Во Виена е пуштена во погон нова постројка за сушење на талогот од отпадните води. Надлежните сметаат дека ова е значаен исчекор кон рециклажата на фосфор, клучен ресурс кој главно се користи како ѓубриво во земјоделството. Досега, фосфорот од овој вид отпад главно не бил повторно користен, но оваа нова технологија ќе го промени тој тренд. Енергетската компанија Wien Energie ги поставила темелите за масовна употреба на фосфорот преку рециклирање, со што се прави уште еден, како што е оценето голем чекор кон циркуларната економија. Од 2033 година, ќе биде воведена законска обврска за рециклирање на фосфорот во сите комунални постројки за третман на отпадни води.
Постројката Simmeringer Haide во Виена го суши талогот. Кој потоа термички го обработува. Во текот на согорувањето се уништуваат штетните материи, додека од пепелта може повторно да се издвои фосфорот за производство на вештачки ѓубрива. Талогот се состои од 96% вода, па за неговото согорување неопходно е прво да се намали нивото на влага.
Употребата на фосфорните ѓубрива во 20-тиот век значително ги зголеми земјоделските приноси. Но, од 2014 година, на ниво на ЕУ, фосфорот е категоризиран како критична суровина. Најголем дел од фосфорот се увезува од земјите од третиот свет, главно од северна Африка, каде што експлоатацијата понекогаш предизвикува сериозно загадување на животната средина. Wien Energie моментално спроведува пилот проекти со своите индустриски партнери и најавува сериозни вложувања во оваа област. Конечните планирани капацитети се проектирани да ги задоволат потребите од фосфор во секторот за производство на храна за целокупното население на Виена и Долна Австрија.