Отпадот од секторот обновливи извори на енергија станува се поголема глобална грижа. Стандардниот век на траење на ветерните електрани на копно е од 20 до 25 години. Помеѓу 85 и 90% од масата на ветерните турбини може повторно да биде употребена низ процес на рециклирање. Но, шведската компанија Vattenffal, пронашла уште еден начин за повторна употреба на старите ветерни турбини. Компанијата ги ангажирала архитектонските и дизајнерски куќи Superuse Studios (со нејзиниот огранок Blade–made), Studio Carbon и Interactivist. Така, најмалото куќиште на ветерна турбина е трансформирано во станбен простор со површина од 36 квадратни метри. Станува збор за дел од машината V20, со моќност од 2MW, која во текот на својот работен век од полни 20 години во ветернот парк во Австрија, произвела 73GWh електрична енергија.
Куќичката долга десет, широка четири и висока три метри, ги исполнува градежните прописи, и затоа е искористлива или за домување или за користење во текот на одморите, соопштила компанијата. Опремена е со еколошки произведен мебел, вклучувајќи и маса од материјал добиен со рециклажа на турбински лопатки. Има топлинска пумпа, соларни термални колектори и фотовоилатици. Според одговорните од Superuse, најмалку десет илјади куќишта од оваа генерација на ветерни турбини се достапни ширум светот и најголем дел од нив сеуште не се повлечени од употреба.
Во текот на Неделата на дизајнот во Холандија, одржана од 19-ти до 27-ми октомври, прикажани се уште три концепти за користење на старите ветерни турбини. Станува збор за пловечки острови од лопатки од турбини, уметнички дела од податоците за работа на ветерните електрани и визија за иднината од повторната употреба на деловите на турбините.