Насловна / Архитектура / Куќа на поток опкружена со рајска природа (ВИДЕО)

Куќа на поток опкружена со рајска природа (ВИДЕО)

Проектот за куќата Casa do Gerês го потпишува португалското биро Carvalho Araújo – мајстори на изненадувачки топла минималистичка архитектура.

Casa do Gerês се наоѓа на стрма падина во португалската долина Caniçada, каде некогаш имало мала куќа и каде тече поток.

Постоечкиот објект бил сместен повисоко на падината која е подложна на помали клизишта, што условило негово рушење и изместување на новата градба. Сè започнало од постојната водна линија на локацијата. Тоа е почетната точка и оправданоста на проектот.

„Припитомување на потокот и нерамниот терен, преку дефинирање на мали платформи и водни џебови, овозможи да се структурира функционалната организација на локацијата. Во исто време, токму овие реорганизации го определија односот помеѓу природните елементи и новата градба“, објаснуваат архитектите за првите чекори што ги направиле кога почнале да размислуваат за Casa do Gerês. Резултатот е сонлив минимализам каде градината се заснова на каскадно обликување, а можноста да ги потопите нозете во вода е насекаде околу вас.

„Пристапот до куќата е овозможен од горното ниво, обезбедувајќи целосен поглед на локацијата и објектот што се претопува во теренот како камен. Меѓутоа, во внатрешноста на куќата се отвора визуелен распон кој ни овозможува повторно да го откриеме теренот долу, обележан со неправилниот тек на потокот што се влева во мало езеро на пониско ниво. За нас, ова е типот на зен-градина што го посакуваме за секоја куќа и нејзините станари“, велат проектантите.

Материјалите користени на надворешноста на куќата се проширени и во внатрешноста, каде не се следи класичен просторен распоред, туку нуди големи, функционални и повеќенаменски простори, каде што се спојуваат уживањето и работата. Социјалниот простор на куќата зазема особено важно место, обликуван од голема централна дневна соба која се протега кон надворешниот простор преку пространа тераса. Кујната и сервисните простори се наоѓаат на исто ниво со дневната соба, додека поинтимниот дел од куќата се наоѓа на второто ниво, поврзано со првото во форма на галерија (мезанин).

Иако зен-градината е главната зелена ѕвезда на оваа архитектура, авторите брилијантно го постигнале балансот на модерното, а сепак фино интегрирано во околината.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top