Одбележувањето на 8. Март, секогаш е добар повод да се потсетиме на животот и достигнувањата на жените коишто дале свој придонес кон развитокот на земјата. Овојпат ќе се вратиме 110 години наназад, во 1915 година, кога низ светот беснеела Првата светска војна.
Во 1915 година состојбата на територијата на денешна Македонија била исклучително тешка. Населението во период од шест години (1912-1915) се соочило со три војни: Првата балканска војна (1912-1913), Втората балканска војна (1913) и Првата светска (Големата) војна (1914-1918). Дополнителнително, во истиот овој период не се реализирале предлозите на Отоманската империја при Лондонската конференција (1912) на територијата на Македонија да и се даде автономија во рамките на Отоманската империја. Како резултат на исходот на Балканските војни, Отоманската империја воглавно се повлекла од Балканскиот полуостров, по што најголемиот дел од територијата на денешна Македонија потпаднал под Кралството Србија.
Дополнително, како резултат на развојот на настаните во текот на Првата светска војна дошло до регрутација на локалното население во три војски (српската, бугарската и грчката), но во рамките на двете завојувани страни: Антантата и Централните сили со сите последици коишто произлегле од тоа. Се смета дека 44.496 Македонци биле регрутирани во српската, 33.046 во бугарската војска и околу 20.000 во грчката војска. Дополнително, 8482 турци и албанци, и 111 евреи биле регрутирани во српската војска.
По победата на српската војска во Колубарската битка во декември 1914 година на српскиот фронт завладеало реалтивно затишје се до октомври 1915 година кога дошло до тројната инвазија на Кралството Србија. Ова отпочнало со нападите на 6-ти октомври 1915 година од страна на австроунгарската војска преку реките Сава и Дрина, и на германската војска преку реката Дунав, коишто до 15-ти октомври 1915 година успеале да ја потиснат српската војска кон Јужна Србија. На истиот ден, без објава на војна, бугарската војска нападнала од исток и до 22-ри октомври 1915 година го завземала Куманово, Штип и Скопје. Како резултат на оневозможеноста за повлекување преку Грција, српската војска со дел од цивилното население се нашле во безизлена ситуација на територијата на Косово и Метохија што довело до одлуката на Врховната команда на српската војска од 24-ти ноември 1915 година за повлекување на единиците воглавно преку Црна Гора и Албанија до Јадранското море, за од таму да бидат прифатени и засолнети од сојузничките сили. Повлекувањето преку Црна Гора и Албанија почнало на 26-ти ноември 1915 година со поаѓањето на првата колона од Призрен. Заедно со својата војска и српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ ја поминал Албанската голгота. Француската влада на 28-ми јануари 1916 година донела одлука дека француската морнарица ќе отпочне со евакуација на војската и тоа првенствено до грчкиот остров Крф и до градот Бизерта во Тунис. Но по притсигнување на албанскиот брег не завршиле страдањата. Сојузниците не знаеле што со војниците и цивилите кои умирале од глад на улиците на Скадар и Леж. Дури по интензивната дипломатска преписка и енергичниот однос на рускиот цар Николај II, кој се заканил дека ќе излезе од сојузот со Велика Британија и Франција, британските, француските и италијанските сојузници презеле чекори за понатамошна евакуација на српската војска и цивилите. Се смета дека исчезнале и починале 77.455 војници и 140.000 цивили (како резултат на студ, глад, исцрпеност или болест), загинале или пак биле заробени во текот на ова повлекување долго 700 километри кое се нарекува Алабанска голгота.
Д-р Марија Фјодорвна Зиболд (1849-1939)
Виорот на војната не ги поштедил ниту жените на територијата на денешна Македонија Како резултат на воените дејствија била заробена д-р Марија Фјодоровна Зиболд (1849-1939), доброволец, прва жена санитетски мајор при српската Кралска војска и Начелник на Воената болница при Вардаската дивизија во Скопје. Д-р Зиболд била првата жена лекар во Кралството Србија и веројатно на Балканот. Родена во Рига, Летонија, во германско протестантско семејство таа по завршувањето на средното образование во Петроград се запишала на студиите по медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Цирих. По дипломирањето се вратила во Петроград за да отвори приватна лекарска пракса.
Таа дошла во Србија во 1876 година во текот на Првата српско-турска војна (1876-1878) како една од 123-те лекари во Руската лекарска мисија. Се смета дека нејзиното пристигање во Србија било потикнато и од нејзиното пријателство од студентските денови во Цирих со инженерот и подоцна Престседателот на Владата на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Никола Пашиќ (1845-1926), и д-р Драга Љочиќ Милошевиќ (1855-1926), прва српска жена лекар од Влашко потекло, чиешто семејство од селото Гопеш (денес во општина Битола) се преселиле во Шабац околу 1820-те години. Д-р Љочиќ дипломирала на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Цирих во 1879 година пред да се врати во Србија, а е позната не само по своите залагања за еманципација и правата на жените туку и заради континуираните обструкции во работата, особено во државниот сектор, затоа што била жена.
