Насловна / Архитектура / Став за последниот БИМАС на претседателот на УО на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ

Став за последниот БИМАС на претседателот на УО на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ

nagrada

„Паралелни светови“ бидејќи архитектурата е репрезент на културата, фактор на идентификација и интегритет на државата. Бидејќи архитектурата е одраз на нивото на образование, политичките стремежи, општествениот момент. Одразот се одвива паралелно со сè она што нè учи архитектурата, она што таа претставува и како се вреднува. Бидејќи ништо не се случува случајно.

10256184_627813013978771_4439978922275750410_n

Паралелно на архитектите се случи проектот „Скопје 2014“ во центарот на градот. Се потценува минатото творештво, често поради необразование или исфрустрираност, наречено „социјалистичко“. Се менува закон за градење неколку пати годишно. Советници во градот одлучуваат за изгледот на објектите. Урбанизам нема. Квалитетот на проектите е на сè пониско ниво. Големите проектантски бироа исчезнаа во транзицијата. Релациите со КОАИ се сведени само на плаќање членарина. Авторските права не се почитуваат. Конкурсот е сведен на јавна набавка. Не постои загарантирана минимална цена за проектирање. Се легализираат дивоградби. „Болоња“ влезе на факултет. Систем на вредности нема. Да се живее за архитектура и од архитектура се две крајности кои малку имаат врска една со друга.
Во наведените услови се случи 17-ти БИМАС, кој, сакале ние или не, го отсликува моментот. БИМАС се организираше над можностите, особено финасиските на ААМ. Се е сведено на ентузијазам на ретки поединци кои грчевито се борат да опстане ААМ, како единствено здружение кое ги собира архитектите, ја почитува архитектурата и се обидува да ја врати достојноста на професијата. БИМАС е единствената манифестација на архитектонското творештво во РМ. На БИМАС се презентираа проекти и објекти кои се само дел од творештвото во изминатите две години.

plakat
Капиталното творештво кај нас се објектите од „Скопје 2014“, кои не учествуваа на БИМАС, односно не се ни пријавија. Другото што се гради кај нас, главно се комерцијални станбени објекти, по некој трговски центар, индустриски објект, магацин.
Во ваква состојба на БИМАС се обидовме да потенцираме дека на архитектот му престоанува само оригиналност и знаење како единствено оружје во борбата за добра архитектура, а добрата архитектура во себе содржи елементи на умеење и сознавање на просторот и времето во кои настанува. Само како таква опстојува на сцената. Таа е слика на времето и не може да биде различна од моментот кога е создавана. Во овие околности постои само лична сила и лично уверување. Должни сме да бидеме свесни за она што ни се случува, но и да ја понесме одговорноста, а и да ја повратиме самодовербата.
На БИМАС се одржаа неколку предавања и изложби на гости од странство, чие учество најмногу се должи на личните релации со некои од членовите на ААМ, но и на проектот наречен „СК 2014“, кој сите подеднакво ги остава без текст. Сите тие следат што се случува со архитектурата во Скопје, но сега за првпат имаа можност да видат во живо. Гостуваше младиот архитект Диаз од Чиле, гостуваа доцентите од Словенија Дешман, Лобник и Канцлер со изложба и предавања. Професор Арсиќ од Србија, говореше за архитектурата како една од омилените играчки во рацете на диктаторите, политичарите, моќниците, нејзината злоупотреба во популистички цели и манифестација на лични фрустрации.
Се одржаа и дебати на различни теми. Авторски права во архитектурата, дебатата наречена „Паралелни светови“ беше насочена кон професионалните проблеми на архитектите. Проблеми постајат насекаде, од образованието преку локалната самоуправа, Комората, Инвеститорите. Се одржа и јавната дискусија, со тема за сведоштвото на градот што исчезнува. Во рамки на проектот „Отворена архива“, со „Отворен повик“ за учество во проектот, потенцирајќи ја потребата да се соберат трудови за Скопје, град кој изчезнува. Град сведок на серија трауматични трансформации. Овој проект има за цел симболички да го успори процесот на загубата на колективното сведочење и сеќавање.

