Основан во 1632-рата година, Вилијамсбург бил првата, и долго време, единствената општина во Вирџинија – најголемата, најнаселена и најбогата од тогашните 13 американски колонии. Вилијамсбург е еден од првите градови во Америка за кој постоел нацрт-план. Претставен во 1699-та година под надзор на гувернерот Францис Николсон, идејата била да се основа „нов и добро уреден простор“, погоден за главен град на Вирџинија. Вилијамсбург потоа брзо прераснал во центар на политичкиот, верски, економски и социјален живот. Токму овде се оформиле идеите за претставничката влада, а во непосредна близина, во Јорктаун, била освоена и независноста над Британија.
Пред да се роди нацијата, во и околу Вилијамсбург заедно живееле различни луѓе – некои овде дошле по избор, надевајќи се дека ќе изградат нов живот. Други биле заробени и донесени со сила, биле користени, купувани и продавани како имот. Светот на домородното население, коe билo тука долго пред да пристигне кој било новодојденец, бил комплетно превртен. Во Вилијамсбург, луѓе од различни места и во мошне различни околности работеле, се жртвувале, издржале и твореле. Тоа било заедница на аспирации и противречности, за потоа да стане и центар на револуцијата. Во Вилијамсбург постои амбиција и идеализам заедно со конфликт и борба. Се гледа храброст и смелост, генијалност, решителност и прагматизам. Видливо е лицето на страдањето и издржливоста. Може да се разберат тагите, стравовите, радостите и достигнувањата на луѓето од тоа време и место – и да се сфати колку се тесно поврзани со нашите. Оттука и познатото мото на Фондацијата Колонијален Вилијамсбург – „Иднината може да научи од минатото“.
Денес, срцето на Вилијамсбург е неговата колонијална област во сопственост на оваа фондација. Овој дел го претставува своевремено главниот град на Вирџинија, онака како што постоел за време на неговата кулминација во доцните 1700-ти, пред седиштето на владата на Вирџинија да се премести во Ричмонд. Во 1920-тите почнала главната реконструкција на областа, првенствено финансирана од филантропот Џон Д. Рокфелер Јуниор, а предводена од свештеникот д-р В. А. Р. Гудвин.
Колонијален Вилијамсбург е непрофитна образовна организација и претставува најголем жив историски музеј во светот. Се простира на површина од 120 хектари, со преку 600 оригинални и реконструирани куќи, продавници, таверни и јавни згради. Штом ќе стапнете во оваа беспрекорно обновена област, практично се враќате во 18-тиот век. Зградите не се само реликвии, архитектурата всушност ја раскажува приказната за една тукушто заживеана нација. Вилијамсбург важи за доказ за архитектонскиот сјај на американското колонијално минато. Доминантен стил е џорџијанскиот, карактеристичен по симетрија, класични пропорции и декоративни елементи.
Гувернерска палата
Ова е една од најпознатите објекти во Колонијален Вилијамсбург. Првично изградена помеѓу 1706 и 1722 година, зградата била официјална резиденција на кралските гувернери, а подоцна и на постколонијалните гувернери на Вирџинија. Конструкцијата го одразува раскошот и елеганцијата коишто се сметале за соодветни за седиште на колонијалната моќ.
Гувернерската палата е исклучителен пример на џорџијанската архитектура. Инспирацијата за проектот – симетрична фасада, рамномерно распоредените прозорци и многуте детали, се црпела од класичните елементи на ренесансната архитектура. Карактеристика на фасадата е централниот портал со фронтон носен од столбови, создавајќи голем влезен простор. Циглите, како главни придонесувачи на одржливоста, честопати биле поставени во фламански шаблон, доистакнувајќи ја текстурата и визуелноста на ѕидовите.
Покривот е стрмен, а на средината се издигнува купола, крунисана со статуа или ветроказ. Куполата имала и функционална и естетска цел – филтрирање на светлината во зградата и впечатлива визуелна фокусна точка.
Прецизно уредените градини околу палатата, само ја надополнуваат архитектурата. Геометриските партери, живата зелена ограда и патеките со чакал биле карактеристични за формалните градини од тој период. Овој простор не бил само место за одмор, туку и одраз на статусот на гувернерот и уредноста на колонијалната администрација.
Внатрешноста на палатата продолжува да импресионира со дрвените облоги на ѕидовите, изрезбаните камини, лајсните со бројни детали и полираните подови, сето ова доказ за занаетчиската умешност на работниците. Високите тавани, големите прозорци, раскошниот декор, префинетиот мебел и богато исткаените килими, даваат чувство на
Изградбата на овој објект и околината била делумно финансирана од данок за увоз на поробени луѓе во Вирџинија. Во одреден момент, изведувачот продал три робови, купени како работници, за да може да се набават дополнителни материјали. По бројни непланирани трошоци зградата конечно била завршена во 1722 година. Оригиналната Гувернерска палата била уништена од пожар во 1781. Сепак, благодарение на Фондацијата Колонијален Вилијамсбург, во 1930-тите палатата била реконструирана врз основа на историски записи, археолошки докази и оригинални планови.