Возбудливиот животен пат на д-р Зиболд ја носел низ Русија, Швајцарија, Србија, Унгарија, Романија, Бугарија, Турција (како лекар на харемот на султанот Абдул Хамид) и Египет, но таа станала српски државјанин и тука го поминала остатокот од својот живот. Во рамките на денешната територија на Македонија по тројната офанзива на Централните сили, таа како начелник на Воена болница во Скопје со истата се преселила во Приштина каде биле заробени од бугарските сили во 1915 година по што сцелиот персонал бил интерниран во Софија каде што таа работела како лекар во наредните 38 месеци.
Рајна Алексова (1882-1959)
Рајна Алексова
Според расположивите информации, фармацевтот Рајна Алексова (1882-1959) во текот на 1915 година работела во семејната аптека на Широк Сокак, во нејзиниот роден град Битола, само не се знае дали тоа била во периодот кога аптеката била во сопственост на нејзиниот брат, трговецот Ристо Алексов, или пак во нејзина сопственост. Таа останала да работи во семејната аптека се до 1944 година кога се пензионирала, а по војната аптеката и била конфискувана од државата. Од расположивите информации не е јасно дали таа се пензионирала пред да и ја конфискуваат аптеката или не.
Рајна Алексова по зваршувањето на француската гимназија во Солун се запишала на Фармацевскиот факултет при Универзитетот во Лозана во 1902 година за во 1906 година за да дипломира како прва жена фрамацевт на територијата на денешна Македонија, а веројатно и на Балканот. Желбата да отвори своја аптека биле во спротовност со законите во Отоманската империја, кои не дозволувале жените да обавуваат аптекарска професија.
Така да таа до добивањето на аптекарската дозвола и отпочнувањето со работа во струката во 1909 година во Битола морала да прифати други работи како што биле милосрдна сестра во болница во Ќустендил и подцна во бугарската болница во Цариград, и како професорка по хемија во женската гимназија во Едрене. За жал и покрај придонесот на Рајна Алексова кон аптекарската дејност и здравјето на граѓаните од Битола и пошироко таа починала од насилна смрт кога потстанарите ја задушиле за да ја ограбат.
Архитект Јелена Томиќ Бокур (1889-1961)
Јелена Томиќ со ќерката Милица
Што точно се случувало со архитект Јелена Томиќ Бокур (1889-1961) во текот на 1915 година на територијата на Македонија не се знае. Таа во 1913 година се вработила во Министерството за градежништво нешто пред дипломирањето на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград. Иако информациите не се целосни се претполга дека таа се вработила во својот роден град – Белград. Следната 1914 година таа се верила во Скопје со д-р Игњат Бокур (1883-1974), кој се смета за првиот доктор по педагогија во Кралствто Србија, откако се стеканал со докторат на Универзитетот во Цирих. Во тоа време д-р Игњат Бокур бил суплент (почетник средношколски професор) којшто работел во Куманово и во Скопје. Расположивите информации укажуваат дека архитект Јелена Бокур работела во Скопје помеѓу 1915 и 1923 година во државна служба пред да добие преместувањето во Вршац, каде била промовирана во звање – Шеф на Техничката служба во Вршац.
Оттука се смета дека архитект Бокур живеела и работела во Скопје во 1915 година, додека д-р Бокур бил учесник во Првата светска војна со оглед дека пишувал известувања од фронтот за тогашните весници. Архитект Бокур е позната по тоа што во 1919 година станала прва жена инженер архитект која со декрет била поставена за државен службеник, а за време на својат работа во Скопје се знае дека учествувала во надзорот на изграбата на делови на Театарот во Скопје, Универзитетот во Скопје, како и учество во проектирањето и изградбата на Црквата Св. Петка во Церниче, но и на куќата на г-дин Јован Ташковиќ на улицата Хајдук Вељко (Егејска) во Скопје.
Зградата на Универзитетот (Универзитетската библиотека) во Скопје пред земјотресот
Архитект Јелена Големовиќ Миниќ (1890-1973)
Архитект Јелена Големовиќ Миниќ (1890-1973) дипломирала во 1914 година на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград по што се вработила во Министерсттвото за градежништо и омажила со архитектот и сликарот Милан Миниќ (1889-1961). Првата светска војна таа ја поминала во Охрид и на Корзика. Токму во Охрид, на 31-ви август 1915 година се родил нивниот син Оливер Миниќ (1915-1979), кој исто така дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград во 1940 година. Архитектот, урбанистот и професорот Оливер Миниќ ја поминал Втората светска војна како германски заробеник, за по војната од 1953 година да работи на Архитектонскиот факулет во Белград каде и докторирал во 1960 година на тема „Развојот, структурата и центрите на малите градови, со посебен нагласок на некои градови во Србија и Македонија“.