aam
Присуствувањето на настаните на БИМАС е бесплатно. За жал, посетеноста на БИМАС, особено од помладите колеги и професорите на архитектонските факултети не беше на очекуваното ниво, со што само ја потврдивме капитулацијата како професија што поодамна ни се случи. Архитектот и ААМ одамна го изгубија местото што им припаѓа. Затоа е добро што на овој БИМАС отворено и без пардон се дебатираше на темите што сите не допираат. Мораме да сме прво свесни за состојбата во која се најдовме, отворено да си ги признаеме и лоцираме грешките како би можеле да ги решаваме. Важно е што на БИМАС дискусијата почна и мора да продолжи да се разговара.
Управниот одбор долго и внимателно ја составуваше комисијата за доделување награди на БИМАС. Целта беше да составиме тим кој ќе умее да препознае квалитетна архитектура и ќе успее да пронајде доволно доблест да се излезе од маѓепсаниот круг во кој западна ААМ. Времето на шпекулации, што е навистина добра архитектура, треба да се остави во минатото. Неопходно е комисијата да е составена од архитекти кои не се учесници на БИМАС, да немаат членови од потесното семејство кои учествуваат на БИМАС, добро е да има претставници од архитектонските факултети, да не се повторуваат членови од минатите години, да има разноликост во возраста, да се проектанти. Се покажа дека задачата е потешка од што изгледа на прв поглед. Изборот е многу мал. Колку ние како Управен одбор и комисијата успеавме да ја исполниме задачата ќе покаже времето. Бидејќи на квалитетната архитектура не и е потребна награда за да се препознае, наградата само и оддава признание. Се случувале награди на БИМАС кои со право ги револтирале членовите, што е лошо и за ААМ и за архитектурата воопшто. Сакавме да избегнеме повторно да ни се случи „селски двор“. Можеме бесконечно да дебатираме што е квалитетна архитектура и никогаш да не дојдеме до апсолутната вистина, но мораме да се сложиме дека архитектурата е сложен процес кој бара комплексен пристап во преиспитувањето меѓу содржината и формата, каде акцентот ќе биде на примарната функција. Опфаќа многу компоненти и мора да исполни многу задачи. Гран при на БИМАС е престижна награда и за првпат оваа година не се додели. Секој објект треба да има функција, тоа е првиот предуслов и од нејзе да произлезе форма, композиција. Кога успешно ќе се спојат сите овие елементи се добива квалитетен објект. Ова е единствениот критериум за добивање гран при. За жал, на БИМАС не му се случи таков објект. Јас храбрата одлука на комисијата ја поздравувам. Сигурна сум дека има голем број коментари дека не смееше да се случи не доделување на главната награда. Но мислам дека е крајно време да престанеме да си фрламе песок во очи и да воспоставиме стручен критериум. Тажно е што капацитетот на творештвото во Македонија е многу ограничен, а со тоа и работата на архитектите. Не се доделија и награди за индустриски дизајн и урбанистички проект од едноставна причина што такви проекти немаше. Се доделија две специјални награди. За црквата Св. Илија во Говрлево, со која според комисијата се апострофира преплетување на желбите и можностите на инвеститорот со креативноста на архитектите. Но, тој процес не е ништо необично. Се случува со секој објект. Во конкретниот случај интервенција на постоечки објект, црква, со што односот на населението е повеќе врзување со духовното отколку со архитектурата, така повеќе навлегува во сферата на филозофијата. Пред сè, БИМАС е манифестација и вреднување на архитектурата. Другата специјална награда е за Монтажна галерија „Центар за современи уметности“ САС, која можеби е највеќе во контекст со насловот „Паралелни светови“. Како едно прибежиште во деликатен момент на потценување на слободното творештво. Прибежиште лесно преносливо и како подарок од небо достапно за сите. Наградата за проект од областа на архитектурата за Клиничката болница во Штип ја покажува целата сложеност на архитектурата. Обемната и комплексна задача бара многу стручност, умеење и знаење за да се оформи функционална и естетска целина со современ израз. Оваа награда во права смисла покажува што значи вистинска вештина во архитектонското проектирање и во кој правец треба да се движи архитектурата. Ми дава надеж дека не е се готово.
Како претседател на ААМ немам право да се мешам во работата на комисијата, нејзините одлуки се независни и легитимни. Но, смеам да имам свое мислење и морам да имам став и како архитект и како претседател. Комисијата успеа до некаде да се извлече од маѓепсаниот круг на шпекулации, но не до крај. Секако, одговорноста, и ние како Управен одбор, особено претседателот, мораме да ја понесеме и да се соочиме со критиката на членовите на ААМ. Комисијата ние и ја составивме. Прв и основен критериум за доделување награди мора да биде архитектура, а потоа фразеологии како „суптилноста на чинот, комплексност на односите“. Квалитетот е одамна изгубен, мораме повторно да го достигнеме, тоа го должиме на членовите на ААМ, осбено на проектантите, малите бироа, а единствено нив ги имаме, кои се носители на архитектурата, и кои, за жал, на овој БИМАС ги заобиколи награда. ААМ мора да формира единствен критериум на здружението за квалитет во архитектурата, не може и не смее и понатаму критериумот да биде на поединечни членови во комисијата.
БИМАС заврши, архитектите се пред големо искушение да најдат сила да се изборат со состојбата. За „Скопје 2014“ е многу зборувано, ставот на ААМ е јасен, но не може да зборуваме само за тоа, што правиме со она што не е „Скопје 2014“? Скопје ја чека архитектурата како одговор. Архитектурата се проектира, не се создава во весници и на протести. Дијалогот почна, мораме да се избориме за квалитетна архитектура. Тоа никој не може да го направи наместо нас. Потребно е многу време, внимание, чесност, стручност, самокритичност, растеретеност и трпение.

Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, дипл.инж.арх.

претседател на УО на Асоцијација на Архитекти на Македонија

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top