Насловна / Архитектура / Јавен тоалет во Швајцарија кој укажува дека архитектурата се исплати

Јавен тоалет во Швајцарија кој укажува дека архитектурата се исплати

Гријер во Швајцарија е познат по кравјо сирење, идеално за фонди. Ова е причината зошто овој мал град во кантонот Фрибур е вистински магнет за туристите, а таму каде што има туристи потребни се и јавни тоалети.

Еден од нив е изграден на одморалиште од осумдесеттите години на минатиот век и ја отслужил својата намена. Но, не е урнат и на наместо него поставен контејнер, туку под диригентската палка на бирото BARAKI поминал темелна реконструкција и станал украс на градот.

Еден од највпечатливите елементи на реновирањето е фасадата покриена со огледала, која ги прикрива споевите на тоалетните кабини, притоа рефлектирајќи го околниот пејзаж, создавајќи впечаток на бесконечен простор. Рефлектирачкиот материјал го спојува објектот со околината, минимизирајќи го визуелното влијание на новите материјали.

Надворешна облога од локален камен

Обликувана во духот на постмодернизмот, оригиналниот објект ги реинтерпретира вернакуларните материјали и архитектонските елементи, и е забележлив по својата армирано-бетонска основа и надворешното обложување од локален камен.

Ламинираната дрвена кровна рамка го носи двоводниот кров, а истовремено создава триаголен волумен кој се протега над влезниот дел, каде што формира настрешница, објаснуваат архитектите.

Бирото BARAKI од Лозана ја заменило внатрешната комуникација со директен пристап од покриениот влезен простор до индивидуалните тоалетни кабини, со цел да се олесни одржувањето и да се обезбеди безбедност и удобност на корисниците.

Иако клиентот првенствено барал практични подобрувања, тој дозволил архитектонска слобода, дозволувајќи му на проектантскиот тим креативно да го интегрира дизајнот со постоечката структура.

Внатре, кабините имаат чист, модерен изглед со ѕидови од нерѓосувачки челик и автоматизирани функции, што е во контраст со апстрактната надворешност.

Во надворешната зона, пред објектот е поставена урбана опрема, дизајнирана во соработка со Ели Фазел и Валентина Зибер од мултидисциплинарната дизајнерска канцеларија Work Matter од Париз.

Овој мобилијар го збогатува просторот на покриената површина, потикнувајќи ги посетителите да останат тука. Мебелот од метал и нерѓосувачки челик е интегриран во префабрикувани бетонски блокови, додавајќи функционалност и удобност.

Инвестирањето во архитектурата се исплати

Овој проект е важен бидејќи покажува колку архитектурата може да го подигне квалитетот на просторот и да додаде вредност на целиот локалитет. Сосема обичен јавен тоалет доби многу позначајна функција, од што е неговата основна. Инвестирањето во архитектурата се исплати.

Испрати коментар

Scroll To Top