Во областа на Националниот парк Тара, оаза на зеленило и чист воздух во западна Србија, минатата година се појавија две кабини со впечатлива архитектура и дизајн, кои ја рефлектирале околината и во нивното име – Tara Cabins Pure Nature.
Автор на идејното решение е архитектот Стеван Ѓуриќ, а главниот проект е изработен од студиото „Крофт“ од Белград. Со оглед на деликатноста на локацијата, процесот за добивање градежна дозвола траел две и пол години.
Во потрага по совршен поглед
За сопственикот на Tara Cabins Pure Nature, љубовта кон природата и поврзаноста со неа биле главниот мотив за создавање на ваков амбиент.
„Семејното потекло од Тара го услови изборот на локација и неколку години траеше потрагата по совршен поглед на езерото Заовине и соодветна природна сценографија“, вели сопственикот.
Идејата била едноставната, компактна форма што помалку да ја наруши и промени природната средина во која се наоѓа.
Позицијата и визуелноста на просторот како луксуз
Архитектонската замисла била еден објект да биде главен, а другиот помошен, така што денес на плацот гордо стојат Master cabin with lake view и Art collectors landscape cabin.
„Главната водилка беше остварувањето на контакт помеѓу човекот и природата, минимизирање на декоративните елементи и во екстериерот и во ентериерот, како и практичноста и максималното искористување на просторот“, вели проектантот и додава: „Улогата на луксузот ја презема самата положба и визуелност на просторот, начинот на кој се планира да се користи и специфичната сценографија на планината Тара со нејзиното природно опкружување и поглед на езерото Заовине, се тоа со максимална приватност“.
Објектите се проектирани да бидат единствен спој на природното и модерното и на современ начин да ја комбинираат традиционалната архитектура со модерната, со примена на современи детали и принципи.
„Конечниот производ е автентичен и различен, но применлив, видлив и препознатлив на јасен и реален начин без радикални решенија и како таков подреден на современиот човек, во нашиот случај младо семејство кое поминува многу време во природа и го препознало тој принцип како примарен“, објаснува сопственикот.
Внимание привлекува и интересниот пристап до самите објекти до кои се стигнува преку скали.
Идејата била да се задржи специфичноста на парцелата и по изградбата на објектите се да се врати во претходната состојба. Скалите, кои се поставени како да лебдат над самиот терен, се од челична конструкција со дрвени подести и тераси.
Газиштата се изработени од гранит и на одредени места се вметнати специфични метални гребени со кои се чистат чевлите од нечистотија или снег.
Акцент на автохтони материјали
Објектите се цврста градба, тие се ѕидани (бетон, блокови, конструктивни елементи и сл.), односно не станува збор за монтажна или префабрикувана градба. За фасадата се користени дрвени талпи од ела.
„Одлучивме да има што повеќе автохтони материјали, па со самото тоа сибирскиот ариш е елиминиран, а борот, кој е најтврд, не е користен бидејќи испушта смола, како ни смрека која е со најлош квалитет“, велат архитектите.
Талпите се користени во нивната целосна должина до максималната висина на објектите, така што дрвото морало да помине термичка обработка, а подоцна да биде максимално заштитено со најквалитетни премази.
За избор на црна фасада се одлучиле пред се поради приспособувањето на амбиентот во кој доминира црниот бор, но и поради геоморфолошкиот состав на карпите кои се со графитно црна боја.
Впечатливоста на бунгаловите ја даваат големите стаклени портали. Фасадната столарија е трослојно стакло, алуминиумска со лизгачки врати.
„Поради непристапниот терен, поставувањето на стаклените портали беше еден од најголемите предизвици. Изведувачите мораа да направат помошен алат за спуштање на стаклените портали и се требаше рачно да се достави до локацијата“, велат архитектите за порталот „Градња“.
Предизвици доаѓале од сите страни
Со оглед на тоа што парцелата се наоѓа на физички непристапен терен, најголем предизвик при проектирањето било позиционирањето на кабините, доживувањето на панорамата да се внесе во самите објекти, како и падот на теренот.
„Двата одлучувачки фактори беа да се имплементира пејзажот и најдобро да се искористи непристапниот терен“, објаснуваат архитектите.
Посочуваат дека со многу повеќе предизвици се сретнале во изведувањето, а станува збор за разни ситуации кои архитектите не можеле да ги предвидат.
„На пример, поради тоа што патот покрај кој се наоѓа парцелата има висока заштита, бидејќи води кон браната на езерото Заовине, условите налагаа минималното растојание на објектот од границата на парцелата да биде најмалку 10 метри.
