Секретаријатот на Енергетската заедница и оваа година организира Летна школа, во периодот од 19-ти до 26-ти јули, на Поморскиот факултет во Котор. Како и досега, школата е наменета за младите професионалци во областа на енергетиката. Фокусирана е на енергетските сектори во транзиција, особено во југоисточна и источна Европа. Програмата опфаќа комбинација од курсеви, предавања и други активности. Покрај теоретските елементи, вклучува и практична обука преку студии на случај и симулации.
Крајниот рок за аплицирање е 31.03.2025 година. Пријавата подразбира пополнување на формулар во кој покрај биографијата, треба да се достави и краток труд до пет страници во кој ќе бидат претставени и накратко анализирани актуелните прашања во областа на енергетската политика, поврзани со некоја од следните теми: економски импликации, технички аспекти на производството на енергија, политички импликации и енергетска дипломатија, правни аспекти или прашања од одржливоста на енергетските системи. За школата можат да се пријават студенти на мастер и докторски студии, истражувачи, стручњаци од државни институции, енергетски компании и невладини организациии, кои не се постари од 35 години. За школата ќе бидат избрани вкупно 40 учесници. Секретаријатот на Енергетската заедница ги покрива сите трошоци поврзани со програмата, вклучувајќи ги предавањата, сместувањето, и сл. Покрај државјаните од земјите од ЕУ, учеството е бесплатно и за државјаните на Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Србија, Украина, Велика Британија и Турција.