Јелна Големовиќ-Миниќ
Архитектот Милан Миниќ во октомври 1914 година се вработил во Архитектонскиот оддел на Министерството за градежништво на Кралството Србија, за по избивање на војната доброволно да се пријави во воена служба. Тој една година бил припадник на Моравската дивизија, до октомври 1915 година кога од Дринскиот фронт, а по налог на Врховната команда и Министерството за градежништво, бил преместен на должност во Техничкото одделение при воената станица во Охрид.
Милан Миниќ
Од достапните информации не може да се утврди дали архитект Јелена Миниќ само живеела и или пак и работела во Охрид, но се знае дека таа со сопругот Милан Миниќ и синот, тогаш неколумесечно бебе, Оливер Миниќ биле едни од зафатените со Албанската голгота, кога преку Албанија и Грција успеале да дојдат до јадранскиот брег од каде биле префлени до Ајачио на островот Корзика во група од 3.000 српски војници. Оттаму како стипендист (1915-1918) Милан Миниќ со семејството заминува во Париз каде ја завршува Академијата за убави ументности. По завршетокот на Првата светска војна семејството Миниќ се враќа во Белград, каде објацата се вработуваат повторно во Министерството за градежништво. Тие биле испратени во Бања Ковиљача каде што работеле на завршувањето и на адаптацијата на започнатите хотели и објекти за рехабилитација се до 1923 година. По враќањето во Белград, Јелена Миниќ поднела отказ за да се посвети на домот и семејството, а и да му помага на сопругот во работата на неговата приватна пракса. Во 1937 година тој во Белгард го гради репрезентативниот Хотел „Мажестик“ кој по војната му бил конфинскуван, а нему и на смејството им останал само дел од последниот кат каде се наоѓало неговото ателје.
Хотел „Мажестик“, Белград
Специјална (психијатриска) болница, Ковин, Србија (на чија адаптација работела Јелена Томиќ Бокур)
Овие неколку вињети за животот и работата на исклучтелни жени во турбулентната војна 1915 година, укажуваат на напорите на жените уште пред 110 години да го најдат своето место во, и да придонесат за општесвото. Битолчанката и фрамацевтката Рајна Алексова уште во времето на Отоманската империја успела да се избори за правото да работи како аптекар на Широк Сокак во Битола во 1909 година. Архитект Јелена Томиќ Бокур на само две години по дипломирањето во 1913 година почнала да работи во струката во Скопје 1915 година, откако се придружила на својот сопруг д-р Игњат Бокур средношколски професор во Скопје. Присуството на мајорот д-р Марија Фјодоровна Зиболд и архитект Јелена Големовиќ Миниќ на територијата на денешна Македонија во 1915 година веројатно директно се поврзани со Првата светска војна. Во текот на Првата светска војна во Кралството Србија имало исклучителен недостаток на лекари, како резултат на што помладите и физички поспособни лекари мажи биле ангажирани во рамките на полските воени болници во близина на фронтовите, додека постарите лекари и жените лекари биле оставени да се грижат за цивилното население и болниците во позадината, како резултат на што најверојатно мајор д-р Марија Фјодоровна Зиболд станала Начелник на Воената болница во Скопје. Исто така може да се претпостави дека архитект Јелена Големовиќ Миниќ не ќе дошла во Охрид доколку нејзиниот сопруг архитектот Милан Миниќ не добил прекоманда во Техничкото одделение при воената станица во Охрид. Загатката останува дали архитект Јелена Големовиќ Миниќ само живеела или пак и работела во Охрид.
За горе спомнатата д-р Драга Љочиќ Милошевиќ не се знае дали живеела или работела на територијата на денешна Севрна Македонија и покрај тоа што нејзиното семество води потекло од селото Гопеш, денес во Општина Битола. Таа скоро целиот свој работен век го поминала во борба за еднаквост во струката по дипломирањето на Медициснкиот факултет при Универзитетот во Цирих во 1897 година, со оглед дека во државните болници во Србија работела како шеф на одделение, но со официјално работно место и плата на медициснки асистент. За неа се вели дека таа се смета за првата жена во Кралството Србија која го задржала своето моминско презиме и кон него го додала презимето на сопругот Раша Милошевиќ, кој бил еден од основачите на Народната радикална партија.
Потсетувањето на животот и делото на жени од пред 110 години на територијата на денешна Македонија веројатно е можност не само да се оддаде почит на нивниот придонес, туку и да послужи како поттик за сегашните и идните генерации.
Честит 8 Март!