Македонската архитектура остана без уште еден нејзин истакнат творец. Замина архитект Александар Смилевски (1939 – 2024), оставајќи трага со своето богато и разновидно творештво. Почина уште еден архитект од херојската генерација на македонски архитекти која полека си заминува од сцената.
Смилевски, роден скопјанец, беше дел од онаа златна генерација архитекти која создаваше современа архитектура, генерација која го даде идентитетот на нашата архитектура, која ги обликуваше градовите во земјата, но и вон локалните граници. Неговото име ќе заземе значително место во историјата на модерната архитектура.
Александар Смилевски целиот свој живот го посвети на архитектурата, никогаш не престана да верува и да се бори за неа. Тој со своите дела го обележа повоеното градителство во Македонија и во поранешна Југославија. Беше сведок на значајни случувања на македонската архитектонска сцена, творец на значајни објекти.
Сите луѓе се обележани со некаков идентитет, неговите објекти го создаваат тој идентитет, ја формираат сликата на градот, ги формираат луѓето кои се корисници на тие објекти, без разлика дали во нив живеат, работат или учат. Неговите објекти го имаат она што денес ни недостасува, имаат јасна типолошка референца со постојниот контекст, и природен и артифициелен, обезбедуваат просторна единственост и идентитет.
Станбените кули од станбениот комплекс „Градски ѕид“ во Скопје, фото: Б. Јурмовски, МАРХ
Смилевски во своите објекти покажува исклучителен осет за организација на просторот, внесувајќи современи трендови во проектирањето, на пример на становите како функционалност и флексибилност, притоа овозможувајќи им комфорно и хумано домување на идните корисници. Но нему му е важна и силуетата на објектите. Се сеќавам како често ми ја покажуваше силуетата помеѓу две згради (повисока и пониска) во населбата Ново Лисиче во Скопје и како се радуваше на пешачката улица меѓу објектите, врамена со игра на маси и кровови која го оформува можеби најурбаниот дел на градот. Велеше „најубава е на зајдисонце кога се истакнуваат сенките“.
Ново Лисиче, Скопје
Смилевски ми беше првиот технички директор кога работев во „Македонијапроект“. Беше непосреден, позитивен, комуникативен, градски и беше авторитет. Авторитет не затоа што беше строг, токму спротивното, беше мошне пријатен, опуштен, но неговото творештво го правеше голем. Затоа сите проектанти се консултираа за својата работа со него, а неговите сугестии и мислење им беа важни и се почитуваа.
Станбените кули во Карпош 4, Скопје
Ацо Смилевски, како што го викаа пријателите беше и цртач. Во напливот на технолошките алатки, денес мал број архитекти се цртачи. Ацо во слободно време сликаше акварели, најчесто пејзажи и ги подаруваше на пријатели и на драги луѓе.
Смилевски и по пензионирање не престана да биде активен и да се залага за архитектурата, со жалење да ги следи случувањата во градот, особено во урбанистичкото планирање и во обликувањето. Беше упорен во инсистирањето на истакнување на значењето на архитектонското творештво во периодот од 60-тиите до крајот на 80-тите години на 20 век, кога се создадени најзначајните објекти. Сметаше дека тој период од архитектурата мора да се публикува, истакнува, да се зборува, затоа што се покажува дека сме знаеле и умееле. Да биде еден вид и потсетник на она како се создава архитектура. Затоа што како што има примери од кои се учи како треба, има и примери од кои се учи како не треба.
Дом на културата Битола со Марко Мушич, ентериер Љубица Никољска
Заедно бевме во Софија каде ААМ организираше изложба на 25 добитници на наградата „Андреја Дамјанов. Додека шетавме низ градот Смилевски правеше само две работи, гледаше објекти и ги коментираше, зборуваше за нивната архитектура и влегуваше во буквално секоја книжарница на која ќе наидевме и бараше книги за архитектура.
Детската градинка „Астибо“ во Штип (со арх. Љ. Никољска), фото: Б. Јурмовски, МАРХ
Во 2008 година како круна на неговото творештво ААМ му ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело и за достигнувања во архитектурата и градителството со што стана член на Академијата на архитекти при Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Вечен спомен на почитуваниот архитект Александар Смилевски.
Станбените кули, Капиштец, Скопје
Александар Смилевски е роден во Скопје во 1939 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје 1963 г. По дипломирањето се вработил како проектант во Институтот за студии и проектирање на ГП „Бетон“ во Скопје. Во 1988 година е избран за директор на Институтот од каде што во 1991 година се префрлил во претпријатието „Технометал-Вардар” каде што работел на проектот „Запорожје“ за Украина. Во 1995 година преминува во фирмата „Астрекс“ во Скопје за која што работел во градот Омск во Русија. По враќањето во 1998 година работи во проектантската организација „Македонијапроект“ каде што бил технички директот до 2000 година кога ја напуштил и преминал да работи како слободен архитект.
НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА
- 1981 Специјална награда на БИМАС, за реализацијата на проектот за Домот на културата во Битола
- 1982 Специјална награда на БИМАС за станбените кули во населбата Железарница во Скопје
- 1989 Специјална награда на БИМАС, за станбениот комплекс „Капиштец“ во Скопје
- 2008 добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ од Асоцијација на архитекти на Македонија – ААМ
ПОЗНАЧАЈНИ ОБЈЕКТИ
- 1966 Станбените кули, тип „Б“ (П+М+12) од станбениот комплекс „Градски ѕид“ во Скопје
- 1968 Гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, (со арх. Н. Богачев)
- 1972 Станбениот блок „Грозд“ (П+4 – П+7) во Битола
- 1976 Станбените кули (П+М+16) во населбата Карпош IV во Скопје
- 1976 Станбените кули (П+10 – П+12) во населбата Железарница во Скопје (со арх. Љ. Гогов)
- 1976 Дом на културата Битола со Марко Мушич, ентериер Љубица Никољска
- 1977 Градскиот реон Аеродром (сега Јане Сандански) во Скопје (со тим)
- 1978 Детската градинка „Астибо“ во Штип (со арх. Љ. Никољска)
- 1979 Хотелот на Р. Г. О. Бетон во Охрид (реконструкција и надградба)
- 1980 Надзорно-управната зграда на хидромелиоративниот систем „Стрежево“, Битолско
- 1981 Станбената единка на соседството „А3-4“ на Градскиот реон во Ново Лисиче во Скопје (со арх. Љ. Гогов, П. Гребенарска и Д. Јанчулев).