Насловна / Вести / Еко-свест со истражување за состојбата на Питом Костен во Споменикот на Природа Вевчански Извори

Еко-свест со истражување за состојбата на Питом Костен во Споменикот на Природа Вевчански Извори

По повод Меѓународниот ден на планината 11 декември, Еко-свест ги претстави резултатите од Истражувањето на здравствената состојба на Питом Костен во заштитеното подрачје Споменикот на Природа Вевчански Извори.

Истражувањето  спроведено  од страна  на  проф. д-р  Кирил  Сотировски и  доц.  д-р  Михајло Ристески од Факултетот за шумарски науки во Скопје имаше за цел да ја процени здравствената состојба на популацијата на питом костен во Споменикот на Природа Вевчански Извори, со особено внимание на болеста „рак по костенот“ предизвикана од габата Cryphonectria parasitica. Истражувањето вклучи како теренски така и лабораториски работи, со што се обезбедени важни податоци за состојбата оваа популација.

Во рамките на проектот, беа реализирани активности за идентификација и проценка на здравствената состојба на стеблата на питомите костени, како и собирање примероци од кората на стеблата за понатамошна лабораториска анализа. Преку овие истражувања беше утврдена присутноста на габата Cryphonectria parasitica и степенот на инфекција, а исто така беа изготвени препораки за можни мерки за заштита.

Исто така беа изработени едукативно видео и едукативна брошура, кои нудат детални информации за значењето на питомите костени, нивната улога во природниот екосистем и придобивките што ги носат за локалното население. Овие ресурси имаат цел да ја зголемат свесноста за важноста на заштитата на овој вид и да ги поттикнат луѓето да се вклучат во нивна заштита и одржливо користење.

Активностите се спроведени како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори“ спроведуван од Еко-свест а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).

Цел на проектот е да се постигне долгорочна заштита на Споменикот на Природа „Вевчански извори“ и просперитет на локалната заедница преку практики за одржливо управување со природните вредности на заштитеното подрачје. Со спроведувањето на овој проект Еко-свест работи на подигнување на јавната свест преку едукација, подобрување на инфраструктурата за посетители,  следење  на  клучни  видови  во подрачјето  како  и  привлекување  на  повеќе посетители во подрачјето.

Ресурси за дополнителни информации:

Испрати коментар

Scroll To Top