На почетокот на 1949 година, Тито му дава наредба на Лазар Колишевски да организира „Недела на македонската национална култура“ во Охрид. На овој собир, требало да им се покаже на гостите од странство што постигнала Народна Република Македонија на културно и уметничко поле во првите години по Втората светска војна. Собирот бил мошне погоден момент на јавноста да ѝ се покаже и она за што малку се знаело – убавината и богатството на Охридските фрески. Наредбата на Тито била собирот да се случи во летото 1950 година.
Главниот проблем што требалo да се реши пред собирот било чистењето на фреските во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во Охрид, кои веќе со децении биле сокриени под темните наплатувања од чад на свеќи. Едни конзерватори предлагале чистењето да се изврши по механички пат, втори со помош на плуканици, трети со употреба на гума и леб, четврти пак со терпентин. Во 1949 година, група на француски конзерватори пристигнале во Охрид. Целта им била да направат копии од фреските од Света Софија за изложбата на југословенска средновековна уметност во Париз. Овие француски конзерватори предложиле уште порадикален метод – чистењето на фреските да се изврши со помош на бензин со кој би се премачкале фреските, а потоа бензинот би се запалил и на тој начин би изгорел лакот и чадот на фреските. Но, иако постоеле бројни предлози, повеќемина од предлагачите својот изум не сакале да го спроведат во дело.
Како најпогоден метод, во 1950 година, бил прифатен начинот што го предложил конзерваторот Здравко Блажиќ. Користел хемикалии од органски потекло (ацетон, бензин, алкохол, вазелин, парафин) кои биле безопасни за фреските и ја вршеле работата одлично.
Во март 1950 година во списанието „Илустрирана Нова Македонија“, Здравко Блажиќ објавува напис каде што за прв пат ги презентирал резултатите од реставрацијата на фреските од Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент). Написот предизвикал лавина на реакции и кај обичната и кај стручната јавност. Обичните луѓе биле шокирани од убавина на фреските кои се појавиле на површината после чистењето. Се појавило ѕидно сликарство со кое, всушност, како што констатирале стручњаците, почнува ново поглавје на средновековната уметност во Европа, познато под називот „ренесанса на Палеолозите“. Овие фрески биле и првите датирани дела на средновековните сликари Михајло и Евтихиј, по потекло до Солун, кои работеле на територијата на средновековна Македонија.
Здравко Блажиќ (1917-1979)
Стручњаците исто реагирале бурно. Прочуениот италијански конзерватор Чезере Бранди, кој во Охрид допатувал како стручњак на УНЕСКО за да учествува во работата на меѓународната комисија за конзервирање и заштита на црквата Св. Софија, никако неможел да поверува дека новооткриените фрески во Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) од 1295 година настанале во исто време кога италијанскиот сликар Ѓото ја воведува Ренесансата во Италија. Според Чезаре Бранди, сите други европски земји ја усвоиле италијанската ренесанса подоцна, освен Македонија која си имала своја ренесанса во многу елементи слична на италијанската ренесанса. Од тој момент, сите светски музеи ја ставиле Македонија на високо место по значење во средновековното византиско фрескосликарство. И секако првиот чекор во добивањето на оваа слава го направил српскиот слкикар и конзерватор Здравко Блажиќ.
Здравко Блажиќ (1917-1979) Старо пристаниште во Охрид 1946, масло на панел
Здравко Блажиќ (1917-1979) бил роден во Стари Бечеј во 1917. Во 1933 година се сели во Белград каде што почнал да студира византиска иконографија во Манастирот Раковица. Тука се запознава со технитике на руското фрескосликарство. Се сели во Скопје во 1936 каде што добива работа во Црквениот Музеј. Со периодот пред војната, Блажиќ енергично се бави со прибирање и конзервирање на стари икони од испистените македонски цркви, како и со конзервација на фреските. Некои од овие собрани икони подоцна ќе станат многу прочуени во византиската уметност и навредни во колекцијата на македонски икони. За време на Втората светска војна оди во партизани. Пред крајот на војната во Прилеп еден е од оснивачите на Друштвото на Ликовни уметници на Македонија ( ДЛУМ). После војната студира на Ликовната Академија во Прага а потоа работи во во Заводот за заштитата на спомениците на културата на СР Македонија. Се смета за еден од основополоќниците на македонскотоцрковно конзерваторство. Умира ненадејно во Скопје на 14 септември 1979. Зад себе остава мала колекција на портрети и пејсажи. За жал споменот за Блажиќ денес бледее во Македонија.
Здравко Блажиќ (1917-1979) , Охрид, 1946 масло на панел
Напомена: Фотографиите и дел од информациите се добиени од Милчо Георгиевски од Музејот на Охрид