Наивната уметност од Ковачица или Ковачичка наива е името на школата за наивна уметност што се развила во Ковачица. Ковачица има големо значење на мапата на светското наивно сликарство и претставува своевидна метропола на наивата. Ова мало село повеќе од пеесет години го изненадува светот со својата уметност, особено сликарството.
Ковачица кај Панчево, Србија има 26.000 жители и е претежно населена со Словаци, а во последните осум децении произвела педесетина признати сликари, прославени низ целиот свет.
Во малото место во Банат, кое живее од земјоделство, сликарскиот занает се пренесува од колено на колено. Местото е лулка на словачкото наивно сликарство, што е посебно по тоа што самоуки уметници сликаат сцени од секојдневниот живот на селото.
Во 1939 година Мартин Палушка и Јан Сокол ја откриваат својата љубов кон сликарството, а подоцна им се придружуваат и други и во 1951 година на чело со Владимир Бобош ја основаат првата уметничка секција.
Било потребно многу време за од репродукција и пресликување разгледници со работа да се дојде до сопствен стил и уметнички израз. Извесно време се водела борба меѓу оние кои ги копирале и пресликувале нивните дела и оние кои се обидувале да изградат свои и препознатливи стилови и ракописи. Сликите што ги работеле самоуките необразовани сликари од Ковачица го воодушевија и го освоија светот.
Мотивите на овие уметници се главно од животот и војната во селска средина. Нивните обожаватели се многубројни, а нивните дела може да се најдат во музеи, галерии и приватни колекции низ светот. Основачи на ковачката школа биле Мартин Палушка, Јан Сокол, Владимир Бобош, Михал Бирес и Јан Књазовиц, а подоцна им се придружиле Мартин Јонаш и Зузана Халупова. Во 1952 година, дванаесет сликари од Ковачица ги изложиле своите слики за време на прославата на 150-годишнината од доаѓањето на Словаците во Војводина.
Првите слики на платно се создадени во 1953 година, кога започнал да твори Мартин Јонаш, еден од најистакнатите претставници на наивното сликарство не само во Ковачица, туку и во целиот свет. Јонаш за своите дела освоил бројни меѓународни признанија.
Меѓу другото, во 1978 година го поделил златниот медал со Салвадор Дали на меѓународна изложба на цртеж во Италија.
Карактеристика на наивната уметност од Ковачица се живи бои и силен колорит.
Во своите дела секој од сликарите од Ковачица носи автентично и уникатно сликарство кое се разликува по мотивите или по создадениот уникатен израз. Секој од сликарите има свој стил и препознатлив сликарски ракопис.
Наивното сликарство од Ковачица во 2012 година е запишано во Националниот регистар на нематеријално културно наследство на Србија, а се однесува на знаењата и вештините на сликање и сликање предмети со експресивни прикази на народниот живот, селската средина и секојдневниот живот, кои се развиле како посебна форма на наивна уметност во градот Ковачица во 1930-тите години на 20 век.
Наеодамна наивното сликарство од Ковачица, елемент на нематеријалното културно наследство на Србија е запишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.