Насловна / Арт и дизајн / Извадоци од колекционерската одаја на Влатко Милошевски (4) „Анегдотата за Вангел Наумовски и Салвадор Дали“

Извадоци од колекционерската одаја на Влатко Милошевски (4) „Анегдотата за Вангел Наумовски и Салвадор Дали“

Од еден загребски антиквар купив минатата недела оригинален постер од изложбата на Вангел Наумовски во Париз во 1970 година. Постерот всушност е оригинална литографија, па сам по себе е уметничко дело. Ме потсети на анегдотата која секој македонски ликовен љубител ја знае: Вечерта на 4-ти Ноември 1970 годинa во галеријата Мона Лиза во Париз ненајавено влегува големиот сликар Салвадор Дали. Во тоа време тече отворањето на изложбата на Вангел Наумовски. Салвадор Дали со интерес ги разгледува сликите на Наумовски и изјавува: „Ова е сликар од бајките. Тој е наивен сликар, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има елементи кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“.
Југословенските новинари и фото репортери присутни на изложбата ја овековечуваат оваа спектакуларна средба. Утредента во сите југословенски весници осамнува на насловните страници веста за Дали и Вангел. После оваа вест, Вангел Наумовски станува светски сликар. Го канат да изложува во Лондон, Минхен, Рим и Њујорк.
Отсекогаш сум се прашувал што е вистина а што фама во оваа анегдота?
Салвадор Дали бил познат како самобендисан мегаломан ислучително шкрт на пофални зборови за другите уметници. На 22-годишна возраст тој бил избркан од престижната Кралска Ликовна Академија во Мадрид бидејќи изјавил дека ниту еден професор од Академијата не му е дораснат во сликарскиот талент и нема право да го оценува. Подоцна оди во Париз и се самопрогласува за Крал на париските сликари. Во својот живот Дали ги пофалил само сликарите Пикасо, Миро и неколкумина надреалисти: Ман Реј, Рене Маргрит, Андре Бретон и Макс Ернст. Ги пофалил и неговите блиски пријатели, поетот Федерико Гарсија Лорка, психологот Сигмунд Фројд и режисерот Луис Буњел. И толку. Никој друг.
Тогаш зошто баш Дали се закренал да дојди на отворањето на изложбата на Наумовски и да се расфрла со фалби? Хрватската историчарка на уметност, Мерилин Цвитаниќ вели дека изјавата на Дали за Наумовски била пократка – имено изјавил „само“: “Неговото сликарство е блиско до моето. Обично, мене не ме интересираат наивните сликари. Но кај Наумовски има интересни елементи.“ а новинарите и уредниците го додале другото. Ова ми звучи пореално и поблиску до говорот на арогантниот Дали. Но и оваа изјава е многу голема препорака за Наумовски.
Интересен е и тајмингот кога Дали ја дава оваа изјава. Салвадор Дали бил фламбојантен ексцентрик, но не бил будала. Напротив, човекот бил гениј за бизнис и маркетинг. И денес, брендот „Дали“ генерира милиони долари годишно. Кај него сѐ било однапред разработено за да секогаш биде во центар на вниманието. Со својот помодарски изглед, со своите тенко сукани мустаќи, и со своите провокативни и загаточни изјави, Дали бил сензација каде и да се појавел. Со оваа посета, Дали се појавил на сите насловни страници во југословенските весници во Ноември 1970 година, а веќе во 1971 година имал своја изложба во Белград, која ги соборила сите рекорди на посета.
Можеби оваа средба во галеријата Мона Лиза во Париз била пресметан маркетиншки потег на Салвадор Дали да генерира еуфорија во Југославија пред изложба?  Сепак мислам не. Ако на Салвадор Дали не му се допадне некоја уметност, тогаш тој нема да ја фала па макар и да го тепаш со стап. Сепак мислам дека сликите на Наумовски го допреле големиот Дали. Затоа што и двајцата сликари имаат сличен психолошки профил и во своите дела имаат слично духовно патешествие.
Девет месеци пред да се роди на 11 мај 1904 година, Салвадор Дали имал помало братче кое исто се викало Салвадор Дали и кое починало од стомачна инфекција. Кога наполнил 5 години, родителите го однеле малиот Салвадор на гробот на брат му Салвадор и му рекле дека тој е всушност реинкарнација на мртвиот Салвадор. Ова го шокирало младиот Салвадор Дали. Во целиот негов живот потоа Салвадор Дали ќе мисли дека во неговот тело живее душата на починатиот брат, а неговата душа е загубена во некој паралелен свет, во некоја паралелна димензија во која времето и просторот се претопуваат и во која мутирани суштества и животни шетаат низ аморфниот пејсаж. Салвадор Дали ќе почне да слика на 8-годишна возраст – ќе ги слика овие пејсажи, оваа паралелна димензија барајќи си ја својата загубена душа. На 16-годишна возраст ќе почине мајка му со која Салвадор Дали е исклучително близок. Татко му ќе се прежени со сестрата на мајка му, неговата тетка. Овој настан ќе допринесе Салвадор да се повлече уште повеќе во неговите имагинарни светови. А неговите чувства на отфрленост, несигурност и осаменост ќе ги прикрива со пренагласена екстравагантност, помпезност и ароганција во однесувањето.
Интересен психолошки профил има и Вангел Наумовски. Роден во охридското село Скребатино во 1924 година, Наумовски се запишува во средното сликарско училиште во Скопје во 1946 година. Една година подоцна, Наумовски е избркан од училиштето како „неталентиран“. Се враќа во Охрид каде учи и работи како потрчко-цртач во резбарското училиште на Бране Иванчевиќ. Во 1960-тите години се вработува во Хидро-биолошкиот завод во Охрид, каде што имал задача под микроскоп да ги набљудува и детално графички да ги пренесе на хартија микро организмите од Охридското Езеро. Тука Наумовски го открива својот свет во кој бега од реалноста која го омаловажувала. Овој свет на шарени планктони, амеби, микро-цветови и вода во која се слеваат зраците на охридското сонце е многу поубав од реалниот свет кој не го препознава неговиот очигледен талент. Во реалниот живот, Наумовски слично на Дали ја крие својата несигурност со ексцентричност.

Мислам дека Дали сепак во сликите на Наумовски препознал дека неговиот колега од Македонија е во патешествие низ надреалното, слично на неговото патешествие. Мислам дека сепак препознал сродна душа. Затоа и кажал тоа што кажал.

Редакцијата на „Порта 3“ со задоволство пренесува и споделува дел од колекционерските ризници на Влатко Милошевски и на тој начин сака да ја поддржи неговата мисија.

Линк до неговата веб траница: тука
Линк до неговата фејсбук страница: тука

Испрати коментар

Scroll To Top