Насловна / Вести / Gramercy Park, Њујорк – викторијански џентлмен кој одбива да умре

Gramercy Park, Њујорк – викторијански џентлмен кој одбива да умре

Gramercy е шармантна станбена населба сместена во срцето на Менхетен. Оваа четврт не нуди туристички атракции, бучни клубови, метеж и туристички автобуси. За побрзо темпо во Њујорк, одовде блиску и лесно достапни се Flatiron, Chelsea и Midtown.

Населбата е позната по прекрасни улици со дрвореди, историска архитектура и мирна атмосфера. Она што ја прави населбата посебна е тоа што таму се наоѓа и истоимениот парк – Gramercy Park, приватна зелена површина отворена само за жителите на околните згради.

Gramercy Park со подолгата страна е паралелно поставен на авенијата Lexington 2 и е тивко подрачје опкружено со зеленило. За бегство од градската врева, жителите добиваат ексклузивен пристап до еден од двата приватни парка во Њујорк.

Длабоко во Менхетн овој парк е место со посебна историја, која го прави едно од скриените богатства на градот.

Историјата на Gramercy Park почнува во 1831 година, кога визионерот, заговорник на отворени простори, Samuel B. Ruggles (1799 – 1881), американски адвокат и политичар, го купил она што тогаш било малку повеќе од мочуриште.

Ruggles го исушил мочуриштето и земјиштето го нарекол Gramercy Farm. Неговите планови вклучувале резиденцијален центар со 66 куќи и парк од околу 8.000 квадратни метри, кој внимателно го уредувал. Тогаш почнал да прифаќа само жители кои се согласувале на еден услов: да го одржуваат паркот од генерација на генерација.

И така е и денес, жителите повеќе од 190 години го држат зборот. Паркот ограден со ѕид останал затворен сите овие години и дозволен им е само на жителите кои имаат клучеви, создавајќи така стандард на престиж и ексклузивност. Малкумина имаат привилегија да поседуваат клучеви кои изгледаат обично, но со кои се влегува во најексклузивниот парк на славниот американски град.

Од 31 декември 1831 година, Gramercy Park е заеднички за сопствениците на 39-те околни објекти. По два клуча се доделуваат на секоја од оригиналните парцели кои го опкружуваат паркот, а сопствениците можат да купат клучеви за надоместок, кој првично изнесувал 10 долари по клуч, но од 2008 година изнесува 350 долари, со цена 1.000 долари за изгубени клучеви, што се зголемува на 2.000 долари за втор случај на губење. Бравите Medeco се менуваат секоја година и на секој имот што не го плаќа годишниот данок од 7.500 долари по земјиште, му се укинуваат привилегиите за клучеви. Дополнително, клучевите многу тешко се дуплираат. Почнувајќи од 2012 година, има 383 клучеви во оптек, секој поединечно нумериран и кодиран.

Членовите на Players Club и National Arts Club, како и гостите на ексклузивниот Gramercy Park Hotel кој има 12 клучеви, имаат пристап, а исто така имаат пристап и црквата Calvary Church и синагогата Brotherhood Synagogue.

Паркот, сепак е отворен за јавноста еден ден во годината и тоа токму на Бадник. Тогаш посетителите на паркот можат да го видат и да шетаат, но не смеат да пијат алкохол, да пушат, да возат велосипед, да шетаат куче, да играат со топка или фризби или да ги хранат птиците и верверичките.

Gramercy Park е оаза во срцето на раздвижениот град, со своето бујно зеленило, скулптури и живописни фонтани. Gramercy Park е исто така дом на бројни луксузни ресторани, бутици, продавници и културни знаменитости, вклучувајќи ги театарот Gramercy Theatre и Players Club.

Паркот е опкружен со елегантни градски куќи од 19 век, вклучувајќи некои од најстарите станбени згради во градот и првата зграда која имала лифт, изградена во 1883 година. Поранешниот гувернер на Њујорк Samuel J. Tilden поседувал една од најголемите викторијански вили во градот, во која денес се наоѓа National Arts Club. Тука е и националното историско место, каде се родил 26. претседател на САД, Теодор Рузвелт.

Останатите поранешни истакнати жители се: изумителот Томас Едисон, сликарот Роберт Хенри, глумците Гергори Пек и Џејмс Кегни, писателот Џон Стајнбек. Исто така тука еден период во пентхаус жувеела пејачката и глумица Бет Мидлер. Но, и писателката и добитничка на Пулицеровата награда Идит Вортон, поминала значително време во Gramercy Park, каде што напишала некои од нејзините најпознати романи, меѓу кои и „Време на невиност“.

„Њујорк Тајмс“ за соседството и за паркот ќе напише дека не постои ништо друго во земјата како Gramercy Park, нарекувајќи го „викторијански џентлмен кој одбива да умре“.

Друго популарно обележје кое го опкружува паркот е театарот Gramercy, кој е домаќин на низа концерти и настани во текот на годината. Тука се и прекрасната библиотека, но и Players Club, некогашен дом на познатиот театарски актер Едвин Бут, кој патувал низ Соединетите Американски Држави и низ престолнините на Европа, изведувајќи претстави на Шекспир. Во 1916 година, Клубот во чест на Бут поставил негова статуа како Хамлет во центарот на паркот. Статуата е дело на вајарот Едмонд Томас Куин. Конечно, посетителите на Gramercy можат да го погледнат и National Arts Club, кој може да се пофали со импресивна уметничка колекција и е домаќин на настани кои се движат од предавања до музички изведби.

Во Gramercy е сметен и Jazz Standard, еден од најголемите џез-клубови во Њујорк, а нивната посветеност на поттикнување млади, нови музичари во тандем со прославени познати имиња ги прави нивните настапи прекрасен микс на таленти.

Соседството изобилува и со одлични ресторани, меѓу кои попознати се Maialino кој нуди елегантна, луксузна храна инспирирана од италијанската култура, а е сместен во славниот Gramercy Park Hotel со пет ѕвезди, изграден во 1925 година, проект на американскиот архитект Robert T. Lyons. За одлични тапаси, нема подобро место од Casa Mono и од неговиот сестрински ресторан во соседството, Bar Jamón. Менито овде потекнува од смелите вкусови на шпанската Коста Брава.

Сè на сè Gramercy Park е ексклузивно прекрасно место во извонредно соседство со единствен карактер и шарм, тивко станбено засолниште со парковска оаза само за жителите.

Испрати коментар

Scroll To Top