Насловна / Вести / Стоп за борбата против климатските промени, ренесанса за фосилните горива

Стоп за борбата против климатските промени, ренесанса за фосилните горива

Иако и во текот на својот прв мандат, претседателот на САД Доналд Трамп се покажа како противник на Парискиот договор за климата, односно поддржувач на фосилните горива, сепак пошироката јавност е изненадена од најавената ренесанса на овој вид енергенти, потенцирана уште во инаугурацискиот говор. Имено, тој истакна сериозна заложба за максимизирање на експлоатацијата на нафта и на гас во земјата, притоа прогласувајќи еден вид вонредна состојба во енергетскиот сектор (national energy emergency) со цел непречено издавање на потребните дозволи, заобиколување на обврските за заштита на животната средина и повлекување на САД од Парискиот договор за климата.

ИМАМЕ НЕШТО ШТО ДРУГИТЕ НАЦИИ ГО НЕМААТ – НАФТА И ГАС

Ова означува драматичен пресврт во енергетската политика, откако неговиот претходник Бајден во својот мандат се залагаше за транзиција на САД кон почисти извори на енергија. „Америка повторно ќе биде произведувачка нација, бидејќи имаме нешто што другите произведувачки нации го немаат – најголеми количини на нафта и на гас. И тоа имаме намера да го искористиме“, рече Трамп во текот на својот инаугурациски говор.

Веднаш потоа Трамп потпиша извршни наредби со кои ја прогласи вонредната состојба во енергетиката и ги повлече САД од Договорот во Париз во 2015 – меѓународен договор за борба против климатските промени. Тој исто така потпиша наредби со кои се промовира истражувањето и екплоатацијата на нафта и на гас на Алјаска, што е во спротивност со напорите на Бајден за заштита на земјиштето во оваа област, како и на крајбрежните води на САД од експлоатациони бушотини за овие горива.

Пропаѓа и планот на претходната администрација за побрз продор на електричните возила на пазарот, како и замрзнувањето на дозволите на извоз на ТНГ. Трамп изјавил дека очекува споменатите наредби да помогнат во намалување на цените и подобрување на националната безбедност. „Ќе ги намалиме цените, ќе ги исполниме до максимум нашите стратешки резерви и ќе извезуваме енергенти низ светот“, истакна тој.

Бројни активисти и здруженија од областа на заштитата на животната средина велат дека планираат да ги обжалат на суд овие извршни наредби на претседателот. Администрацијата на Бајден ги оцени електричните возила и производството на енергија од ветрот како клучни технологии со кои ќе се декарбонизираат сообраќајот и енергетскиот сектор, кои заедно се одговорни за половина од емисиите на јаглерод диоксид во САД. Но, за Трамп ништо од тоа не е вредно да се развива и стимулира. Затоа Демократскиот национален комитет го оценува првиот ден на Трамп како „катастрофа за работничките семејства“. „Убивањето на производните работни места и давањето на слободен простор на загадувачите, што сериозно ќе го загрози здравјето на граѓаните, тешко дека е политика која ја става Америка на прво место“, велат од овој комитет, алудирајќи на неговиот предизборен слоган.

ЗАДОВОЛУВАЊЕ НА РАСТЕЧКАТА ПОБАРУВАЧКА

Повеќекратно во текот на својата кампања, Трамп истакнуваше дека има намера да прогласи вонредна состојба во енергетиката, и дека мора да се максимизира експлоатацијата на фосилни горива, со цел зголемено производство на електрична енергија за задоволување на растечката побарувачка. Дата-центрите во САД, најголемиот поттикнувач на растечката побарувачка на електрична енергија, се очекува тројно да ја зголемат потрошувачката веќе во наредните три години, и да трошат околу 12 % од вкупната финална потрошувачка во земјата, велат податоците од U.S. Department of Energy. За да оствари поголемо производство на електрична енергија, Трамп планира да ги олесни ограничувањата на електраните поврзани со заштитата на животната средина, забрзана изградба на нови производни капацитети и лесно издавање на дозволи за нови гасоводи.

Sam Sankar, програмски потпретседател во Earthjustice, непрофитна организација која е еден од субјектите што ќе се спротивстават на енергетските политики на Трамп на суд, вели дека прогласувањето на вонредна состојба во енергетиката во мирнодопски услови е ретко и создава клима за правна ранливост. И во првиот мандат Трамп ја разгледуваше оваа опција со цел да ја заштити индустријата на јагленот која беше во пад, но тогаш истата не се реализираше.

ЕВРОПА ЌЕ ПЛАТИ СЕРИОЗНА ЦЕНА

Новите царински стапки на увозот од Канада, Мексико и од Кина, исто така го засегаат енергетскиот сектор во земјата, иако според аналитичарите тоа ќе има ограничено влијание врз цените на нафтата и на гасот. Меѓу останатото, новите царински стапки предвидуваат 10 % на увозот на енергенти од Канада, но овие количини не се големи за да можат значително да ги зголемат цените на нафтата и на гасот во САД. Од новите царински политики на САД се најавува дека нема да куртули ниту Европската Унија. Амбицирајќи се да стане јаглеродно неутрална до 2050 година, Европа денес е пред сериозни предизвици. На другата страна од Атлантикот енергетските политики се сосема спротивни. „Носејќи го на своите плеќи“ товарот од санкциите насочени кон Русија, Европа веќе плати сериозна цена кога е во прашање снабдувањето со енергенти. Кои ќе бидат следните чекори кои во контекст на енергетската политика ќе ја засегнат Европа, неблагодарно е да се прогнозира. Но, веројатно е извесно дека нема да бидат поволни за стариот континент во духот на девизата – „Америка на прво место“.

 

Испрати коментар

Scroll To Top