Вчера, Споменикот на слободата во Кочани блесна со нов сјај. По завршување на конзерваторско – реставраторските работи се одржа пригодна свеченост на која пргоден говор одржаа американската амбасадорка Анџела Агелер, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.
Реставрацијата е реализирана со Фондот за заштита на културното наследство на Американската амбасада, носител на грантот е Општина Кочани, а менаџер на проектот Рајна Чемерска.
Проектот за конзервација, реставрација и санација на архитектурата и партерното уредување на заштитеното недвижно добро „Споменик на слободата“ – Кочани е изработен од архитект, конзерватор, м-р Цветанка Хаџи Пецова од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и архитектите од бирото „Студио Р“, Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ и Ненад Раѓеновиќ.
Во изработка на проектот за мозаиците и нивна санација учествуваа: уметниците Владимир Симеонов, Елена Чемерска, Драган Верговски – Алпи, Кекеновски и Тоше Песовски.
Во делот на стручниот надзор, професионалните работи ги вршеше Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот од Штип.
Споменикот на слободата во Кочани е изграден 1981 година во чест на 40 годишниот јубилеј од НОБ и претставува монументално дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ. Проектот е првонаградено уметничко и архитектонско решение на југословенски конкурс. Меморијалниот споменички комплекс е сместен на северозападната страна на Кочани на ридот Локубија.
Просторно е конципиран како комплексна структура, односно основната идеја е општата конфигурација на споменикот да претставува меморијален храм, интегриран во единствена архитектурно – ликовна творба, а на десетте монументални мозаични фризови синтетизирано се претставена историјата на македонскиот народ и неговата борба за слобода и антифашистичката борба. Покрај нагласениот меморијален карактер и уметнички содржини, споменикот има и употребна вредност со изградената амфитеатрална сцена и гледалиште.
Во овој споменичен комплекс, архитектурата, скулптурата и сликарството се преплетуваат во една целина.