Насловна / Вести / ЕУ усвои построги правила на третман на урбаните отпадни води

ЕУ усвои построги правила на третман на урбаните отпадни води

Советот на Европската унија ја одобри ревидираната Директива за третман на урбаните отпадни води. Опфатот е проширен на помалите населби, повеќе извори на загадување и микрозагадувачи.

Директивата на ЕУ за третман на урбаните отпадни води е усвоена во 1991 година. Со евалуацијата од 2019 година, утврдено е дека соединенијата кои се вбројуваат во загадувачи и некои извори на загадување, како помалите населби, не се адекватно регулирани, поради што Европската Комисија во октомври 2022 година, предложила изменета верзија, а конечниот договор помеѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент е постигнат на 29-ти јануари оваа година. Новите правила ги обврзуваат државите членки да ја собираат и прочистуваат отпадната вода од сите населби кои имаат над 1.000 еквивалент жители, додека претходно овој праг изнесувал 2.000. Еквивалентот на популацијата се користи за пресметување на загадувањето на урбаните отпадни води.

Пред крајот на 2035 година, сите населби кои имаат помеѓу 1.000 и 2.000 еквивалент жители, ќе мораат да имаат системи за собирање на отпадните води, на кои би биле приклучени сите извори на домашни отпадни води. Исто така, ќе биде задолжително отстранување на биоразградливи органски материи пред испуштањето во животната средина. Усвоен е исклучок за членките во кои покриеноста со системи за собирање на отпадните води е многу ниска и државите кои последни се приклучиле во ЕУ: Романија, Бугарија и Хрватска. Од 2039 година, постројките кои преработуваат отпадни води за еквивалент на број на жители од над 150.000, ќе мора да ги отстрануваат азотот и фосфорот, а од 2045 година ќе биде задолжителен дополнителен третман за отстранување на микрозагадувачите. Фармацевтските и козметичките компании ќе мора значително да придонесат во третманот на отпадните води бидејќи тие се главен извор на микрозагадување во тој сегмент. Според новата регулатива, производителите ќе мораат да платат најмалку 80% дополнителни трошоци за третман на отпадните води поради нивниот придонес во загадувањето, и тоа преку посебна финансиска шема – продолжена одговорност на производителот, а се во согласност со принципот „загадувачот плаќа“. Новите правила носат и цел поврзана со користењето на енергија од обновливи извори. Имено, почнувајќи од 2045 година, постројките со оптоварување од 10.000 еквивалент домаќинства и повеќе, ќе мора да користат енергија од обновливи извори. Откако директивата ќе стапи на сила, државите членки имаат рок од 31 месец да ја имплементираат во националното законодавство.

Иако ажурираната директива ги зема во предвид послабите капацитети на Бугарија и Романија за исполнување на стандардите, имплементацијата останува предизвик. Притоа се истакнуваат финансиските бариери како клучен проблем.

 

Испрати коментар

Scroll To Top