Насловна / Вести / Отворено кинеско мега пристаниште во Перу – значително ја олеснува трговијата меѓу Кина и Јужна Америка

Отворено кинеско мега пристаниште во Перу – значително ја олеснува трговијата меѓу Кина и Јужна Америка

Минатата недела во Перу отпочна со работа новото пристаниште, најголемо во Јужна Америка, за кое се верува дека драстично ќе го промени протокот и обемот на трговијата меѓу тој континент и Азија.

На отворањето на пристаништето, кое може да го преполови времето за транспорт на стоки меѓу двата континента, присуствуваше и кинескиот претседател Си Џинпинг, кој допатува во главниот град на Перу, Лима, за да учествува во работата на Азиско-пацифичката економска соработка (APEС).

Си Џинпинг во интервју објавено во весникот „Ел Перуано“ најави дека пристаништето, кога ќе ја достигне својата максимална големина, (директно и индиректно) ќе вработува околу 8.000 работници и ќе генерира четири и пол милијарди долари годишен приход.

Единствена морска порта

Пристаништето во крајбрежното место Чанкај значително ќе ја поедностави и намали цената на трговијата меѓу Јужна Америка и азискиот континент, бидејќи огромните контејнерски бродови кои превезуваат стока меѓу нив повеќе нема да мора да пловат по северната рута покрај мексиканскиот и американскиот брег.

Ако се обезбедат копнени патишта за транспорт на стоки од таму до соседен Бразил, товарните бродови нема да мора ниту да минуваат низ Панамскиот канал и да патуваат сè до пристаништето Сантос во државата Сао Паоло поради истовар.

 

Претседателот Си ја изрази подготвеноста неговата земја да учествува во изградбата на современ пандан на древниот Пат на Инките, кој ќе го поврзе пристаништето со внатрешноста на Андите.

Кинеската државна компанија „COSCO“ досега вложила 1,3 милијарди долари за изградба на пристаништето Чанкај, кое се наоѓа на околу 70 километри северно од главниот град Лима.

Кога целосно ќе биде готово, ќе чини вкупно околу 3,5 милијарди долари, ќе има 15 пристапни пристаништа и товарен тунел долг два километри. „COSCO“ ќе има сопственички удел од 60 отсто, и право да управува со него во наредните 30 години.

Јужноамерикански Сингапур

Политичарите и економистите во Лима се надеваат дека морската порта, која ќе го скрати времето потребно за транспорт на стоки од Кина во Јужна Америка од десет до месец дена, ќе ја претвори нивната земја во еден вид јужноамерикански Сингапур, односно стратешко регионално трговско упориште, бидејќи овој тип на инфраструктура е исклучително скапа и со самото тоа многу ретка.

Имено, до сега ниту едно друго пристаниште во Јужна Америка немало можност да биде домаќин на мега бродови со капацитет од 24.000 контејнери, кои ќе можат да пристануваат во Чанкај.

Може да се каже и дека ова пристаниште за извесно време ќе го ублажи проблемот со кочење на меѓународната трговска размена предизвикана од малиот транзитен капацитет на Панамскиот канал, како и одложувањата и откажувањето на плановите за изградба на нов, поширок вештачки воден пат кој би ги поврзал Тихиот и Атлантскиот океан.

Претседателката на Перу, Дина Болуарте, изјави дека пристаништето Чанкај (во сегашната почетна фаза) ќе го зголеми БДП-то на нејзината земја за еден отсто годишно. Додаде дека благодарение на него Перу „ќе се позиционира како еден од клучните фактори во светската трговија, што ќе се преточи во нови инвестиции“.

Перуанските експерти тврдат дека покрај тоа што ќе може да прими огромни бродови способни да превезуваат 24.000 контејнери, пристаништето Чанкај ќе има предност во однос на друга слична инфраструктура на брегот на Пацификот благодарение на примената на најновите технологии кои значително го скратуваат потребното време за утовар и истовар.

Важна алка во кинеската континенталната стратегија

Перуанското мега пристаниште ќе го олесни приливот на кинески стоки и транспортот на јужноамерикански суровини, со што ќе овозможи уште посилно кинеско економско присуство во Латинска Америка и подобро снабдување на кинеското стопанство.

Вкупната трговска размена меѓу Кина и Латинска Америка се зголеми од 12 и пол милијарди во 2000 година на дури 483 милијарди долари во 2022 година. Кина увезува многу земјоделски производи од Јужна Америка, особено соја и месо, руди како литиум, бакар и железо, а извезува пред се паметни телефони и друга електроника, машини и хемикалии.

Во периодот од 2005 до 2020 година, кинеските банки позајмиле околу 137 милијарди долари на владите во Латинска Америка. Дури 22 латиноамерикански држави се вклучени во големата кинеска инвестициска програма за зајакнување на економската соработка со странските земји „Појас и пат“.

Исто така, Кина е најголемиот надворешно трговски партнер на Перу.

Чанкај ќе биде од особено значење за понатамошниот кинески извоз на тој континент бидејќи производителите на автомобили како „BYD“ и „Gilia“ планираат значително зголемување на продажбата на нивните (евтини, но квалитетни) електрични возила – кинеските електрични автомобили веќе се шират со молскавична брзина во Бразил.

Во последниве години, Кина вложува големи напори да ја прошири трговијата со земјите во развој, таканаречениот „глобален југ“ – државите од Југоисточна Азија, Африка и Јужна Америка, со цел да ги намали или неутрализира штетите предизвикани од економските санкции (како што се царини, квоти и забрани за увоз) кои во значителна мера поради геополитички причини, против неа ги воведуваат западните земји.

Пристаништето, исто така, ќе има важно безбедносно значење за Кина, бидејќи нејзините бродови повеќе нема да мора да се потпираат во иста мера на Панамскиот канал, кој, иако Пекинг инвестираше многу во неговата инфраструктура во последните години, сè уште е под силно политичкото влијание на Вашингтон и, воено гледано, лесно може да биде блокирано однадвор со подморници и воени бродови.

Се чини дека пристаништето во Чанкај дури и дава на владата во Пекинг дополнителен политички инструмент за притисок врз сепаратистичките сили во Тајван. Ова може да се заклучи од фактот дека перуанската влада неодамна одби да му издаде виза на тајванскиот учесник на самитот АРЕС, поранешниот премиер и потпретседател на Тајван ,Чен Чиенџин, кој доаѓа од владејачката Демократска напредна партија, која отворено се залага за де факто сецесија на островот.

Медиумите во источна Азија дури шпекулираат дека Перу, како членка на мултилатералниот договор за слободна трговија на пацифичките земји „Сеопфатно прогресивно транспацифичко партнерство“ (CPTPP), би можело да го спречи пристапот на Тајван кон тој важен трговски механизам на повик на Пекинг.

Испрати коментар

Scroll To Top