Оваа амбиентална целина во далматинската позаднина ја оживеа белградското биро Pujo A&D преку употреба на автентични материјали и формалистичко следење на традиционалната локална архитектура.
На запуштената и со бршлен зарасната куќа даден и е шарм на минатите времиња, пред се со употребата на автохтон далматински камен, чија грубост и текстура го евоцираат истрајниот и издржлив дух на поднебјето.
Три куќи во едно домаќинство
Проектната задача изискувала промислување за три одвоени куќи во рамки на едно домаќинство. Посебен предизвик бил како поранешната трговска куќа покрај улица со своите придружни помошни објекти да се трансформира во модерен простор наменет за современи семејни потреби, а притоа, да на се изгуби на автентичност.
Од исклучителна важност било и решавањето на контактот со улицата, како прв визуелен момент на влезот во овој комплекс. Затоа, уличната фасада е задржана, а нејзиниот главен мотив е оплеменет со камен архиволт, кој станал инспирација за целиот дизајн.
„Овој камен лак станува цврста геометриска рамка за рачно изработената порта од ковано железо и акцент на строгиот уличен фронт. Само со поминување низ овој портал се назира животот на внатрешниот двор“ – објаснуваат Pujo A&D.
Реконструкцијата и адаптацијата на две помали дворни куќи вклучувале промена на целата кровна конструкција и задржување на фасадата од природен камен.
Со проектантска одлука овие кровни елементи стануваат видливи и претставуваат нов мотив во просторот, а преку контрастот на каменот и топлото дрво се постигнува рамнотежа на материјалите.
„Воведувањето на современи и модерни елементи сведено е на минимум и ограничено на примена во статичкото зајакнување на куќата“ – наведуваат од бирото.
Додека куќата долж улицата и издолжената куќа кон десниот сосед се подзаскриени и позатворени, куќата во форма на квадрат од левата страна доминира на парцелата поради нејзината положба и ориентација, па затоа е најизразена во однос на формата. Поларитетот се чита во: затворено-отворено, полно-празно, ѕидано-стаклено.
Интересната фасадана поделеност на две рамнини – масивно полна и транспарентно лесна, ефектно е разбиена со акцентиран архиволт кој внесува мекост во рустикалниот амбиент. „Едноставноста на чистата и јасна геометрија дозволува истакнување на материјализацијата, но и детали како бела лачна бордура“, истакнуваат архитектите.
Посебно внимание посветено на хортикултурата
Позиционирањето на базенот во однос на објектите во дворот условило нивелирана поделба на овој отворен простор. Делот за забава со базен и традиционален бунар е спуштен за неколку скали во задниот дел на парцелата, додека делот за пристапна комуникација е потивок и подигнат.
Посебно внимание е посветено на хортикултурата. Сите постоечки иглолисни дрвја се зачувани и интегрирани во новиот пејзажен концепт, а сопствениците на овој имот донеле две маслинки од нивниот масленик.
Престој во автентичен природен амбиент со семејството и пријателите била главната желба на клиентите, која преку архитектонска и дизајнерска интервенција се манифестира како во ентериерот, така и во екстериерот.
Ентериерот затоа е предвиден како заедничко место за семејни собири и дружења, кои биле важен аспект од историското минато на овој простор, па основни функционални целини се кујната и дневната соба.
Големиот број сончеви денови во текот на годината и начинот на живот на Далматинците, да пијат вино под сенката на висечките лози, се мотивот за формирање на тераси кои ја замаглуваат јасната граница помеѓу надворешниот и внатрешниот простор и придонесуваат за создавање на примореска и летна атмосфера.
„Проектирањето на односот помеѓу овие три објекта, кои можат да функционираат како посебни куќи, но и како целина во која живее едно големо семејство, истовремено нагласувајќи ги нивните индивидуални карактеристики, беше интересен и предизвикувачки проект“, велат од бирото.
Кров покриен со медитеранска ќерамида
Внимателниот избор на приморското зеленило, кровот покриен со медитеранска ќерамида и карактеристичниот мирис на камен во летните вечери, даваат доза на гостопримство и канат на чаша вино, пршута и сирење меѓу камените ѕидови.
„Во современата архитектонска практика ретки се можностите да им се даде нов живот на историските објекти, кои се носители на визуелниот идентитет на пошироката средина. Таква можност имаше тимот на Pujo A&D при реконструкцијата и адаптацијата на овие камени куќи во Далмација“, посочуваат авторите на проектот.