Насловна / Вести / Yes for Less: Свесното консумирање како начин да придонесеме за поодржливо општество

Yes for Less: Свесното консумирање како начин да придонесеме за поодржливо општество

Зборот гласање најчесто нè асоцира на политика, но она што ретко ни паѓа на памет е дека ние всушност секојдневно гласаме со тоа каде ги оставаме нашите финансиски средства и каде го насочуваме нашето внимание. Доколку никој не пазари од маалската продавничка таа евентуално ќе затвори. Доколку повеќето жени почнат да употребуваат реупотребливи менструални производи, производителите на хигиенски влошки ќе мора да се прилагодат на пазарот за да продолжат да профитираат.

А секој производ што го купуваме има еколошки отпечаток во однос на материјалите и условите во кои е произведен, колку километри поминал за да стигне до нас и што ќе се случи со него после неговата употреба, па така со нашите куповни одлуки можеме барем до негде да диктираме од што ќе има повеќе на пазарот, и како сето тоа ќе се одрази на пример, врз животната средина или пак врз локалната економија.

Свесниот консумеризам како термин почнал да станува популарен на крајот на дваесеттиот век заедно со порастот на глобалната свест за прашања како што се климатските промени и трудовата експлоатација. Според дефиниција тоа е концепт кој вклучува донесување на добро информирани одлуки за производите што ги купуваме и за услугите кои ги користиме, земајќи го предвид нивното еколошко, социјално и економско влијание и придобивки, и дека ние како потрошувачи имаме моќ да влијаеме на пазарот со изборите што ги правиме.

Така денес во светски рамки постојат бројни сертификати како Fair Trade, FSC, EU Ecolabel и други со кои се потврдува дека одреден производ се придржува до одредени еколошки, етички или други стандарди за одржливост. Од друга страна, овие сертификати може да чинат и до неколку илјади евра, па така за нашите домашни производители тие не се исплатливи, освен ако производителот нема јасна цел дека сака да го изнесе производот на странскиот пазар.

Во поново време дефиницијата за свесен консумеризам е проширена, па некои експерти одат малку подалеку од пазарењето и разликуваат три нивоа:

  • Намалување на консумеризмот наспроти купување – најпрво преиспитување на нашите потреби за тоа дали нешто што сакаме да го купиме навистина ни треба
  • Консумирање без купување, односно разменување секогаш кога тоа е возможно (на пример облека или пак позајмување на нешто што знаеме дека нема да го користиме долгорочно)
  • Купување како краен случај, но според критериуми и вредности (еколошки, етички и сл.) – доколку навистина нешто мора да купиме, тоа да биде добро информирана одлука

КАКО YES FOR LESS ГО ПРОМОВИРА СВЕСНИОТ КОНСУМЕРИЗАМ ВО НАШАТА ЗЕМЈА

Приказната за Yes for Less настана сосема случајно откако ние, Сара и Кате, двете основачки на движењето се преселивме во странство поради мастер студии. Живеејќи во четири различни европски држави, почнавме да менуваме многу наши навики кон поеколошко свесни. Преселбите неминовно нè натераа да се свртиме кон минимализмот и да купуваме помалку облека и предмети. Достапноста на многу повеќе производи во странство и продавници како zero waste shops, ни овозможија да можеме да бираме еколошки производи кои се во согласност со нашите вредности. Во јануари 2021 отворивме инстаграм-профил за споделување на нашите еколошки навики стекнати во странство. На наше изненадување и контра на популарната изрека дека: „Кај нас ништо нема, па така не можеме да смениме ништо кон подобро“, почнавме да откриваме и да споделуваме мали локални бизниси кои се обидуваат да направат промена кај нас преку тоа што го нудат, но многу малку луѓе знаат за нив.

Низ маркетот во кој спонтатно се пронајдовме е давање видливост, промовирање и помагање на ваквите мали бизниси кои нудат еколошки производи и услуги. Оттука се роди и идејата за платформата https://www.yesforless.mk/ чија цел е да им помогнеме на луѓето заинтересирани за поодржлив начин на живот да ги најдат сите потребни информации на едно место, а во склоп на платформата ја создадовме и Yes for Less мрежата на зелени бизниси. Моментално нашата мрежа брои околу педесетина членки, а она што бизнисите го нудат е од најразлични категории. Некои примери за производи и услуги се – природна козметика без никакви штетни состојки, биоразградливи пелени, влошки и влажни марамчиња, реупотребливи восочни обвивки во замена за алуминиумска и за пластична фолија што се користи во кујна, апликација за споделување на превоз со автомобил итн. Иако примарниот фокус ни се малите бизниси, бидејќи нив им е потребна најголема поддршка за развој, имаме соработувано и со поголеми општествено одговорни бизниси (како на пример ПроКредит Банка и Скопско), кои активно работат на различни проекти за подигнување на еколошката свест на граѓаните. Покрај тоа, Yes for Less е официјално и невладина организација, која има организирано неколку настани и акции во живо, а секако би продолжиле и во иднина.

Профилите на нашите социјални медиуми од каде што започна сѐ ги користиме и за споделување и разменување на еколошки навики, совети, настани и најразлични акции со еколошки тематики. Исто така, имаме оформено и група чет со нашите најактивни членови од екозаедницата, односно тоа е една критична маса која дискутира и изнаоѓа решенија на најразлични теми поврзани со одржливоста. Покрај ова, имаме и наш видеопоткаст достапен на youtube, преку кој сакавме да ги доближиме приказните на личностите кои ги запознавме во последниве три години, и кои секојдневно нè инспирираат со својот уникатен начин кои тие го пронашле за да дадат придонес за одржливиот развој во нашата земја.

Увидовме дека моментално една од најголемите пречки е фактот дека најголемиот дел од бизнисите, своите производи ги продаваат само преку социјалните медиуми, што одзема време за купувачите и го отежнува целиот процес. Па така, нашиот следен чекор е отворање на е-продавница каде што производите на овие бизниси директно ќе може да се купат од едно централизирано место.

Ги повикуваме сите бизниси кои нудат некаков еколошки производ, сервис, а се заинтересирани да станат дел од нашата мрежа, да ни пристапат и да им помогнеме да допрат до екосвесна публика која преку ваквиот тип на бизниси гледа потенцијал да придонесе за подобра животна средина и општество. Исто така, отворени сме за соработки за какви било проекти, грантови, или пак за општествено одговорни проекти.

Нашиот контакт-мејл е [email protected], а нашите социјални медиуми се:

Инстаграм: https://www.instagram.com/yesforless.mk/

Facebook: https://www.facebook.com/YesforlessMK/

Youtube: https://www.youtube.com/@YesforLessMk

Автори: Сара КОЦЕВСКА, Катерина ИЛИЈОВСКА

Испрати коментар

Scroll To Top