Aesop, австралискиот луксузен козметички бренд познат по своите премиум производи за нега на кожа, коса и мириси, се издвојува не само по својот асортиман, туку и по својот уникатен внатрешен дизајн на продавниците, создаден во соработка со водечки архитекти и дизајнери низ светот. Секој простор на Aesop е дизајниран со внимание на деталите, истражувајќи иновации и локални културни контексти, што резултира со уникатни внатрешни дизајни кои рефлектираат софистицираност и креативност. Во 2023 година, со скоро 400 продажни места во 27 земји, Aesop продолжува да го дефинира концептот на продавница како уметничко и архитектонско искуство, интегрирајќи елементи на современ дизајн и еколошко-традиционални материјали во фасцинантни ентериери кои привлекуваат и инспирираат. Овие просторни концепти не само што ги истакнуваат производите на брендот, туку и создаваат уникатно амбиентално искуство што ја одразува визијата на Aesop за естетика и функционалност.
Во продолжение, ќе истакнам неколку продавници чиј дизајн заслужува посебно внимание, каде што елементите на природата и природните материјали се вешто интегрирани, создавајќи хармонична симбиоза меѓу архитектурата и визијата на Aesop, која нежно пулсира низ просторот. Посетителите понекогаш одат таму не само поради производите, туку и за да го доживеат самиот простор, кој е толку автентичен што станува дестинација сама по себе.
Продавница Palisades Village во Лос Анџелес, Калифорнија – дизајн архитектонското студио Одами
Концептот на продавницата на Aesop во Palisades Village, Лос Анџелес, е инспириран од принципите на биофилијата. Архитектонското и дизајнерско студио Odami, со седиште во Торонто, го прифаќа овој филозофски пристап во својот проект изведен во 2022 година. Основачите на студиото, Аранзасу Гонзалес Бернардо и Мајкл Фоеринг, ја црпат инспирацијата од природната околина и од архитектурата на областа, вклучувајќи ја и блиската куќа на познатиот локален архитект Реј Капе.
Продавницата е обоена од подот до таванот во бледозелена боја, со завршница од микроцемент која додава тактилен и земјен ефект сличен на штуко. Изложувањето на производите и складирањето се решени преку долги хоризонтални површини, изработени од обновено дрво и не’рѓосувачки челик, создавајќи софистицирана интеракција на лесност и масивност. Осветлувањето на просторот е постигнато со глобусни ѕидни светилки и со помали рефлектори.
Во задниот дел, драперите од велур материјал поставени од под до таван, во истата зелена нијанса, имаат за задача визуелно да ги сокријат складиштето и комуналните простории, треперејќи на светлината и одржувајќи ја смиреноста на просторот без дополнителен неред.
Овој внимателно осмислен дизајн не само што создава естетски привлечна средина за корисниците, туку и осигурува дека секој аспект на продавницата е во согласност со природната хармонија и естетика на брендовата филозофија.
Продавница Knox во Далас, Тексас – дизајн на архитектонското студио Одами
Розовата уникатна „камена“ продавница на брендот во Далас, Тексас, често се нарекува ода на драматичните форми и минералноста на локалниот пејзаж. Концептот и изборот на материјали се смислени и дизајнирани од внатрешниот тим на архитекти и дизајнери на самиот бренд, ставајќи личен печат и промовирајќи го брендот со концептот на еколошки материјали за првпат во овој град.
Дизајнот на просторот несомнено го рефлектира градскиот уличен пејзаж, нагласувајќи вертикалност и минерален камен контраст. Влијанието на филмот „Paris, Texas“ на германскиот филмски режисер Вим Вендерс е присутен во секој агол, нагласувајќи како човековата кревкост и емоцијата контрастираат со монолитниот и суров тексашки пејзаж. Филмот не само што бил инспирација, туку и се проектира во круг во просторот, додавајќи кинематографски квалитет и создавајќи постојан одраз на локалната средина и нејзиното влијание врз дизајнот на продавницата.
Панелите на пултовите, мебелот и подовите се обложени со розова камена обвивка. Со суптилна игра на боја и текстура, нијансата на минералниот камен се повторува низ целата продавница, а истата се рефлектира преку вертикалните површини, полици од прашкаст обработен премаз и нежно закривените панели од шперплоча на ѕидовите каде се изложени продуктите.
Продавница во Јужна Јара во Мелбурн, Австралија – дизајн архитектонското студио Одами
Во втората инкарнација на продавницата на Аесоп во Јужна Јара, архитектурата добива нова димензија, инспирирана од концептот на хабиологија на Анти Ловаг.
Хабиологија е теориска дисциплина што го проучува односот помеѓу луѓето и нивните животни простори, со посебен акцент на тоа како архитектурата и дизајнот влијаат на чувствата и на однесувањето на луѓето секојдневно. Концептот е развиен од унгарскиот архитект Анти Ловаг, кој истражува како различни простори и нивниот дизајн можат да влијаат на емоционалното и на психолошкото задоволство на корисниците. Согласно со хабиологијата, задоволството и комфорот се гледаат како „кружен феномен“, што значи дека тие произлегуваат од комплексната интеракција помеѓу различни аспекти на просторот и начинот на кој истите се користат. Во пракса, ова може да се изрази преку кривини, текстури и материјали кои создаваат пријатно и стимулирачко опкружување, како што е примерот на оваа продавница во Јужна Јара.
Просторниот концепт вклучува континуиран елемент за складирање изработен од австралиско масивно дрво. Овој елемент го обвива просторот и го трансформира, додавајќи функционалност со вградени мијалници и клупи за седење. Овој уникатен материјал создава динамичен тек околу периметарот, водејќи ги посетителите низ различни искуства во просторот. Во исто време, текстурната ткаенина во тон на сенф, која ја обликува криволинеарната клупа, го рефлектира ретро стилот на 1970-тите и ги охрабрува посетителите да се одморат и да уживаат во естетска и сензуална средина.
Овој концепт не само што го редефинира искуството во продажбата, туку и ја истражува архитектурата на лежење и разговор, интегрирајќи прозрачна просторија за третман на лице и создавајќи целосно нов пристап кон задоволство и удобност во модерниот дизајн.
Продавница во трговски центар во Чедстоне, Мелбурн, Австралија
Долгогодишниот соработник на Aesop, Кијан Јам, ја редизајнираше продавницата на брендот во трговскиот центар Чадстон во Мелбурн создавајќи уникатен простор инспириран од природните форми и од геологијата.
Продавницата се наоѓа на аголен локал во склоп на трговски центар, и е обележана со монолитни фрагменти од базалт, вулканска карпа извлечена локално од каменоломот Каселмејн, кој се наоѓа на неколку часа од Мелбурн. Овие импозантни парчиња служат како визуелен акцент на влезот и создаваат контраст со заоблениот внатрешен простор.
Внатре, просторот нуди мирна и смирувачка атмосфера, за разлика од излогот и од целото трговско и динамично опкружување. Пригушеното осветлување и органскиот просторен дизајн создаваат чувство на спокој. Централно поставениот аголен бетонски мијалник, не само што се вклопува во тоналната монохроматска палета, туку служи и како место за демонстрација на производи, надополнувајќи ја текстурната варијација со грубо сечениот базалт. Чистите линии на ѕидовите и на излозите за производи придонесуваат во смирената и елегантна атмосфера во продавницата.
Автор: Ангела СТЕФАНОВСКА, дипл. инж. арх.