Во целост ви го пренесуваме интервјуто со Кенго Кума дадено за порталот Градња.рс.
Роден е пред 70 години. Еден е од најпознатите јапонски и светски архитекти денес. Кенго Кума. Сопствено биро основал во 1990 година. Професор емеритус е на Универзитетот во Токио, автор на многу публикации и добитник на голем број значајни награди. Проектите на Kengo Kuma & Associates (KKAA) моментално се во тек во повеќе од 50 земји, а бироата се во Токио, Париз, Сеул, Пекинг и Шангај.
Тој е често на овие простори, а на 24. Денови на Орис овој ноември, Кенго Кума ја доби наградата Oris Keraterm. Инспиративно зборуваше за неговата архитектура, која во најголема мера се однесувала на градбата по големите природни катастрофи. По тој повод, во Орис куќата на архитектурата отворена е неговата изложба Minamisanriku 311 Memorial. Разговорот за „Градња“ е воден помеѓу две предавања во просториите на концертната сала Ватрослав Лисински, каде што се одржаа овогодинешните Денови на Орис.
АЛТЕРНАТИВНИ МАТЕРИЈАЛИ НАМЕСТО БЕТОН И ЧЕЛИК
Ми се чини дека нежноста е првото нешто што сега се забележува во вашата архитектура.
Нежност, да. Мислам дека треба да проектираме згради за човештвото, а не за машини. Материјалите се најважни за архитектонската композиција. „Помеките“ материјали се многу важни, бидејќи бетонот и челикот се добри за големи згради и големи конструкции, но не се добри за архитектонски композиции кои се блиску до луѓето. Наместо бетон и челик треба да се најдат алтернативни материјали, а природните локални материјали се најдоброто решение за архитектонската композиција во која битисуваме.
Кога ја започнувавте вашата професионална кариера, во осумдесеттите години на минатиот век, се веруваше дека секоја година сè ќе биде се подобро и подобро. Сега веќе го нема тој оптимизам. Како да се проектира по толку многу катастрофи во светот?
Кога почнував во осумдесеттите, сите беа оптимисти, а потоа одеднаш… Јапонскиот економски бум се покажа како меур од сапуница што пукна во деведесеттите. Големата рецесија започна во 1990-тите година. Сите проекти во Токио беа откажани. Бев шокиран и принуден да одам во внатрешноста на Јапонија. Имав неколку работи таму, па барем можев да правам мали проекти.
Соработував со локални занаетчии, користев евтини материјали што можеше да се најдат на локацијата. Тоа беше сосема спротивно на оној економски меур. На почетокот беше тешко, но потоа го открив задоволството во тој процес. Како и во работата со локалното население. Тоа беше навестување на нов пристап во архитектурата. Архитектурата на иднината би требало да биде дел од локалниот живот. Ваков пристап може да биде и начин како да се преживее по природни катастрофи.
Дали мислите дека луѓето од помалите зсредини ве разбираат кога работите со нив?
На почетокот сите се по малку нервозни. Луѓето се плашат… тој доаѓа од Токио, можеби има луди проектантски идеи кои не ни одговараат. Од тоа се плашеа. (се смее) Но, се обидувам да слушнам што зборуваат. Откако ќе испие нешто, сите е малку порелаксирани и може да зборуваат за суровата и тешка ситуација во која се наоѓаат. Во економска смисла е многу тешко, населението се намалува, сè се стеснува во малите села. Со нив барам решение, а не како некој што доаѓа однадвор. Разговараме, разговараме, разговараме… и заеднички доаѓаме до решение. Така, со нив реализирав неколку мали проекти. Тие мали проекти можат да ја активираат и локалната економија. Не многу, малку. Многу среќни кога во нивно место имаат нова зграда. Тоа е почеток на соработка.
За Деновите на Ориса, избрав, меѓу другото, нов проект реализиран во планинското село Yusuhara (село над облаците). Почнав да одам таму за време на економската криза, таму сме повеќе од триесет години и за тоа време проектиравме и изградивме шест објекти. Соработката со граѓаните е многу добра за двете страни, сите се многу среќни. Тоа искуство беше модел за следните чекори и тој пристап го користев и на некои други места. Дури и надвор од Јапонија, во Кина. Работиме заедно со граѓаните, слушаме што велат и градиме заедно.
Дали го користите овој принцип кога градите во средини по големи трагедии, природни катастрофи, земјотреси, поплави, цунами?
Прво, имаше голема криза во деведесеттите години на минатиот век, а потоа во 1995 година имаше катастрофален земјотрес во Кобе, а во 2011 година имаше земјотрес и цунами во источна Јапонија – земјотресот Тохоку. Несреќи се случуваат низ целиот свет, не само во Јапонија. Тие ни навестуваат како ќе живееме во иднина. Нема да можеме да го задржиме начинот на живот на кој се навикнавме во 20 век. Учиме многу од големите катастрофи. Во таа смисла, имам среќа, бидејќи учам.
