Во време кога мобилните телефони практично станаа дел од нашето тело, еден италијански ресторан бара од гостите да ги остават во посебни фиоки под клуч при влезот, за да се вратат на традицијата на уживање во дружењето.
Во ресторан во центарот на Верона постои правило дека употребата на мобилни телефони за време на вечерата е забранета. Целта секако е, уживање во друштво на луѓето кои дошле во ресторанот исто како некогаш, кога не го прекинувавме соговорникот за да ја прочитаме штотуку пристигнатата порака, ниту пак дававме приоритет на мобилниот телефон, игнорирајќи го лицето кое е со нас во друштво.
Локалот се вика „Кондоминиум“ и во него при влегување сите мобилни телефони се заклучуваат во фиоки кои изгледаат како поштенски сандачиња какви што навистина постојат во италијанските кондоминиуми и остануваат таму додека сопственикот на телефонот не ја плати сметката.
На овој начин, сопствениците на ресторанот сакаат да го вратат човечкиот контакт и да направат се гостите да се чувствуваат како дома.
„Ако телефонот стане дрога, тоа не е добро. И за жал, веќе создаде вистинска зависност кај луѓето кои наместо да живеат вистински животи, живеат во виртуелен свет на социјалните мрежи. Ова е едно од големите ограничувања на технологијата“, смета Анџело Лела, косопственик на ресторанот.
„Забележавме дека гостите разговараат и со оние на соседните маси, разменуваат неколку зборови за храната или нешто друго, бидејќи сега немаат можност да ја сликаат храната и да ја прикачат на интернет“, додава Федерико ди Ерика, косопственик на ресторанот.
Кога гостите ги оставаат телефоните во поштенското сандаче, за возврат добиваат шише вино. И менито е необично, а гостите можат да учествуваат во подготовката на рецептите бидејќи кујната е отворена и може да се види се што се случува.
Телефоните ни одземаат три месеци од животот секоја година
Секој ден поминуваме часови на нашите паметни телефони и крајниот резултат се три месеци секоја година, покажуваат истражувањата. Шест часа и 37 минути е просечното време што едно лице го поминува на телефон или компјутер на глобално ниво. Италијанците губат 35 отсто од времето користејќи ги овие уреди, а 21 отсто велат дека се вознемирени ако поминуваат премногу време подалеку од своите телефони.
Ресторанот „Кондоминиум“ се обидува да го поправи ова барем за време на вечерата во нивниот локал, а и рецензиите не се онлајн, туку сопствениците бараат од гостите да ги напишат рачно и да ги стават во поштенското сандаче во согласност со нивната желба да ги вратат добрите стари времиња.