Во средината на јануари, Шведска започна со изградба на складиште за потрошено нуклеарно гориво, што ќе стане само втор објект со ваква намена во светот, каде што ќе се складира високо радиоактивен отпад во следните 100.000 години.
Многу голем глобален проблем е прашањето за складирање на смртоносниот радиоактивен отпад, кој го следеше развојот на нуклеарната индустрија уште од почетокот на комерцијалните реактори во 50-тите години на минатиот век. Финска моментално е единствената земја во светот која е блиску до завршување на изградбата на вакво складиште.
Презентираните рендери го прикажуваат планот за изградба на складиштето во Форсмарк, кое се состои од 500 тунели на длабочина од 500 метри во карпеста почва. Складиштето ќе се користи за складирање на 12.000 тони потрошено нуклеарно гориво, кое ќе се затвори во 6.000 бакарни канистри.
Светската нуклеарна асоцијација смета дека има околу 300.000 тони потрошено нуклеарно гориво ширум светот што треба да се одложи. Засега најголемиот дел од тој отпад се складира во ладилници во близина на реакторите што го произвеле.
Дополнителен проблем е што, покрај досега произведеното потрошено нуклеарно гориво, неколку земји во Европа, но и во светот, планираат дополнителна изградба на реактори за да се овозможи премин од фосилни горива.
Складиштето во Форсмарк, кој се наоѓа на околу 150 километри северно од Стокхолм, на источниот брег на Шведска, ќе се состои од 60 километри тунели закопани 500 метри во карпа стара 1,9 милијарди години.
Планирано е ова складиште да стане последен дом за 12.000 тони потрошено нуклеарно гориво, а кое ќе биде затворено во пет метри долги, корозивни бакарни капсули кои ќе бидат пакувани во глина и закопани.
Шематски приказ на концептот за складирање
Се бараат дополнителни безбедносни проверки
Според соопштението на Шведската компанија за управување со нуклеарно гориво и отпад (SKB), објектот треба да го добие првиот отпад кон крајот на 2030-тите, но целото складиште нема да биде завршено до 2080 година, кога тунелите конечно ќе бидат затворени.
Меѓутоа, MKG, шведска невладина организација која се занимава со нуклеарен отпад, поднесе жалба до шведскиот суд барајќи дополнителни безбедносни проверки. Според MKG, истражувањето на Шведскиот кралски институт за технологија покажува дека бакарните капсули би можеле да кородираат и да испуштат радиоактивни елементи во подземните води.
„Имаме време да почекаме и десет години за да донесеме одлука, со оглед на тоа дека ова мора да биде сигурно 100.000 години“, изјави за Ројтерс Линда Биркедал, претседателка на MKG.
Инвестиција од милијарда евра
Како што наведуваат од Компанијата за управување со нуклеарно гориво и отпад, складиштето во Форсмарк ќе чини околу една милијарда евра и ќе биде финансирано од страна на нуклеарната индустрија.
Складиштето ќе има капацитет да го прими целиот отпад произведен од шведските нуклеарни централи, но нема да може да прима отпад од идните реактори, што може да биде проблем со оглед на тоа што Шведска планира да изгради уште десет реактори до 2045 година.