Minamisanriku 311 Memorial во Miyagi
Познатите јапонски архитекти беа многу ангажирани и помогнаа да се изгради и обнови животот во уништените села, градови и региони. Дали архитектите се попочитувани после сите овие катастрофи?
Мислам дека јапонските архитекти се свртени кон модерното време, а исто така се многу свесни за својата традиција. Добија шанса да ги комбинираат западните и источните принципи на градење. Со комбинирање на модернистичките и традиционалните методи на градба, се создава нов тип на проект. Тука е предноста на јапонските архитекти.
Дали помладата генерација архитекти ги разбира овие принципи? Дали ги прифаќа?
Има тука различни дискусии. Понекогаш помладите архитекти мислат дека мојот метод е премногу традиционален. (се смее) Отсекогаш сакав да научам нешто од традицијата во градежништвото, не сакам да ја следам традицијата, туку сакам да учам. Тоа е мојот метод. Можеби поради мене се случи голема промена во Јапонија. Промена на материјали. Пред 2000 година, архитектонските списанија беа во сива боја, бидејќи и бетонот и челикот се сиви. По 2000 година, бојата на архитектонските списанија стана потопла, бидејќи на тие страници се појавија дрвени згради. Од сива, стигнавме до беж или кафеава.
Интегриран објект за социјална заштита во Yusuharа
ПРОМЕНА НА ПОЛИТИКАТА ПО ЕКОНОМСКАТА КРИЗА
Дали јапонската влада го уважува мислењето на архитектите кога станува збор за архитектурата и урбанистичкото планирање?
По Втората светска војна, јапонската влада ја воведуваше западната култура колку што можеше. Градежните пзакони всушност ја забрануваа употребата на дрво во изградбата. Не го сакаа на зградите. Се промовираа големи згради од челик и бетон. Но, по економската криза, кога пукна тој економски меур, ја сменија политиката. Колку што пред кризата инсистираа да се градат што повеќе згради, по кризата почнаа да размислуваат за природната средина, за дрвените конструкции и што е добро за животната средина. Сепак, поголемиот дел од градежните компании се уште се одлучуваат за челик.
Кога те викаат да градите во Европа и Америка, дали тоа е затоа што мислат дека си егзотичен или дека ќе ги подобрите нивните градови? На пример, Музејот на Андерсен во Данска има многу јапонско, но и многу скандинавско.
(смеа) Можеби зависи и од тоа кој е набљудувачот. Што се однесува до овој музеј, не сакавме да внесеме јапонски стил. Сакавме да создадеме зграда која совршено се вклопува во нејзината околина. Многу е едноставно. Сепак, некои во се чувствуваат нешто јапонско.
Музејот на Андерсен, Оденсе
Има многу сличности помеѓу јапонската и скандинавската архитектура. Дрво, минимализам, врска со природата.
Да, да. Во Франција нивните гзгради, готска или романска архитектура… Границата меѓу источната и западната архитектура е многу двосмислена. Ние всушност само се обидуваме да ги најдеме соодветните решенија за секоја локација.
Сега знаеме многу повеќе едни за други. Западот подобро ја познава Јапонија, односно културата на Азија, меѓутоа колку губиме во преводот? Колку има финеси за кои не сме свесни или не ги разбираме?
Преводот е начин за размена на информации меѓу две култури, а размената е неопходна. Френк Лојд Рајт многу се угледал на јапонската архитектура, но неговите згради не ни личат на јапонски. Секоја таква размена ни овозможува да одиме на следното ниво.
Градска библиотека во Yusuhara
МОДЕРНА АРХИТЕКТУРА ОДВОЕНА ОД ОПШТЕСТВОТО
Што научивте вие лично од западната култура, односно архитектура?
Одев во католичко училиште. Моите учители беа од Европа и Америка. Беа свештеници. Учев од нив и тоа, мислам, беше добро за мене. Во исто време, моето семејство веруваше во будизмот, мала фигура на Буда беше во нашата куќа. Имав можност да научам за двете култури и сметам дека поради тоа имав среќа.
Зошто одевте во католичко училиште?
Религијата на моето семејство е будизмот, но мајка ми имаше симпатии кон католицизмот. Во Јапонија има многу католици, језуитското училиште беше многу добро.
Дали сте среќни како архитект?
Да, многу.
Дали сакате да зборувате за архитектура, дури и ако соговорниците не се архитекти?
Да. Мислам дека проблемот со модерната архитектура е што е одвоена од општеството. Сакам да разговарам со сите во врска со она што треба да го проектирам.