Британското биро Twelve Architects го претстави проектот за хотел наречен Escapade Silverstone, сместен на работ на тркачката патека Силверстоун каде се одржува Големата награда на Британија, трка која се вози во рамки на натпреварувањето во Формула 1.
Проектиран за љубителите на мотоспортот, ова хотелско сместување има форма на комплекс од 60 резиденции, при што некои од единиците се наоѓаат на само 12 метри оддалеченост од заштитната ограда на патеката, овозможувајќи им на гостите да го почувствуваат мирисот на врелиот асфалт.
Спојување на две спротивности
Покрај сместувачките единици, хотелскиот комплекс содржи и централен клуб, а гостите покрај во погледот на возбудливите стази на патеката, можат да уживаат и во погледот на брановидните селски пејзажи.
„Она што го прави овој проект единствен се локацијата и спротивноста. Од едната страна имате хектари селски пејзажи, а од другата оваа безбедна и високопрецизна инженерска патека. Наша задача беше да најдеме начин да ги споиме овие два елементи и да ги надополниме“, велат од Twelve Architects.
Сместувачките единици – кои сите може да се поделат на помали апартмани користејќи звучно изолирани, подвижни ѕидови – се поделени во три типа, тука се и резиденции покрај патеката, резиденции со поглед на селскиот пејзаж и единици со двоен поглед.
Додека од тераста на кровот на апартманот со двоен оглед може да се ужива во поглед од 360 степени, 15-те резиденции покрај патеката обезбедуваат целосно извонредно тркачко искуство.
Објекти обложени со бор
Според бирото, преземени се мерки за омекнување на дизајнот, со цел развојот да одговара на драматичноста на неговата локација, а да не се наруши околниот простор и природата.
Објектите се обложени со бор, кој со текот на времето ќе премине во сив тон, а изборот на материјали бил клучен дел од проектот.
„Овие згради нема да бидат тврди, во сјајни бои, што би можеле да ги замислите кога ќе помислите на тркачки автомобили. Го сакавме овој мек материјал, но со остри, детални рабови“, додаваат архитектите.
Внатрешноста на објектите е обликувана во едноставен, но луксузен дизајн, а во просторот доминираат дрвени подни облоги поставени во Chevron шема, така што ја симболизираат тркачката патека.
Со оглед на тоа што апартманите се мали, мебелот е минималистички и употребена е едноставна палета на бои со мешавина од темно портокалови и сини тонови, со темни дрвени завршни обработки.
Спални соби во мирен дел од зградата
Кога станува збор за звучна изолација, архитектите наведуваат дека резиденциите се „малку повеќе звучно изолирани“ од просечен хотел, со оглед на тоа што не е можно целосно да се блокира звукот од патеката. Сепак, според нив, бучавата е исто така дел од искуството.
„Нема трки во текот на ноќта и спалните соби се во мирниот дел од зградата. Освен тоа, целата на вашата посета е да ги доживеете автомобилите, вревата и се што доаѓа со тоа“ – истакнува директорката на Twelve Architects.
Заедничкиот простор на клубот, кој нуди содржини како што се базен, теретана за возачи, соби за третмани, простор за обука, ресторан, бар и тераса на кровот, се наоѓа на крајот од првиот ред, покрај трибината Becketts и директно до патеката.
Клубот е позициониран на една од најдобрите кривини на Силверстоун и нуди панорамски поглед на патеката. Така, клубскиот ресторанот има стаклени ѕидови, кои се внимателно поставени за да се оптимизира погледот на патеката без одсјај.
„Ова е дестинација каква што не постои никаде на друго место и сега планираме да ја понудиме на други култни светски тркачки патеки“, вели Вил Тиндал, основач на инвестициската компанија Escapade Living.