Насловна / Архитектура / Тесна куќа во Грција која се чини дека исчезнува во ридовите на сончевиот остров

Тесна куќа во Грција која се чини дека исчезнува во ридовите на сончевиот остров

Првиот поглед на проектот N’Arrow прво ќе ве натера да помислите: како е воопшто можно да се изгради толку тесна, а функционална куќа? Архитектурата е навистина семоќна, паметно обмислена и интегрирана во околината, ги реализира идеите на визионерите, а исто така и овој објект, сè уште само проект на грчкото студио Mykonos Architects, кое планира да ја заврши оваа приватна резиденција во 2027 година. А дотогаш со оваа лепотица собираат награди, па така минатата година освоиле прва награда во категорија неизградени проекти во рамки на Grail Awards.

Куќата N’Arrow се наоѓа во срцето на ридовите на Хераклион на Крит, на тесна парцела, опкружена со маслинови дрвја кои се заштитен знак на областа. Како што објаснуваат архитектите: „Наместо да ја нарушува природната убавина, проектот се надоврзува на околината, создавајќи хармонија меѓу градбата и природата. Топографијата на теренот и наклонот на парцелата го обликуваат архитектонскиот пристап, па куќата речиси исчезнува во просторот, нежно спојувајќи се со околината“.

Како најголем предизвик, главните архитекти на овој проект, Mazelin Aude, Alysandratos Nikolas и Karatzali Xara, го посочуваат ускладувањето со правилата на ограничувањата на лаокацијата, што на крајот го претвориле во можност за иновација. „Тесниот облик на парцелата инспирираше издолжен дизајн во облик на клин, совршено прилагоден на условите. Затоа, куќата ги следи природните контури на теренот, нурнувајќи се во падината“.

Три ѕида го дефинираат просторот; два ја следат оската на движење – скалите, додека третиот ги оцртува приватните простори за живеење. Базенот, од друга страна, е врв на дизајнот, како скапоцен камен во околината, совршено позициониран на самиот крај. Овие три различни нивоа ги нудат сите потребни функционални простори, додека полуотворените премини овозможуваат непречен пристап. Скалите на горното ниво водат до влезот, а надворешните скали ги поврзуваат сите простории, завршувајќи на отворено, каде што се наоѓа базенот, централниот елемент на оваа архитектура.

Првото ниво вклучува влез и простор за релаксација на отворено, како двор, кој е засенчен од жешкото сонце. Внатрешноста е со отворен план, со кружно јадро кое овозможува флексибилност и одвоении функционалности. Надворешниот простор е опкружен со метални елементи кои штитат од сонцето, отворајќи го погледот кон ридовите.

На второто ниво сместени се спалните простории, одделени со стаклени панели. Светлината и вентилацијата минуваат слободно низ внатрешноста, додека настрешницата дава сенка и го обликува погледот кон надвор, а зелените бочни ѕидови прават просторот хармонично да се вклопи во околниот пејзаж. „Куќата всушност се прилагоди на падината, обликувајќи фасадни ѕидови кои се во хармонија со природата, додека покривите се покриени со зеленило. Правоаголните прозорци овозможуваат непречен премин меѓу нивоата, додека базенот на висина го дефинира конечниот облик на куќата“, објаснуваат архитектите.

За изградба е избрана набиена земја, еколошки материјал кој совршено ја интегрира куќата во околината. Оваа техника бара минимална обработка, го намалува влијанието на транспортот и користи локални материјали, создавајќи подлабока врска со околината. Земјените тонови на ѕидовите се претопуваат во пејзажот, а топлинската маса на почвата природно ја регулира температурата, намалувајќи ја потребата за вештачко ладење или загревање. Покрај тоа, својствата на материјалот овозможуваат природна регулација на влагата, создавајќи поздрав внатрешен простор. И покрај тоа што се уште се чека завршувањето на изградбата, дури и гледањето во оваа тесна куќа дава искуство и импресивен впечаток дека се е можно со архитектурата.

Испрати коментар

Scroll To Top