека системот нема доволна крутост во подолжниот правец, односно не е предвидена соодветна конструкција во тој правец за прием на хоризонтални сили (пред сè сеизмички).
- Критериумите за стабилност и поместување во тој правец на конструкцијата не се задоволени и истите се многу поголеми од дозволените (прикажани во извештајот од анализите).
- Во дел од гредите не е задоволен потребниот пресек на странична арматура и на попречна арматура (узенгии). Во дел од гредите не задоволува бетонскиот пресек по критериуми за попречна и за торзиона крутост. Со софтверските изводи се прикажани пресеците кои не задоволуваат.
- Наддавката на главниот кровен носач не ги задоволува актуелните прописи и стандарди.
- По извршен увид на врската на плочестите (АБ-талпи) со гредните елементи заклучено е дека истите се од монтажен карактер, не може да се сметаат за монолитизирани носечки врски, а со тоа не ги исполнуваат критериумите на Правилникот за изградба на објекти од високоградба во сеизмички подрачја (1981).
- Отстранувањето на постоечките плочи – АБ-коруби доведува до дополнително намалување на крутоста во подолжниот правец, со оглед дека единствената крутост во тој правец е преку силите на триење на тие елементи со главните греди.
Горенаведените констатации се однесуваат за јужната трибина, додека состојбата на останатите три трибини кои се целосно непокриени и изложени на надворешните атмосферски влијанија е таква да е неопходна темелна реконструкција на сите конструктивни елементи.
Врз основа на констатациите, се дојде до заклучокот дека реконструкцијата на постоечката конструкција на стадионот е практично невозможна и поцелисходно решение е изведба на сосема нова конструкција во рамки на постоечкиот габарит. Овoј заклучок беше прифатен од надлежните инволвирани страни во проектот, по што е изработен основен проект и во ноември 2024 година е започната изградбата на сосема нова конструкција на стадионот во Тетово.
ЗАКЛУЧОК
Во светло на последните случувања, особено со паѓањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад со трагични последици, особено важно е да се води сметка на состојбата на конструкцијата на сите објекти што се реконструираат. Неопходно е да се детектираат сите слаби места што се „истрошиле“ во текот на годините додека биле во експлоатација, да се преиспитаат направените „ситни“ поправки на неконструктивните елементи (фасада и сл.) и евентуална промена во конструкцијата, да се извршат контролни пресметки за утврдување на капацитетот на носивоста и исполнување на актуелните барања согласно со важечката регулатива од областа на проектирањето на конструкциите и да се донесе аргументиран заклучок за реалната стабилност на конструкцијата по изведба на предвидената реконструкција.
Кога станува збор за стадиони, во истиот период кога бил изграден стадионот во Тетово, веќе спомнав дека се изградени три идентични стадиони во поранешна Југославија. На стадионот во Крушевац во 2011 година е извршена само естетска интервенција (монтирање на нови пластични седишта и вградување на современи лед сијалици на рефлекторите), додека стадионот во Ниш во периодот од 2011 до 2013 година е целосно реконструиран со изградба на нови трибини.
Автор: проф. д-р Грозде АЛЕКСОВСКИ, Градежен факултет Скопје и Институт за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП)