Мансарда од 80 квадратни метри со две нивоа во Сао Паоло требало да се вклопи во начинот на живот на клиент кој е млад и самец. Друго прашање што требало да го решат архитектите од бразилското биро treszerosete бил и фактот дека станот е изнајмен. Имајќи ги предвид овие факти одлучиле најголемиот дел од мебелот во станот да го проектираат, а исто така да може повторно да се користи на различни начини на друго место.
Влезот во станот е преку мал ходник со ограничена употреба, каде е дизајнирана полица која ја пренесува личноста на станарот преку лични предмети, а е и организатор на предмети за секојдневна употреба. Истата полица продолжува до скалите и заедно (полицата и скалите), создаваат простор за концентрација и работа, што било едно од барањата на клиентот.
Долното ниво е заеднички простор предвиден да се сместат неколку луѓе. Софата покрај тоа што е пространа е флексибилна, а со тоа и модуларна. Во просторијата е поставена комода во должина од два метра, која дополнително служи како клупа.
Балконот може да послужи за порелаксирани работни состаноци, со повеќе столчиња и маси кои можат лесно да се преместат во дневната соба. Материјалноста на ѕидовите и констукцијата се соголени, недовршени, како и светлосните канали.
Поголемиот дел од мебелот е изработен по мерка, вклучувајќи: канцелариско биро и полици, наткасни и маси покрај креветот, голема софа во дневната соба и кујнски елемент. Скалите кои водат на галеријата каде е сместен делот за спиење, не се издвојува од останатиот дел од станот поради структурата и бојата на материјалот.
Белите елементи стојат во контраст со црвената тула на ѕидовите на станот, додека велосипедот што секојдневно го користи сопственикот е дел од ентериерот, всушност делува како незаменлив дел од целината.