Во пракса, тоа значеше дека целиот материјал мораше да дојде во позицијата на вградување исклучиво ‘на раце’. Обидете се да замислите како тоа изгледа на ваков терен и што се се случуваше во тек на изградбата…“ – велат архитектите.
Секако, имајќи предвид дека објектите се во зоната на националниот парк, имало и многу предизвици при прибирање на потребната документација, добивање соодветни согласности, како и организирање на целокупната инфраструктурна логистика.
Проектот е замислен како склоп од главен и помошен објект, така што главиот објект добил подоминантна позиција и организација на просторот.
На самиот влез во главниот објект се забележуваат одредени „нелогичности“ – во вид на двојни влезни врати.
„Имено, главниот влез не води директно во ходникот и во дневната соба, додека втората врата на самиот влез е проширена и да речеме е техничка, бидејќи воведува во просторот преку просторија која има одредена улога како утилити простор. Ние таа просторија ја нарекуваме ‘прљава’ соба, бидејќи служи како филтер за користење на објектот кога, да речеме, ќе се вратите ‘прљави’ од планината“, објаснува сопственикот.
Оваа просторија има посебна бања со тоалет и е многу корисен простор за складирање на алат и разни прибори (лов, риболов) или помошни работи како велосипеди или опрема за планинарење, а има и разни видови корпи и сушари за лековити билки, печурки итн.
Автентичен и доминантен дневен простор
Дневниот простор воедно е најавтентичниот простор на целосниот проект и ја апсорбира природната сценографија на езерото Заовине, понатаму со поглед на пределите на Вежање и врвот Јањач.
„Со целосната висина, каде што е оставена да се гледа бетонската коса плоча како таван, со големи стаклени портали, овој простор доминира, а наменет е сопствениците и корисниците да најдат мир и да постигнат контакт меѓу човекот и природата, што беше водечки принцип во проектирањето на сите останати архитектонски целини“, вели архитектот.
Видливи се транзитни патеки како и кружни комуникации во архитектурата и организацијата на просторот, односно можност да се оди од дневната соба до просторот за спиење, а потоа до бањата, од бањата до терасата и обратно.
„Специфични се и просторите наменети за спиење, тоа се одредени видови ниши во просторот, обложени со дрво, каде што е вметнат кревет, додека од надворешната страна е комплетен стаклен ѕид кој нуди нестварен поглед на ноќниот пејзаж. И ова специфично доживување овозможува совршени ноќи и будења и почетоци на денот преку остварената врска меѓу човекот и природата“, посочува проектантот.
Вториот простор за спиење е исто така ниша, каде што се имплементирани кревети на три ката. Идејата произлегла од организацијата на спиење како во планинарските домови, каде искористеноста на просторот е максимална. Во таа соба има и работен простор со библиотека, каде може да се повлечете во моменти на работни обврски.
Главната бања е замислена преку користење на три простори кои сочинуваат една целина и тоа: посебно заѕидана, засебна и голема туш кабина, засебен тоалет и исто така засебен простор со слободностоечка када од кој преку стаклениот ѕид се остварува, повторно врската помеѓу човекот и природата, а во исто време е транзит кон терасата и надворешноста.
Помошниот објект е со помали димензии, но исто со автентичен амбиент, со сите архитектонски детали кои се применети на главната зграда. Околината е малку поинаква, овој бунгалов е повеќе опкружен со шума и околу него доминира шумскиот пејзаж.
Како нешто што му дава посебен печат на автентичниот простор, ја истакнува и уникатната колекција на уметнички дела кој се наоѓаат во бунгаловите.
Имено, сопствениците, кои се историчари на уметност, во кабините изложиле дел од сопствената колекција од 12 уметнички слики.
Специјално дизајнирани конзолни огради
Двата објекта имаат свои тераси, простори за дневно, надворешно „конзумирање на природата“, со посебно дизајнирани конзолни огради кои можат да служат и како клупи.
Посебно е издвоена конзолната тераса која се наоѓа над објектите, на место кое е препознаено како точка од која се гпружа маестрален поглед на езерото Заовине.
При уредувањето на дворот вложен е максимален напор да се задржи изворниот природен амбиент, т.е. да се „минимизира влијанието и редукцијата на самата природа“.
Имено, пред самиот почеток на работата на идејното решение, секое дрво на парцелата било исцртано геометриски.
„Од архитектот преку проектната задача се бараше да ги постави зградите така што на крајот да дојдеме до ситуација од просторите за спиење или живеење, буквално на оддалеченост од 1,5 до два метри, да имате низа борови дрвја кои тука природно растат 70 или повеќе години“, вели сопственикот. Тој напоменува дека секое дрво што е дури и минимално затрупано поради насипот на рамното плато, накнадно е отворено за наводнување со специјални шахти и цевки.