Жителите на само седум земји во светот дишат чист воздух, се вели во извештајот за 2023 година на компанијата IQAir. Тоа се: Маурициус (кој може да се пофали со најчист воздух меѓу земјите), Исланд, Гренада, Нов Зеланд, Австралија, Естонија и Финска.
За да може воздухот во одредена област да се дефинира како чист, неговите просечни годишни концентрации на ситни загадувачки честички PM 2,5 не смеат да ги надминуваат границите препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), а кои изнесуваат 5 µg/m3.
Научниците анализирале податоци од над 30.000 мерни станици за квалитетот на воздухот лоцирани во вкупно 134 земји, територии и региони.
Најголемото загадување на воздухот, односно најголемото„пробивање“ на препораките на СЗО за повеќе од петнаесет пати, забележано е во Бангладеш, каде просечната концентрација на РМ 2,5 честички во годината позади нас достигнала дури 79,9 μg/m3.
По Бангладеш следат Пакистан (73,7 µg/m3), Индија (54,4 µg/m3), Таџикистан (49,0 µg/m3) и Буркина Фасо (46,6 µg/m3).
Меѓутоа, приказната за разорната состојба на воздухот на планетата не застанува на наведените места.
Како што се наведува, дури 92,5% од земјите, териториите и регионите – кои се вклучени во анализата – ја надминуваат препорачаната годишна вредност на PM 2,5 честичките од 5 µg/m3.
Меѓу нив е и Македонија.
Достигнувајќи 25,2 μg/m3, ниво на РМ 2,5 честички во нашата земја се пласиравме на 45. позиција на листата на места со најзагаден воздух.
Кога фокусот ќе се стесни и кога се набљудува исклучиво европскиот континент, нашата земја е на чело на листата на најзагаден воздух, пред нас е само Босна и Херцеговина со 27,5 µg/m3.
„Итно се потребни локални, национални и меѓународни напори за следење на квалитетот на воздухот на места со недоволни ресурси… и да се намали нашата зависност од согорувањето како извор на енергија“, вели научникот Ејдан Фароуод од организацијата Greenpeace International.
Според пресметките на СЗО, загадувањето на воздухот убива седум милиони луѓе на глобално ниво секоја година. Тоа е годишна смртност повеќе отколку од СИДА, маларија и туберкулоза заедно.
„Во 2023 година, загадувањето на воздухот остана глобална здравствена катастрофа“, заклучи Фароу и ја нагласи потребата од ублажување на неправдите и спроведување решенија за овој проблем.