Насловна / Архитектура / „Атлас на македонската модерна архитектура“, изложба во Битола на Третата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти

„Атлас на македонската модерна архитектура“, изложба во Битола на Третата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти

Во рамки на Третата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, ќе биде отворена изложбата „Атлас на македонската модерна архитектура“, а истата ќе биде поставена во Офицерскиот дом во Битола, од 29. ноември 2024 до 13 декември 2024. Како резултат на истоимениот истражувачки проект од 2022 година, изложбата за прв пат е поставена во Скопје истата година, а годинава во Битола ќе биде презентирана во делумно изменет формат и адаптирана на изложбениот простор. Во продолжение пренесуваме краток опис од авторите, како вовед во изложбата:

„Основна цел на истражувачкиот проект „Атлас на македонската модерна архитектура“ е препознавање, документирање, проучување и вреднување на модернистичкото архитектонско наследство од втората половина на XX век на територијата на Република Македонија. Преку јавно претставување и промоција на вредните архитектонски остварувања во периодот 1945-1985 година, проектот има за цел да укаже на обемот, квалитетот и прогресивниот модернизациски и еманципаторски карактер на овој сегмент од поновата македонска архитектонска историја.

Периодот по Втората светска војна за Македонија е означен со силен бран на модернизација, која има за цел да ја обнови земјата излезена од војна, да ја индустријализира, да го образува и еманципира нејзиното население, што ќе води кон реализација на комплексни проектантски задачи како патишта, индустриско-технолошки постројки, како и мноштво градби од јавен карактер во доменот на образованието, здравството, културата, управувањето итн.

Во планирањето и обликувањето на македонските градови доминантна парадигма се поставките на ЦИАМ и Атинската повелба, насочени кон јасно функционално зонирање на градските содржини и морфолошки автономни градби опкружени со зеленило и уредени јавни простори. Во делот на архитектонското обликување, силниот повоен бран на модернизација претставува комбинација од скромните предвоени искуства, знаењата кои посредно доаѓаат од Западот преку архитектите кои се школувале и твореле во поразвиените југословенски архитектонски центри, надополнети со првите генерации школувани македонски архитекти.

Во првите повоени години бројни македонски автори се под силно влијание на концептите на Интернационалниот стил, влијанијата од Баухаус и творештвото на Ле Корбизје. Во подоцните декади оваа тенденција продолжува, дополнета со доцно-модерните влијанија кои доаѓаат од разни архитектонски центри од Европа и светот, што особено се забележува во постземјотресната обнова и изградба на Скопје. Во помал или во поголем обем овие влијанија последователно се шират и низ останатите македонски градови, преку творештвото на локални автори или преку ангажманот на некои од најзначајните личности на македонската модерна архитектура.

Атласот на македонската модерна архитектура регистрира и мапира повеќе од 500 индивидуални архитектонски реализации изградени во периодот 1945-1985 година, од кои преку 100-тина се документирани, а повеќе од 40 избрани градби се претставени во форма на тродимензионални архитектонски модели. Избраните примери го привлекоа нашето внимание заради нивната програмска, типолошка и обликовна разноликост, преку која всушност можеме да ги реконструираме и особеностите и квалитетот на македонскиот архитектонски пејзаж во втората половина на XX век.

Од причина што модернистичкото архитектонско наследство на градот Скопје претставува посебен истражувачки случај и предмет на серија претходни истражувања на авторите, главниот фокус на овој истражувачки проект е насочен кон претставување и промоција на – за јавноста – помалку познатото творештво од македонските градови.“

Авторски тим на изложбата: Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски.

Соработници: Марија Петрова, Верица Ризова, Елеонора Божиноска, Ирена Парчеклиева, Елеонора Михаиловска, Tеодора Стеваноска, Кристијан Ристoвски, Фросина Станковска, Љупка Коцева, Бојана Станковска, Сениха Халил, Махмуд Тале.

Испрати коментар

Scroll To Top