Насловна / Арт и дизајн / Денес комеморативна седница посветена на Коле Манев

Денес комеморативна седница посветена на Коле Манев

Денес во Даут-пашиниот амам во Скопје во 12 часот ќе се одржи комеморативна седница посветена на уметникот Коле Манев (1941-2025). Комеморацијата ја организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија со поддршка од Националната галерија.

На комеморативната седница ќе се обратат колеги и пријатели на уметникот.

Манев, еден од најистакнатите македонски фигуративни уметници почина минатата недела, по кусо боледување.

Коле Манев е роден на 11 ноември 1941 година во Бапчор, Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршил во Скопје, а неговото уметничко патување е неразделно поврзано со трагичната историја на македонските уметници, кои биле протерани од своите домови за време на Граѓанската војна во Грција 1948 година. Се образувал во Скопје и Белград, каде завршил прв степен ан Ликовна Академија, а продолжил да го проширува своето знаење и во Париз и Прага, каде присуствувал на предавања за анимиран филм.Како режисер и сценарист, Манев остави трајни белези и во филмската индустрија, со два играни филма: Мост (2006) и Еко Скоп (2022). Добитник е на голем број награди за сликарство и филм.

Влијанието на Манев е најголемо како  дел од групата македонски уметници кои оставија трајни белези во светската уметност преку бројни самостојни и групни изложби во Македонија, Франција и цела Европа.

Тој вистински трагач по човечката суштина, мајстор на македонското фигуративно сликарство. Неговите дела,  сведоци за длабоките стардања на Македониците,  се визуелни симфонии кои ги изразуваат најдлабоките чувства и размислувања за македонскиот дух и свет.

Во 2001 година, на Денот на македонската револуционерна борба, Собранието на Република Македонија му ја додели највисоката националната награда „23 Октомври“ за исклучителен допринос и презентација на  уметноста и културата со многубројните изложби дома и во странство.

Во 2006 година, Манев беше одликуван со титулата „Почесен витез на уметноста и културата“ од Француската амбасада, како признание за неговиот посветен ангажман во културната сфера. Една од неговите слики се наоѓа во фоајето на Република Македонија во Кабинетот на претседателот на Собранието.

Во 2012 година, неговата изложба на 29 слики беше претставена во новиот мултимедијален центар „Хаус ексклузив“.

Во 2023 г. е добитник на  наградата „Љупчо Филипов“ за развој и афирмација на македонскиот стрип која ја доделува Стрип центарот на Македонија.

Неговиот уметнички израз е на  посебно креативно ниво,  во духот на старите мајстори кои живееле само за и од уметноста. Остави непроценливо богатство кое ќе го инспирира идните генерации уметници. Во Cité des Arts во Париз, каде имаше своја галерија, гордо беше изложена неговата фотографија, а неговото ателје во градот на уметноста е едно од големите признанија за неговиот принос.

Беше не само голем сликар, туку и борец за правата на уметниците, како претседател на ДЛУМ, и активен колумнист во медиумите, каде често се изјаснуваше за важни општествени теми.

Естетиката на неговото фигуративно сликарство ја претставуваше со голем жар и почит. Секој негов потег беше потрага по длабока и индивидуална експресија, а неговата уметност и денес продолжува да биде светилник кој ја одразува колективната свест на општеството и ја поставува прашањето: „Каде одиме?“

Испрати коментар

Scroll To Top