Рекултивација за земјиште и проширувања стануваат се повообичаени практики ширум светот, бидејќи градовите бараат начини да се справат со проблемите како што се растот на населението или климатските промени. Сега на овој тренд му се приклучи и Кнежеството Монако додавајќи шест нови хектари земја на својата површина од 2,08 км2.
Станува збор за проектот Mareterra, проширување на земјиштето долж брегот на Монако за кое мастер планот го изработи француското студио Valode & Pistre Architects, а еден од главните „украси“ на новата територија на овој град-држава е станбената зграда во облик на брод на архитектот Ренцо Пиано.
Десет години во изработка, Mareterra воведува пешачки пејзаж покрај популарната плажа Larvotto со јавен парк, шеталиште, уметнички инсталации и неколку други згради. Пејзажното уредувањето го изврши париската компанија Michel Desvigne Paysagiste.
Проектот, кој беше завршен шест месеци пред предвидениот рок, имал за цел да се прилагоди на растот на ова Кнежевство на Азурниот брег, инаку втора најмала земја во светот, по Ватикан.
Со оглед на тоа што територијата на Монако е проширена на вода, новото тло има заоблен облик за да го продолжи непречениот, природен тек на морските струи.
Проширувањето се потпира на 18 потопени кесони – водонепропустливи носачи кои се опкружени со вештачки слоеви на морска трева.
Кесоните содржат жлебови на нивните површини, на кои се планира да се закачат алги и други морски организми и на тој начин да се колонизираат структурите.
80% од греењето и ладењето преку обновливи извори
Речиси половина од новиот терен на Монако е покриен со отворени јавни простори, вклучувајќи парк од еден хектар и шеталиште што води до плажата Larvotto.
Според Valode & Pistre Architects, кои исто така работат и како надзори за имплементација на инфраструктурата и јавните објекти на Mareterrа, 80% од греењето и ладењето ќе се врши преку обновливи извори на енергија.
Renzo Piano Building Workshop го предводел проектот на пристаништето во Mareterrа, кое го вклучува објектот Le Renzo, првата зграда именувана по основачот на бирото. Le Renzo, е станбена зграда со фрагментирана форма на брод, која е замислена како орјентир на овој развој.
„Le Renzo е како брод подготвен да исплови од новите брегови на Монако. Бојата на овој ‘брод’ е целосно бело-сина, постојано се прилагодува на бојата на небото и морето“, изјави асистентот во бирото Joost Moolhuijzen.
Наследството на принцезата Грејс излегува на виделина
Меѓу новите згради е и Quatre Lances, мал музеј на отворено, исто така проектиран од бирото на Пиано, а кој во иднина ќе биде домаќин на инсталација висока пет метри од починатиот уметник Александар Калдер. Ова дело е купено од принцезата Грејс од Монако во 1966 година, но оттогаш е скриено во складиште.
Во новата зона на Монако се наоѓа низа на приватни вили чии проекти се потпишани од архитектонски фирми како што се Foster + Partners, Stefano Boeri Architetti и Tadao Ando, меѓутоа сè уште нема нивни прикази.