Насловна / Вести / Срушена е довербата во енергетскиот сектор за постигнување на климатска неутралност до 2050 година

Срушена е довербата во енергетскиот сектор за постигнување на климатска неутралност до 2050 година

Довербата во енергетската индустрија во постигнување на глобални нето нулта емисии е на многу ниско ниво поради политичката нестабилност, финансиската неизвесност и бавното одобрување на проектите, се вели во Извештајот за загрозеноста на нето нултите цели, кој го објави Советот на енергетската индустрија.

Само 16% од анкетираните виши енергетски раководители, веруваат дека светот може да ја постигне целта на нето нулти емисии до 2050 година, што е пад од 45% регистрирани во минатата година. Целите за достигнување на климатска неутралност во последните години доживуваат сериозни удари, за кои се заслужни руско – украинската војна, енергетската криза, но и повторното доаѓање на власт на Доналд Трамп. Советот за енергетска индустрија (Energy Industry Cоuncil – EIC) е едно од најголемите светски трговски здруженија на компании кои ја снабдуваат со стоки и услуги енергетската индустрија. Таа непрофитна организација има членство од над 950 компании. За потребите на извештајот, EIC разговарал со 38 високо позиционирани раководители од 35 компании кои работат во различни сектори на оваа индустрија, и кои главно имаат седишта во Велика Британија. Се поголема е загриженоста поради недостатокот на јасни регулаторни рамки, недоволно вложување во чисти технологии и доцнења во донесувањето нa конечни инвестициски одлуки, се вели во извештајот.

Извршниот директор на EIC, Стјуарт Бродли истакнал дека енергетската индустрија се соочува со предизвици ветувањата да ги претвори во проекти. Довербата во нето нулти цели за 2030 година е уште пониска. Само 14% од испитаниците веруваат дека нивната земја ќе ги исполни климатските цели за 2030 година, што е пад од 16% во однос на минатогодишниот извештај. Во документот се наведува дека стапките на имплементација на проектите за чиста енергија и натаму се многу ниски. И покрај амбициозните цели, само 10% од проектите за офшор ветерни паркови и 9% од проектите за водород имаат конечна одлука з аинвестирање, наспроти 21% од проектите во секторот нафта и гас. Менаџерите исто така се загрижени поради ранливоста на синџирите за снабдување, посебно во производството на чисти технологии и логистиката. Многу компоненти за проекти за обновливи извори на енергија, вклучувајќи ги ветерните турбини и батериските системи за складирање на енергија, потекнуваат од Кина, што според нив ја зголемува зависноста од еден пазар.

Во извештајот се заклучува дека вистинскиот пат кон остварувањето на климатската неутралност е енергетските проекти да бидат комерцијално одржливи. За да се реализира тоа, потребно е да се поттикне побарувачката, вклучувајќи го и регулаторното опкружување неопходно за нејзино создавање. Тоа ќе го елиминира сомнежот кај банките, па на располагање ќе има и повеќе капитал.

Испрати коментар

Scroll To Top