Насловна / Вести / Реконструкција на Петтата авенија: Улицата на Менхетен станува рај за пешаците

Реконструкција на Петтата авенија: Улицата на Менхетен станува рај за пешаците

Дел од една од најпознатите улици во светот, познатата Петта авенија сместена во срцето на Менхетен, наскоро би требало да се трансформира во булевар пред се ориентиран на пешаците, најави градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс.

Проектот, кој ќе го опфати потегот помеѓу паркот Брајант и Централ Парк, предвидува проширување на тротоарите за 46 отсто, намалување на бројот на сообраќајни ленти, како и подобрување на безбедноста на пешаците благодарение на пократките улични премини и додавање зеленило и осветлување.

Петтата авенија моментално има широчина од 30,5 метри, составена од пет ленти за моторен сообраќај и два тротоари, секој со ширина од по седум метри. Иако пешаците сочинуваат 70 отсто од сообраќајот, тротоарите заземаат само 46 отсто од просторот.

Во просек, оваа градска зона прифаќа околу 5.500 пешаци на час, а за време на празниците дури и до 23.000, така што сегашната распределба на соодносот на сообраќајот на Петтата авенија тешко може да се справи со овој обем на пешачки сообраќај.

Овој предизвик дополнително го отежнува уличната инфраструктура, како што се сигнализацијата и знаците, автобуски постојки, осветлување и корпи за отпадоци, кои дополнително го намалуваат и онака недоволниот простор за пешаци.

Садење на повеќе од 230 нови дрвја

Планираниот редизајн за Петтата авенија би довел до значително зголемување на ширината на тротоарите, од двете страни тротоарот би бил широк 10,2 метри. На овој начин би се обезбедил 7,6 метри непречен простор за движење на пешаци и дополнителна ширина од 2,6 метри за дрвја и зеленило.

Како дел од проектот за редизајн, планирани се повеќе од 230 нови дрвја и 1.858 квадратни метри жардиниери, заедно со интегрирање на нови места за седење, простори за различни активности и подобрено осветлување.

Покрај тоа, планираните дополнителни иницијативи за позеленување ќе обезбедат сенка и иновативна инфраструктура за одводнување на дождовницата за да се ублажат ризиците од поплави.

Каде се пешаците – тука е заработката

За важноста на Петтата авенија за економијата на Њујорк говори нејзиниот придонес од 313.000 директни и индиректни работни места. Оваа иницијатива за редизајн има за цел да ја продолжи и зајакне оваа улога преку создавање попријатна урбана средина.

Ова е продолжение на претходната иницијатива, програмата „Отворени улици за празници 2022“, која го ограничи пристапот на возилата на површина од 11 блокови и ги поттикна пешачките зони. Ова резултираше со проценето зголемување на потрошувачката од 3 милиони долари долж пешачките улици, при што претпријатијата забележале зголемување на потрошувачката за 6,6 отсто во споредба со непешачките области.

„Во моментов 70 отсто од луѓето на Петтата авенија се пешаци, но можат да користат помалку од половина од просторот. За време на празниците, тоа се 23.000 луѓе секој час, што е за 4.000 луѓе повеќе од преполната Медисон Сквер Гарден, па така тие се набиени како сардини на ограничените тротоари. Едноставно нема смисла, па ќе ја свртиме ситуацијата. Речиси го удвојуваме просторот за пешачење, додаваме стотици нови дрвја и жардинери, поставуваме нови места за седење и простори за активности и многу повеќе“, најави градоначалникот Адамс.

До лето 2025 година

Оваа иницијатива e започната преку јавно-приватно партнерство Future of Fifth Partnership, а планирано е проектот – доверен на Arcadis, Sam Schwartz Engineering и Field Operations – да биде завршен до лето 2025 година.

Испрати коментар

Scroll To Top