Насловна / Арт и дизајн / BIG Design Festival во Љубљана

BIG Design Festival во Љубљана

BIG Design Festival е настан кој се случува и расте во Љубљана уште од 2003 година, истакнувајќи го најдоброто од дизајнот преку инспиративна програма. Овогодинешниот фестивал се одржа од 10. до 12. октомври во центарот на Љубљана. Како дел од програмата беа бројни презентации, изложби, дебати, панел дискусии, дизајн конференции, кулинарски перформанс, различни предавања и многу можности за вмрежување со дизајнери, посетители и професионалци.

Главни теми во фокус оваа година беа дискусии за глобализација, пристуство на ВИ во дизајнот, промоција во медиумите и  образовниот пристап кон дизајнот, како и форуми за иновација и конференции за влијанието на дизајнот врз напредокот.

Фестивалот годинава беше богат со низа креативни содржини што инспирираа професионалци и ентузијасти од различни сектори на дизајнот. Еден од најзабележителните панели беше посветен на улогата на вештачката интелигенција во дизајнот, каде што учесниците разговараа за нејзините потенцијални и етички последици. Присутните имаа можност да слушнат различни перспективи и мислења од експерти кои се занимаваат со оваа тема, кои нагласија како ВИ веќе влијае на процесите на креативното изразување и иновација, но исто така и предупредија на потребата за одговорен пристап и адаптација.

Теми на дебатите кои беа дел од програмата се однесуваа на поврзаноста на формалното и неформалното образование во дизајнот и како тие ги подготвуваат идните професионалци за предизвиците во дизајнерската индустрија. Целта беше да се обединат професори, декани, раководители на програми за да ги дискутираат можностите и предизвиците кои ги носи формалното образование. Дизајнот и медиумите, поточно промените во новинарството преку дигитализација беше тема на дебатата на која главен фокус зема преминот од печатено кон дигитално новинарство, улогата на социјалните мрежи во обликувањето на јавната парцепција и трендови и пораст на влијанието на дизајнерските блогери. Дискусијата меѓу новинари, дизајнери и претставници од медиумите ја испитаа можноста и предизвиците на дигиталните и социјални медиуми, фокусирајќи се на нивното влијание врз квалитетот, кредибилитетот и одржливоста на дизајнерското новинарство.

BIG Design Exhibition со изложбените павилјони на улиците и останати засебни простории, продавници, галерии, музеи, студија, ресторани и кафулиња во срцето на Љубљана претставуваше креативен центар за размена на нов, добар дизајн, иновации и искуства со посетителите. На оваа изложба се претставија 13 македонски дизајнери, како групна поставка преку изложбениот салон „Лаб дизајн маркет“, што беше прво нивно групно претставување надвор од Македонија. Македонските дизајнери Armma, Epoxy, Dana Ando, Elena Ristovska, Ludus, Marinov, Mamka, Mikka, Nomad, Serbez, Solar, Le Brand и Ksenija Kotev претставија дел од нивните дизајни како дел од програмата на BIG Design Festival и имаа можност да го тестираат пазарот, да лансираат нови дизајни и да се поврзат со поширока публика која препознава добар дизајн.

Дополнително, уникатен впечаток остави и кулинарскиот перформанс, кој ги поврза гастрономијата и дизајнот во еден интерактивен настан, каде што посетителите беа поканети да учествуваат во дегустации кои ја поврзуваат храната со принципите на уметничкиот израз.

Главен дел од програмата на овој фестивал е доделување награди на победничките проекти за продукт и моден дизајн. Покрај прикажувањето на наградените дела и добитниците на наградите, истите имаа можност да ги споделат своите визии и перспективи, поттикнувајќи дискусии кои ја обликуваат идната насока на дизајнот. Оваа платформа овозможува размена на иновативни идеи, истакувајќи како креативноста и стратешкото размислување може да одговорат на современите предизвици.

Низ претставувањето на наградените проекти, збор земаа и архитекти, добиници на BIG SEE награда од претходните години, кои се веќе дел од оваа заедница, презентирајќи проекти на кои работат. На овие презентации учество зема Марија Димитриевска – Цилакова од архитектонското студио Архитектура Нова, добитник на BIG SEE награда за архитектура во 2023 година чија презентација се однесување на “Cultivating Landscape”.Во рамките на фестивалот се одржа и церемонија за доделување на Grand Prix награди, кои беа доделени на најистакнатите проекти кои внесуваат иновативност, одржливост, естетика и значење во полето на дизајнот. Дел од нив со својот пристап, не само што импресионираа со својата функционалност, туку и со нивната еколошка и социјална свест. Сите проекти се достапни на веб страната на BIG SEE (https://bigsee.eu/).

Со затворањето на овогодинешниот фестивал, BIG Design ја потврди својата улога како важен настан и центар за вмрежување, инспирација и унапредување на дизајнерската индустрија во регионот и пошироко, како и за поддршка на креативноста и иновациите што имаат моќ да вликаат на локалната и глобалната заедница.

Во претстојниот период, ни следува фестивалот BIG Architecture кој ќе се одржи на 22. и 23. мај следната година во Порторож, Словенија.

 

 

Автор: Ана БОЈАЏИЕВСКА, BIG SEE координатор во Македонија

Photo credits: Jana Primc

Испрати коментар

Scroll To Top