Насловна / Вести / Германската економија инвестирала 85 милијарди евра во намалување на CO2 емисии

Германската економија инвестирала 85 милијарди евра во намалување на CO2 емисии

Компаниите во Германија вложиле 85 милијарди евра во мерки за намалување или избегнување на генерирањето на емисии на гасови со ефект на стаклена градина, што е зголемување од 12% во однос на претходната година, покажува истражувањето кое го спровела KfW банка. Во исто време, најмоќното германско индустриско здружение BDI, соопштило дека идната влада мора да ја преиспита стратегијата на земјата да стане климатски неутрална. Најголемата европска економија, во третиот квартал забележала раст од 0,1%, со што за малку избегнала рецесија.

Во истражувањето на KfW банката за климатските инвестиции на економијата, биле вклучени речиси 10.000 компании. Големите компании биле главниот двигател на овие инвестиции, по што следуваат малите и средни претпријатија. Главен фокус на климатските инвестиции во 2023 година биле електричните возила и соодветната инфраструктура за полнење, а потоа мерките за производство и складирање на електрична и топлинска енергија од обновливи извори и подобрувањето на енергетската ефикасност на постоечките згради.

Од KfW истакнуваат дека клучните причини кои ги спречуваат компаниите да инвестираат во решенија кои ги намалуваат емисиите се: неизвесноста во поглед на исплатливоста на климатските вложувања (47%), недостатокот нa финансиски средства (37%), како и доготрајните процедури на планирање и одобрување.  Најголемиот дел од компаниите се согласни дека добрата стратегија за климатска и енергетска транзиција е исплатлива на долг рок, но во моментот се борат со високи трошоци за енергија, бирократски препреки и политичка неизвесност кога станува збор за примената на промените.

Од друга страна, германското индустриско здружение BDI, соопштило дека идната влада мора да ја преиспита стратегијата на земјата да стане климатски неутрална. Во ситуација на пад на економијата и масовните отпуштања кои се најавуваат, ова здружение вели дека главното прашање е зошто Германија би била и натаму посветена на својата зацртана цел за декарбонизација до 2045 година, со оглед дека ЕУ ја има одредено како цел 2050 година, а Кина 2060 година. Германија мора да најде начин да остане конкурентна и истовремено да се декарбонизира. Досега, тоа не и успева, велат од BDI.

Испрати коментар

Scroll To Top