Насловна / Вести / Сајбер нападите во енергетиката се дуплирани во периодот 2020 – 2022 година

Сајбер нападите во енергетиката се дуплирани во периодот 2020 – 2022 година

Сајбер нападите во енергетскиот сектор се удвоиле во периодот од 2020 до 2022 година, зголемувајќи го ризикот од прекини на електрична енергија, како и значителни општествени проблеми, се вели во најновиот извештај на европската организација Eurelectric за сајбер безбедност во енергетскиот сектор.

Сајбер безбедноста станува се поважна во енергетиката, а сајбер нападите се случуваат речиси во сите делови на светот. Така на мета на хекерите беа и компаниите од регионот – Elektroprivreda Crne Gore (EPCG), словенечкиот HSE, како и „Електропривреда Србије“ (ЕПС). Државите се трудат да се заштитат, па Романија планира да воведе задолжителна ревизија на сајбер безбедноста на соларните електрани.

Eurelectric, кој обединува над 3.500 европски компании од секторот енергетика, ја советуваше ЕУ да обезбеди доследна и усогласена примена на постоечките прописи, да го потикне развојот на квалификувана работна сила за сајбер безбедност, да ги олесни неопходните вложувања и да ја промовира соработката. Инаку, ЕУ во март ги усвои првите мрежни правила на ЕУ за сајбер безбедност во секторот елекрична енергија. Организацијата го навела податокот од Меѓународната агенција за енергетика, дека во споменатиот период од две години, бројот на сајбер напади при кои на удар биле компании од енергетскиот сектор, бил 1.101 ширум светот.

Од 2022 година, центарот за сајбер безбедност изброил 48 јавно познати напади на европските енергетски компании, вклучувајќи го и снабдувањето, 31 ransomware напад, од кои речиси половина со кражба на податоци и 15 кои влијаеле на оперативната технологија на мрежите. Нападите врз земјите членки на ЕУ пораснале од 9,8% на 46,5% во текот на првите шест месеци од 2023 година. Имало и повеќе од 20 успешни сајбер напади на европските енергетски компании во 2022 година.

Cyber security concept infographics – technology shield icon on digital background – infographic illustrates cyber data security and information privacy protection idea – vector technology background

Европската агенција за сајбер безбедност ENISA, неодамна истакнала дека енергетскиот сектор на ЕУ, паралелно со банкарскиот, повеќе инвестира во мерки за безбедност на информациите отколку здравството, сообраќајот и комуналните компании. Сепак, на глобално ниво, ЕУ инвестира помалку во безбедноста на информациите отколку Северна Америка и Азиско – пацифичкиот регион.

Eurelectric истакнува дека подобрувањето на информациско – комуникациските системи бара не само поголеми инвестиции, туку и квалификувана работна сила. Европската комисија во 2022 година направила проценка на недостатокот на стручњаци за сајбер безбедност во сите сектори во ЕУ, на околу 260.000 до 500.000 луѓе, додека потребите за ЕУ од работна сила за сајбер безбедност е проценета на 883.000 професионалци.

Испрати коментар

Scroll To Top