Во претходниот, прв дел од овој текст се објаснуваа аспектите на урбаната типологија – што претставува како наука, нејзиниот развој, како и можните положби на градските плоштади, формите и функциите кои ги извршуваат централните градски плоштади. Во овој број, ќе се направи анализа на четири градски плоштади на погранични градови од Македонија кои припаѓаат на Југоисточниот плански регион – Струмица, Валандово, Богданци и Гевгелија.
Типолошките аспекти на плоштадите се согледуваат низ три тематски целини: положба на градски плоштад, форма на градски плоштад и функција на градски плоштад. Преку типологијата се согледуваат урбанистичките и архитектонски особености на плоштадите и се утврдуваат нивните карактеристики, како и влијанијата и односите на урбанистичките микроелементи врз јавниот карактер на плоштадите (начин на користење на јавниот простор од страна на жителите, присуство на зеленило, движење, пристапи, визури, фасадни сценографии и сл.).
- СТРУМИЦА
Плоштадот во Струмица е класифициран како тип со ортогонална конститутивност со привилегирани објекти. Изграден е во 2010 година, на местото на стариот плоштад помеѓу две главни сообраќајници. Плоштадот не е директно поврзан со градскиот парк и не е формиран во негова близина, но преку новоизградена пешачка улица плоштадот и паркот се поврзани, оддалечени на 350 метри. Струмица претставува економски и културен центар на југоисточниот регион и градскиот плоштад има универзална функција и се користи за разни важни градски прослави, манифестации, концерти и сл. Плоштадот се наоѓа во централното градско јадро и претставува поврзувачки елемент помеѓу важни јавни објекти и зони.
Слика 1 – Сателитска снимка на плоштадот, Р 1 : 1000
Слика 2 – Физичка структура
Слика 3 – Изглед на плоштадот
Вкупната површина на плоштадот изнесува 23.485 м2 од кои 13.000 м2 е површината на централниот дел на плоштадот со подигнатото плато, 5.300 м2 е површината на пешачката улица која го поврзува плоштадот со градскиот парк и 5.183 м2 е подземниот паркинг.
Слика 4 – Анализи, А – погледи и визури, Б – слободни површини
2. ВАЛАНДОВО
Плоштадот во Валандово е класифициран како тип со линеарна конституивност со привилегирани објекти. Овој плоштад се наоѓа во старото градско јадро и до него се пристапува преку градската чаршија. Функцијата на плоштадот е главно социјална поради тоа што се наоѓа во пешачка слободна зона и околу него има угостителски објекти, па така тој се користи секојдневно како собирно место на граѓаните за релаксација. Освен оваа, плоштадот има и манифестациска функција и се користи при важни градски настани и прослави. Поради тоа што на плоштадот има привилегиран објект – црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, тој има и верска функција, за собири на граѓаните. На плоштадот се наоѓа споменик кој е поставен во 1931 година, во чест на жртвите од катастрофалниот земјотрес кој го зафатил градот. На плоштадот карактеристичен елемент се јаворите, по кои е познат самиот плоштад.
Слика 5 – Сателитска снимка на плоштадот, Р 1 : 1000
Слика 6 – Физичка структура на плоштадот
Слика 7 – Изглед на плоштадот
Сместен во старото градско јадро, формата на плоштадот е дефинирана од околните 3 улици и 6 околни објекти помеѓу кои се наоѓа плоштадот (сл. 8) (А). Најзначаен објект е црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ која се наоѓа на источната страна на плоштадот.
Слика 8 – Анализи, А – погледи, визури и зеленило, Б – слободни површини
3. БОГДАНЦИ
Плоштадот во Богданци е класифициран како тип со линеарна конституивност со привилегирани објекти. Плоштадот се состои од два сегмента – парковски сегмент и јавен, собирен простор. Привилегирани објекти на плоштадот се црквата „Св. Атанасиј“ со камбанаријата. Плоштадот има три функции – верска, трговска и парковска, бидејќи плоштадот е во состав на градскиот парк и трговската зона.
