Мостот Хеликс, официјално The Helix, е пешачки мост што го поврзува Marina Centre со Marina South во областа Marina Bay во Сингапур. Официјално е отворен во 2010 година. Проектот е резултат на меѓународен конкурс во 2006 година на кој пристигнале 36 предлози.
Дело е на меѓународен тим кој го сочинуваат австралиските архитекти Cox Architecture и инженери од компанијата Arup, и бирото Architects 61 со седиште во Сингапур.
Настрешници (изработени од стакло и перфорирана челична мрежа) вградени се долж деловите од внатрешната спирала за да се обезбеди сенка за пешаците. Мостот има четири платформи за набљудување сместени на стратешки локации кои обезбедуваат поглед на хоризонтот на Сингапур и настани што се случуваат во заливот. Во текот на ноќта, мостот е осветлен со низа светла кои ја истакнуваат структурата со двојна спирала, а со тоа создаваат посебно визуелно искуство за посетителите.
Паровите обоени букви c, g, a и t на мостот кои ноќе се осветлени во црвено и зелено, претставуваат цитозин, гванин, аденин и тимин, четирите основи на ДНК. Намерниот дизајн сличен на ДНК предизвика мостот меѓу населението да го носи ова име.
Мостот Хеликс долг 280 метри, е направен од специјален дуплекс нерѓосувачки челик кој му дава висока конструктивна цврстина додека ги намалува потребите за одржување. Може да поддржува до 16.000 луѓе истовремено. Со височина од 8,8 метри над водата, бродовите можат непречено да поминуваат под него. Мостот, кој се состои од голема и мала спирала, висок е околу три ката, а вкупната должина на челичните цевки што ја сочинуваат двојната спирала е приближно 2.250 метри.
Хеликс е направен од приближно 650 тони дуплекс нерѓосувачки челик и 1000 тони јаглероден челик што се користел во привремената структура и исто така му помагал на мостот да ја добие формата на спиралата. Пред да започне каква било работа на мостот, била направена макета од јаглероден челик во обид да се спречат какви било потешкотии во изградбата. Направено било пробно склопување пред испорака до локацијата за да се идентификуваат какви било грешки при префабрикувањето.
Мостот Хеликс е првиот во светот со дизајн со двојна спирала и чинел околу 68 милиони долари. Една од предностите на проектот била што е користен помалку челик во споредба со кутијастите носачи или кабелските мостови. Ова заштедило милиони долари во трошоците за изградба.
Хеликс формира есенцијална јавна врска преку Сингапурската река помеѓу градските деловни области. Неговиот закривен лак им овозможува на луѓето постојано да се спуштаат на шеталиштата на брегот, поврзувајќи ги овие точки со големите културни објекти како Националниот центар на изведувачки уметности проектиран од архитектот Michael Wilford. Од симболична перспектива, Сингапур овој проект го гледа како угледен ДНК ланец кој го пренесува духот на ревитализацијата.