Капитол
Оваа зграда, исто така обликувана во класичен џорџијански стил, служела како политички центар на колонијална Вирџинија. Екстериерот е со препознатливите елементи како купола и фронтон влез, а внатре има големи сали за состаноци. Особено плени глетката низ целата област за време на божиќните празници, кога и имав прилика да ја посетам. Традиционално, токму над зградите на Капитол и Палатата има голем огномет, како дел од празничната програма и неколкуте активности наречени осветлувања. Во 18-тиот век, осветлувањата, како пукање во воздух и палење огномет, означувале прослава за големи настани – роденден на владетел, воена победа или пристигнување на нов гувернер. По огнометите вообичаено следуваат бројни музички настапи на локални изведувачи.
Парохиска црква Брутон
Изградена во 1715-та година, црквата е една од најстарите активни епископални цркви во Америка. Архитектонскиот стил е едноставен, но елегантен, со дебели ѕидови од цигли и заоблени прозорци.
Напорите за реставрација во колонијалниот Вилијамсбург се засноваат на прецизни историски истражувања, археолошки докази и оригинални документи. Оваа посветеност на автентичноста гарантира дека зградите и нивната внатрешност се колку што е можно верни на оригиналите. Онаму каде што се изгубени оригиналните структури, биле употребени традиционални материјали и техники. Колонијален Вилијамсбург е повеќе од само збирка историски градби, тој е музеј кој го оживува минатото преку архитектура и интерпретација. Внимателното зачувување и реконструкција на објектите обезбедува извонредно искуство што ја доловува суштината на колонијална Америка.
Колеџ Вилијам и Мери
Градот Вилијамсбург е дом на вториот најстар колеџ во САД, Вилијам и Мери. Основан во 1693 година, колеџот е врвен јавен истражувачки универзитет, нашироко познат по својата извонредна академска репутација, преубавиот кампус и иновативноста на новите згради. Како „Public Ivy“ – (престижен колеџ во државна сопственост – еден од само осумте во Америка) – Вилијам и Мери поседува околу 22,6 % од површината на градот и воедно е негов главен економски двигател.
Неговите темели биле поставени на Средната плантажа, којашто наскоро ќе биде позната како градот Вилијамсбург. Набргу потоа започнала изградбата на зградата Врен и по неколку децении, и другите две околни згради на колеџот, Брафертон и Претседателската куќа. Нивниот распоред на зеленилото значел почеток на изразениот американски концепт – кампус на колеџите. Наместо да се постави ограда на дворот, како на колеџите во Оксфорд и во Кембриџ, дворот формиран од овие три згради бил отворен кон Вилијамсбург.
Преку внимателното позиционирање Вилијам и Мери одиграл витална улога во основањето и во урбанистичкиот план на градот. Во првите 200 години колеџот имал незначителен број на студенти и на моменти се борел да преживее како малa приватна институција, сè до 1906 година, кога добил поддршка од Комонвелтот на Вирџинија. Тогаш работите почнале да се менуваат на подобро.
Колеџот Вилијам и Мери не е познат само по своите академски достигнувања, туку и по импозантното архитектонско наследство – со видлив спој на колонијални, џорџијански и модерни стилови коишто ја одразуваат неговата долга историја и образовна мисија.
Зградата Врен, на пример, е најстарата академска зграда која е функционална до ден денес и служи како своевидна архитектонска круна на кампусот – симетричен распоред, употреба на цигли како главен градежен материјал, големи прозорци. Внатрешните простори се богати со детали како дрвени резби и дрвени ѕидни облоги. Главната сала, која се користи за свечени собири и церемонии, е украсена со портрети на историски личности, што само ја надополнува грандиозноста.
Зградата Брафертон е изградена во 1723 година. Првично служела како индиско училиште, а сега овде се сместени административните канцеларии. Обликувањето е идентично со зградата Врен одразувајќи го практичниот, но сепак префинет стил на колонијалните структури од почетокот на 18 век.
Деканската куќа била подигната десет години подоцна. Ова е една од најстарите вакви резиденции во САД. Беспрекорната фасада го нагласува авторитетот и почитта спрема раководството на колеџот.
Додека историското јадро на Вилијам и Мери се карактеризира со објекти од колонијалната ера, во своите понови градби ги прифатил и модерните архитектонски стилови. Притоа, додатоците ја надополнуваат историската естетика на кампусот, за на крајот да се добие визуелна кохезивност. Колеџот вложува огромни напори во зачувувањето на неговото наследство, истовремено исполнувајќи ги современите стандарди за безбедност и пристапност. Фондацијата Колонијален Вилијамсбург притоа одиграла значајна улога, особено во реставрацијата на зградата Врен.
Посветеноста на Вилијамсбург за зачувување се протега и на зелените практики. Бројни згради се ажурирани за да ги задоволат најновите еколошки стандарди, без да се жртвува нивниот историски интегритет, едноставно за да се обезбеди гаранција дека архитектонската убавина ќе трае и за идните генерации.
Денес, градот брои околу 15.000 жители, а заедно со околните населби околу 95.000, и важи за еден од најбрзорастечките региони во Вирџинија во последните три децении.
Современите случувања во Вилијамсбург често се поттикнати од колонијалната естетика, осигурувајќи дека хармоничниот спој на старото и новото го одржува градскиот уникатен шарм. Ова е град во кој историјата живее, дише и продолжува да инспирира.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)