Слика 9 – Сателитска снимка на плоштадот, Р 1 : 1000
Плоштадот на градот има генерално линеарна, издолжена форма која на јужната страна е конкавно закривена, следејќи ја линијата на главната улица. Плоштадот има функција и како градски парк, долното ниво на плоштадот е парк кој има осум сегменти – зелени тревни површини кои се формирани со вкрстување на патеки.
Слика 10 – Физичка структура
Слика 11 – Изглед на плоштадот
4. ГЕВГЕЛИЈА
Плоштадот во Гевгелија е класифициран како тип со ортогонална конституивност без привилегирани објекти. Овој плоштад се наоѓа во старото градско јадро и е составен дел од градската чаршија. Во однос на чаршијата тој се наоѓа централно во средина на чаршијата. Овој плоштад има примарна социјална функција и се користи секојдневно од жителите, но и како манифестациски кога има важни градски настани.
Слика 12 – Сателитска снимка на плоштадот, Р 1 : 1000
Плоштадот има правилна квадратна форма, дефинирана од 9 објекти од сите четири страни. Плоштадот е формиран како проширување на централниот дел од пешачка улица во која е градската чаршија. Вкупната површина на целата пешачка зона – чаршијата со плоштадот изнесува 3.032 м2, додека пак површината на плоштадот е 1.376 м2.
Слика 13 – Физичка структура
Слика 14 – Изглед на плоштадот
Слика 15 – Анализи, А – околни објекти, Б – пристапи до плоштадот
5. КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА ПЛОШТАДИТЕ
Компаративната анализа на градските плоштади, во однос на урбаната типологија се прави во четири категории: положба на плоштад, површина на плоштад, форма на плоштад и функција на плоштад.
Градскиот плоштад се наоѓа во просторниот контекст на изградената средина, па затоа неговата положба е влијателна затоа што влијае на морфологијата на градот па затоа тој треба да се анализира како интегрален и суштински дел од градската целина.
Положбата на градскиот плоштад во градовите во Македонија се анализира во склоп на целокупната структура на градот и во состав на непосредното опкружување. Во однос на целокупната структура на градот, градските плоштади на градовите Валандово, Богданци и Гевгелија имаат централна положба, додека плоштадот на градот Струмица има бочна положба во однос на целокупната форма на градот, но централна во однос на старото градско јадро.
Големината на плоштадот е значаен елемент кој влијае на карактеристиките на плоштадот. Разликите во големините на плоштадите во овие градови се разликуваат, така што може да се направи нивна типолошка класификација само на основа на нивните површини. Според извршените анализи и мерки, од овие четири плоштади, најголем е плоштадот во градот Струмица со површина од 13.000 м2, а најмал е плоштадот во градот Гевгелија со површина од 1.376 м2 (се споредува само централниот дел, без површината на чаршијата).
Функцијата на градскиот плоштад е основен елемент од неговата појава каде што заеднички со градот се развивал низ историјата – во случај да се работи за плоштад оформен со формирањето на градот или нов плоштад проектиран со проширување на градот. Значењето на функцијата на плоштадот е важна бидејќи ја дефинира неговата положба и големина.
Компарација на форма на градските плоштади
Слика 16 – Компарација на форма на градските плоштади
Компарација на споменици и зеленило во градските плоштади
Слика 17 – Компарација на споменици и зеленило во градските плоштади
Класификацијата на градските плоштади во однос на нивната форма укажува на тоа дека во овие погранични градови, плоштадите се со различни форми. Може да се направи поделба на формите на плоштадите на две категории: плоштади со правилна геометриска форма и плоштади со неправилна геометриска форма. Во категоријата на плоштади со правилна геометриска форма е плоштадот на градот Гевгелија, додека пак во категоријата на плоштади со неправилна геометриска форма се плоштадите на градовите Струмица, Валандово и Богданци.
Автор: д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.