Насловна / Арт и дизајн / Извадоци од колекционерската одаја на Влатко Милошевски (3) „Сликарот Готард Бауер во Прилеп“

Извадоци од колекционерската одаја на Влатко Милошевски (3) „Сликарот Готард Бауер во Прилеп“

„Господине Милошевски, ви пишувам во име на 93-годишната   (Stephanie von Marosfalvy) која живее во Минхен и е ќерка на сликарот Готард Бауер (Gotthard Bauer) (1887-1976)“ – започна неочекуваната порака од електронската пошта испратена до мене, од госпоѓа Andrea Sörgel-Bauer, која била мажена за еден друг Готард Бауер чиј што дедо бил брат на сликарот Готард Бауер. „Госпоѓа фон Маросфалви во нејзината колекција од татко ѝ најде неколку цртежи од неговиот престој во Македонија во 1917 година. Дали сте заинтересирани да ги купите?“, ме прашува госпоѓа Андреа.

Готард Бауер (Gotthard Bauer) (1887-1976) – Плетвар, патот за накај Мариово, цртеж, 1917

Сите цртежи се од Прилеп од 1917 година. Некои се студии со молив а некои акварели. Особено е интересен оној од Плетвар со тоа сликовиот патче кое како некаква змија се спушта од Плетвар кон Мариово. Денес тоа патче е пусто, но на цртежот од пред сто години се гледа како по него крстосувале селани и пазарџии. На друг акварел пак се гледаат македонските биволи кои одмараат крај некоја џамија во Прилеп. За жал денес во Македонија ги нема овие грациозни животни. Цртежите се вистински времеплов. Со еден поглед кон нив ви станува јасно колку многу се сменила Македонија во минативе 100 години. Им објаснив на семејството Бауер дека јас не сум богат човек. Сакам да ги имам црежите во склоп на проектот „Лексикон“ , кој е непрофитен и чија цел е запознавање на луѓето од Македонија со сите овие странски сликари кои нѐ посетиле меѓу 1850 и 1950 година и на кои Македонија им била ликовна муза и инспирација. Доколку ги имам тие цртежи , тогаш ќе ги донесам во Македонија и ќе ги покажам на јавноста и ќе ја раскажам приказната за Готард Бауер. Им понудив ниска но фер цена. Старата ќерка на сликарот ја прифати понудата. Ѝ падна мило што некој си од Македонија ќе вложи труд да го овековечи делото од татко и.

Готард Бауер (Gotthard Bauer) (1887-1976) На задушница, Прилеп, 1917, акварел

Готард Бауер (Gotthard Bauer) (1887-1976) Двор со семејство во Прилеп, 1917, цртеж

Се надевав дека старата госпоѓа Стефани фон Маросфалви знае некоја приказна или анегдота од македонскиот престој на нејзиниот татко во Прилеп во 1917 година. Единствено што госпоѓата знаеше е дека татко ѝ во некоја битка околу Прилеп загубил прст на левата рака. И за жал, не сакал многу да зборува со децата ниту за Првата, ниту за Втората светска војна.

Готард Бауер (Gotthard Bauer) (1887-1976) Девојче, Прилепчанче, 1917, акварел

Баварскиот сликар Готард Бауер (Gotthard Bauer )(1887-1976). студирал ликовна академија во Минхен. Во Првата светска војна е војник на македонскиот фронт и бил сместен во Прилеп. По првата Светска војна работи во САД каде што ги црта фреските на католичката црква „Свети Петар и Павле“ во Милвоки, и Катедралната Базилика во Сент Луис. Потоа се враќа во Германија каде што формира своја фирма за реставрација и цртање на фрески во Солин крај Минхен. Втората Светска војна ја поминува во Минхен, со сопругата Стефани (1899-1990) и неговите две деца Рудолф (1928-1980) и Стефани помалата (1930- ). Неговите слики се наоѓаат во Музејот Леонарди и Архитектонскиот музеј во Минхен.

Готард Бауер (Gotthard Bauer) (1887-1976) , Џамија во Прилеп, акварел 1917

Ќерка му Стефани која ми ги продава цртежите има интересна животна приказна. Во 1950 година во Минхен го сретнува својот животен партнер – сиромашниот Унгарец Александер вон Маросфалви (Alexander von Marosfalvy) (1914-1987) кој имал дуќанче за шиење и поправка на машка и женска долна облека. Во тие повоени години, Германија била разорена, сиромашна и поделена. Било луксуз човек да си купи нови гаќи. Дуќанчето го кристиле „ERVY” по последните две букви од името и последните две букви од презимето на Александер.

Госпоѓата Стефани вон Маросфалви ( која ми ги продаде цртежите) со сопругот Александер, 1952 година во Минхен

Бизнисот на Стефани и Александер одел добро. Во 1950 решаваат наместо гаќи да шијат облека за гимнастичари. Две години подоцна нивната облека ќе ја носат германските гимнастичарки на олимпијадата во Хелсинки во 1952 година. Од тој момент, бизнисот експлодира од пораст – се родил меѓународно познатиот бренд „ERVY Sports Fashion GmbH“ за спортска облека за гимнастичари. Денес се присутни со дуќани во 21 земја во светот.

Звучи надреално како #Македонија ме поврза со оваа стара госпоѓа. Во 1929 година унгарскиот писател Frigyes Karinthy објави теорија со која тврди дека можно е да се поврзат било кои двајца луѓе на планетата Земја во најмногу 6 чекори. Мојата врска со оваа Баварска модна грофица ја потврдува оваа теорија.

Редакцијата на „Порта 3“ со задоволство ги пренесува и споделува дел од колекционерските ризници на Влатко Милошевски и на тој начин сака да ја поддржи неговата мисија.

Линк до неговата веб траница: тука
Линк до неговата фејсбук страница: тука

Испрати коментар

Scroll To Top