Словенија ќе обезбеди 403 милиони евра за да спречи стечај на термоелектраната „Шоштањ“ и рудникот „Велење“, и ќе ги превземе двете компании од државното електростопанство Holding Slovenske elektrarne (HSE). Овие потези на владата на Словенија, како што стојат работите, претставуваат почеток на крајот на користењето на јагленот во словенечката енергетика, кој би можел да се случи многу порано пред официјално зацртаната 2033 година.
Претставниците на компанијата HSE, веќе неколку години предупредуваат дека единствената словенечка термоелектрана на јаглен прави загуби, бидејќи со својата цена на призводство на енергија, оптоварена со давачките за емисиите на CO2, не е конкурентна на пазарот.
За преодното финансирање на двете компании, веќе е подготвен предлог закон, со кој се обезбедува социјална сигурност и заштита на работните места на вработените , како и услови за пристоен живот на жителите на Шалешката долина. Шалешката долина е еден од двата словенечки региони на јаглен, кои како и останатите вакви подрачја во ЕУ, можат да добијат помош за спроведување на праведна енергетска транзиција. До крајот на април 2027 година, термоелектраната ќе продолжи да обезбедува топлинска енергија за системот за далечинско греење на оваа област, односно на општините Велење и Шоштањ. По овој рок, ќе се премине на нови одржливи решенија за греење.