Велес доби нов театар по светски стандарди. Примопредавањето се случи во присуство на премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, министрите Гордана Јанкуловска, Зоран Ставревски и Иво Ивановски…
Директорот на театарот Јордан Витанов, посака театарот „да го чува и да го дочува националниот идентитет“, споменувајќи си на зборовите на Јордан Хаџи-Константинов Џинот, чие име го носи театарот, кој велел дека театарот ќе ги направи луѓето подобри, поумни и поблагородни. По неколку години градба и исклучително комплицирани околности на светска и економска криза, како што рече Груевски, сепак успеавме да ја завршиме изградбата на театарот.
„Во овој објект се инвестираа околу 12 милиони евра и тој е еден од најсовремените во Македонија. Театарот ќе биде место каде од есен велешани и сите љубители на театарот од земјава ќе можат да уживаат во театарските претстави и во оваа прекрасна театарска зграда“, потенцираше Груевски.
Објектот на новиот театар во Велес е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет за 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Изградбата на зградата на Велешкиот театар се одвиваше повеќе од осум години, а камен-темелникот за овој објект беше поставен во мај 2008 година. Опремата, уредите, аудио и видео системите се од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.
Основниот сценски простор на големата сцена е од модуларен тип, со три оркестарски и осум сценски платформи.
Проектот за новото културно здание го изработија Илија Стојчевски, Моника Стојчевска и Билјана Христова, а градежните работи на објектот ги изведуваше фирмата „Еуро Проект“ од Тетово.
Велешкиот театар значи продолжување на успешната традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, каде и натаму ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини со високи технички перформанси.
„Велес добива современ, исклучително функционален, технички и технолошки супериорен објект кој е проектиран и изведен со јасно дефинирана цел – да им служи на уметниците и на граѓаните на Велес“, истакна Канческа-Милевска.