Насловна / Вести / Охрид SOS предупредува: Се планира рушење на објект кој за две години ќе заокружи еден век

Охрид SOS предупредува: Се планира рушење на објект кој за две години ќе заокружи еден век

Здружението Охрид SOS предупредува за третманот на културното наследство.

Во целост ја пренесуваме објавата на социјалните мрежи на Охрид SOS.

САМО УНИШТУВАЊЕ

Дека институциите се за некого мајка а за некого маќеа, се гледа и според третманот на културното наследство. Некаде не смее да се помести ни камче, додека на друго место може да се уништи стар објект, антички наод, да се изгради несоодветен објект врз историски слоеви кои и не се (до)истражени. На иста улица, на ист потег, некои објекти се заштитени како споменици на културата, додека други се рушат, а градот засекогаш губи автентични градби или локалитети. Примери за овој апсурд има стотици. Не важат ни закони, ни правила. Сето тоа вешто се заобиколува. Ваквата практика само се интензивира последниве години. Наместо остри реакции, наместо да се спречат ваквите појави, од надлежните институции молк. Преку ова, стануваат соучесници кои го погазуваат професионалниот и личниот интегритет.

Последен пример е Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, каде се планира рушење на објект кој за две години ќе заокружи еден век. Прашање е зошто објектот не е заштитен, имајќи ја предвид уникатната архитектура? Не можел да биде валоризиран затоа што имал доградби?! Доколку се сака, она што е доградба може да се отстрани, а објектот да се реновира по примерот на неколкуте покрај кејот, или на други локации. Но во последно време како да се нема волја за ништо, па дури и педесетина објекти кои биле на листата споменици на културата во меѓувреме се рушени. Прешкртај го и продолжи. На тоа се сведоа стручните институции за заштита на спомениците.

Ги повикуваме медиумите да ја разгледаат документацијата за овој опфат, да видат што содржи, да ги пренесат деталите до јавноста. Не само да споделуваат општински соопштенија без анализа. Да објавуваат и да критикуваат. На овој опфат се планира огромна станбена зграда, цел блок, кој освен што ќе уништи културно наследство, ќе ја уништи и Маларична, објект изграден пред повеќе од шеесет години и целиот парк на основното училиште „Григор Прличев“ заедно со децениските стебла кај Брза помош, каде што ќе се направи паркинг. Ги повикуваме институциите да го сопрат овој процес и да се направи ревизија на овој план.

Кому му пречи архитектонското наследство од почетокот на минатиот век? Зошто институциите дозволуваат систематско уништување на еден историски период? Што автентично ќе понуди Охрид доколку ваквата пракса продолжи?

Испрати коментар

Scroll To Top